Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на дете од 5,5 години. Девојчето е многу умно (кога сака темпераментно, паметно, бистро), но не знам како да се справам со нејзиното пререкување. Таа со околината е мирна и послушна, но кога е дома со мене и со татко ѝ, нонстоп пребарува. Човек да не може кафе да се напие, а камоли муабет да направи. Пререкува како, на пример: „Јас сум овде главната, не сте вие“. Ако ѝ подвикнеме, таа ни враќа со детски заканувачки пораки. Постојано разговараме со неа дека тоа не е убаво, не треба така, објаснуваме и сликовито, но нештото се повторува. Дали можете да ни помогнете?

Прашува: Ивона

ОДГОВОР: Драга мајка, вашето дете е во возраст кога станува понезависно на физички и на когнитивен план. Социо-емоционалните врски стануваат силни и централни, но на оваа возраст детето нема потреба од постојано присуство на лицето што му обезбедува чувство на сигурност.
Во овој период потребно е од ваша страна дисциплинирање кое ќе остави доволно слобода за таа да истражува и да го осознава светот на возрасните. Одбивањето со „не“ или „не сакам“ во оваа возраст е резултат на поривот за независност од социо-емоционалната врска која му ја обезбедиле родителите.
Но ова не е исто што и протестот кој се јавува кај дете, кој може да биде одраз на усвоено лошо однесување по пат на модел од блиското или поширокото семејство или, пак, одраз на лоша комуникација меѓу детето и родителите. Ваквиот протест треба да го насочите во вид на преговарање, но не со совети кон неа за тоа како треба и што треба да прави, туку преку пример кој ќе го покажете најпрво вие како родители во вашиот брачен однос за потоа и секој од вас кон неа.

Честопати непожелното однесување кај дете се зацврстува доколку го коригираме на несоодветен начин. Во овој случај потребно е секогаш да го критикувате нејзиното однесување, но веднаш потоа да ја пофалите и уважите нејзината личност. На пример: „Начинот на кој ми го кажуваш ова не е карактеристика на вака прекрасно и културно девојче како тебе“. Со пораките пробајте да иницирате морален срам кај неа за да поттикнете увид и промена во однесувањето.

Користете секогаш „Јас пораки“, кои подразбираат јас, мене итн., што значи велите: Мене не ми се допаѓа начинот на кој ми се обраќаш, јас мислам дека ти можеш и треба да бидеш љубезно девојче со своите родители. Одбегнувајте и не користете „Ти пораки“ во комуникацијата, што подразбираат: „Ти не смееш… Ти не треба никогаш“. „Ти пораките“ упатени на мало дете го повредуваат неговиот личен интегритет, а детето останува збунето од суровата порака што му ја испраќате, па однесувањето може да се санира краткотрајно, во никој случај долготрајно. Користете ја и обработувајте ја секоја ситуација посебно, бидејќи воспитувањето е едно огромно неформално училиште за секое дете, каде што учителот сте вие и резултатот ќе зависи од вашата соработка. Но и не заборавајте денес и секој ден спонтано да ѝ кажете колку ја обожавате, дека е единствена и неповторлива на овој свет.

Одговара: Христина Стефановска, лиценциран психолог, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com / psihoterapika@gmail.com
]

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X