Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 22 месеци, а јас како мајка сакам да го поминувам целото слободно време со него, заедно играме, смислуваме нови игри, изработуваме едукативни игри и сè е во најдобар ред, но доколку се појават свекорот и свекрвата, тој сè остава за да оди долу кај нив, бидејќи живееме во заедница. Кога се тие дома, јас поретко сум со син ми, само го земам доколку треба да јаде или да спие и тоа ужасно многу ми пречи. Пробав со убаво да им кажам дека детето треба да поминува време и со мајка му и татко му, но веднаш се налутија. А кога детето е со нив и ако сум јас тука, тоа доаѓа и ме удира. Баба му ги гледа сите работи што ги правиме заедно, па потоа ги прават и тие истите работи заедно со син ми долу. Ако му пуштам некоја песничка што ја сака, истата му ја пушта и таа, едноставно не можам да најдам нешто што би можеле да го правиме само ние заедно. Ми се појавува анксиозност, а најлошо е што ни мојот сопруг не ме поддржува – ако се пожалам, ги оправдува. Како да му пристапам на син ми, како повторно да го придобијам и кога не сме сами, убаво да се однесува со мене. Искрено, кога знам дека тие се дома, излегувам надвор со син ми и не сакам да се вратам дома.


ОДГОВОР: Сосема ја разбирам вашата грижа и чувството на вознемиреност. Колку што можев да разберам, вие живеете во заедница со вашиот свекор и свекрва, но на посебни катови. Никаде не споменавте дали вие сте во работен однос и кој го чува детето доколку сте на работа.

Можам да забележам дека ве вознемирува фактот што вашиот син сака да поминува време со баба и дедо и кога е во нивно присуство, вас ве одбива. Кај децата на оваа возраст сите членови во семејството се нивна прва социјализација и личности со кои ќе ги развиваат своите емоционални и социјални вештини. Сите ликови во семејството се интересни за детето. За да воспоставите структурирање на семејните граници и нова семејна динамика, тоа треба да го направите соочувајќи се си вашето дете, а не со другите членови од семејството.

Додека се трошите себеси смислувајќи идеи како да го придобиете, вашето дете добива поголема психолошка моќ во договарање и компромитирање со вас, станува пофрустрирано за ситуации или нешта што не му ги дозволувате. Обидете се да се договорите со вашето дете во кој дел од денот и колку време да поминува со нив. Таквото време треба секој ден да е во ист временски дијапазон за да создава поголема структурираност и детето да го дочекува одењето, а со тоа да научи дека времето поминато со баба и дедо е ограничено.

Едноставно детето подобро се справува со фрустрација и стрес кога знае што го очекува. Ваквиот договор споделете го и со другите членови на семејството. На почеток наградете го или пофалете го секое почитување на договорот. Бидете доследни и не правете отстапки. Останете така прекрасна и креативна мајка. Создавајте време еден на еден, но без чувство на психолошки притисок, туку бидете спокојна бидејќи ако има некој што детето најмногу го сака – тоа е неговата мајка.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X