Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам мал проблем со ќерка ми која има 12 години. Во последниве 2-3 месеци постојано е нервозна. Ја прашувам во што е проблемот, но таа вели дека не е ништо. Јас како родител чувствувам дека нешто не е во ред. Ако нешто ѝ кажеме, одма избувнува и се нервира. Понекогаш сака да седи сама в соба со ТВ или со мобилен. Ве молам за совет.


ОДГОВОР: На оваа возраст децата почнуваат да се охрабруваат и да учат како да ги постават границите помеѓу нив и родителите. Таквата нагла промена од дете што кажувало и споделувало сѐ до дете кое не сака да зборува за работите што му се случуваат предизвикува страв кај родителот и чувство дека можеби ја губи контролата врз него.

Но не мора да значи дека е така. Наместо да ја притискате да споделува, разговарајте со класниот раководител, како се однесува и што прави на училиште, разговарајте со родителите на нејзините другарки. Ако гледате дека нема непријатни ситуации со кои таа не може да се справи, опуштете се.

Доколку гледате дека сепак се соочува со некои работи кои сака да ги реши сама, а нема ресурси и начини, тогаш понудете ѝ психолошка поддршка и советување со психолог со цел адресирање на евентуалниот проблем.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X