Воспитување

Постојано му повторуваше: „Сине, само ти да ми бидеш среќен“

„Сине, само ти да ми бидеш среќен…“, таткото само му повторуваше. „Не ми е тешко да се мачам толку, само ти утре да не мораш да се мачиш и да бидеш среќен.“

Од сето кажано, седумгодишното дете го запомни само ова: „Тоа што јас го правам е мачење, а јас се мачам заради тебе, ако те немам, не би се мачел.“ Лошата порака лесно се искривува. Овој родител на својот син му испратил многу вкрстени пораки.

Синот не ги формулирал добро, но сосема добро ги разбрал. „Сине мој, кога ќе пораснеш, немој да бидеш како мене“. „Сине мој, животот е едно мачење, за да те заштитам од него, јас ќе се мачам за двајцата.“ „Сине мој, јас се мачам за тебе и ти имаш обврска за мојата мака да ми вратиш така што ќе бидеш среќен.“ „Сине мој, да се биде родител значи баш ова што ти го покажувам.“

Се разбира дека не било така како што посакувал таткото. Родителите се прозорци низ кои детето го гледа цел универзум. Кога прозорецот е ваков, универзумот слабо се гледа. Синот пораснал во човек кој носи огромен товар на вина, особено кога ќе направи нешто што на родителите не им е по волја. Сепак, тие се жртвувале, мачеле, оделе во зима без чизми, за тој да успее и да биде среќен. Се чувствува неблагодарен бидејќи не е среќен, а не е ниту нешто особено успешен. Како секоја нивна мака да била залудна.

Интерпретацијата на таткото на животот како мачење нему му била длабоко усвоена како вистинита, така што долго пател од анксиозност, го поминувал животот исчекувајќи маки и мачење, развил заштита со контрола, внатрешен дијалог обележан со она „што ако“.

Кога добил свое дете, почнал да се жртвува. Прво ситно, така што не си купувал чизми за себе, а потоа сè покрупно, иако за тоа немал вистински причини. И тоа го довело до работ од каде што воделе само две патеки, а тој го избрал подобриот – да ја преиспита сопствената содржина. И имал среќа што во своите мемории ги има и ваквите изјави на татка си. Многу им е потешко на оние на кои родителите им прикажувале мачеништво, а тоа никогаш јасно не го формулирале. Ги мачи и вина, а не знаат од каде. Неговиот родител мислел дека постапува најдобро што умее. Всушност, не ни ја преиспитувал трансгенерациски напишаната улога на родителството: ако не се жртвуваш за детето, не си добар родител.

Жртвите може да создадат само сопствени спасители, но не и слободни луѓе. А само слободните луѓе може да се опуштат, да уживаат и да бидат среќни.


Обидот детето да се заштити на она место на кое родителите ги болело, на децата во наследство не им остава ништо друго освен таа иста болка. Ако родителите ги болела немаштијата, ќе ги боли и децата, и покрај сите добри намери на родителите да ги заштитат од неа. Едноставно е. Родителите се модел и според нив се формираат децата. Заштитните стратегии се пакет, покрај нив секогаш оди и она од кое се штитиме. Децата најмалку го слушаат она што им го велиме, а уште помалку разбираат толку големи зборови како што е среќата. Децата учат врз основа на она што родителите го покажуваат. Ако филмот и преводот се различни, детето ќе му верува на филмот. Верувањето во превод бара зрелост која повеќето од нас ја немаат до крајот на животот. Што и да сакаме нашите деца да бидат во иднина, тие ќе се движат во рамките на она што ќе го добијат од нас сега.

Она – јас сега ќе се мачам за тебе да ти биде полесно утре, никогаш не носи леснотија никому, а не е ниту евтино. Кога ќе дојде време за наплата, чини повеќе од инвестираното време и труд на родителите. Се враќа како долг на родителите за нивната мака. Долг неисплатлив. Се исплатува во среќа, бидејќи никој не знае каде да ја најде, па на мир да може да биде и несреќен ако сака. Долг. За нешто што ниту едно дете не го барало. А трпи штета. Трпеле и родителите.

И така трпењето генерациски се продолжува, бидејќи секој трпи денес, заради среќата на идните генерации. А таа среќа никако да пристигне. Додека еден од синовите или ќерките не заболи од вината, па да застане и да ги преиспитува сите тие наследства. Па да се запраша: кому сме му должни и за што? Дали сме должни иако не сме се задолжиле?

Вистинската намера на ваквите наследства никогаш и не била среќата, среќата е исклучена како можност, вистинската намера е жртвувањето. А на тоа може да се каже НЕ. Мора. Бидејќи без тоа НЕ, среќата е исклучена.

Автор: Лилјана Милиќ/ тренер за личен развој

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top