Терминот „деца со силен карактер“ првпат во литературата се појавил кога професорот д-р Џејмс Добсон вака ги дефинирал децата за кои другите би рекле дека се тврдоглави, непослушни или невоспитани. За истите работи размислувал и доктор Јеспер Јул, дански семеен терапевт, кој таквите деца ги нарекува „автономни деца“.

Доктор Јул ги опишува таквите деца како поединци кои од самото раѓање се на некој начин порешителни од другите, односно од повеќето други деца, а нивното однесување го дефинира како неприфаќање на она што нивните родители го сметаат за грижа и советување, односно нивно воспитување.

Едноставно, секогаш се поспремни да кажат „не“ за речиси сите работи доколку имаат можност да изберат и да се изразат на кој било начин.

Кога станува збор за „деца со силна волја“, д-р Добсон уште подлабоко го набљудувал нивното однесување и на тој начин дошол до многу заклучоци, меѓу кои:

Речиси никогаш не го прифаќаат зборот „невозможно“ или дека нешто е едноставно „невозможно да се направи“;

Тие се способни да се расправаат со вас докрај само за да видат до каде е вашата граница;

За нив правилата се само насоки за однесување, а не нешто што секогаш мора да го следат;

Тие често ја достигнуваат својата цел благодарение на нивната креативност, која може да вклучува различни методи кои се карактеристични само за нив;

Ако сите други прават нешто, овие деца не мислат дека треба да го прават истото;

Тие секогаш се подготвени да преговараат и ќе ве слушаат само под нивни услови;

Не се плашат од непознатото и секогаш се подготвени да пробаат нешто ново;

Кога од нив ќе се бараат ситници, тие ќе реагираат многу бурно;

Родителите на „автономните деца“ најчесто се соочуваат со чувството дека нивната љубов е отфрлена и дека не можат да направат ништо за да го променат тоа. За нив, родителите често велат дека би можеле да го променат целиот свет со својата сила, но дека светот сигурно нема да ги промени. Проблемот е што „децата со силна волја“ го преиспитуваат секое барање на родителите и секогаш ги тестираат ставовите на нивните родители без разлика колку се возрасни – тие едноставно секогаш имаат остри и јасни заклучоци подготвени да се борат против мислењата на другите (најчесто нивните родители).

Луѓето од околината секогаш гледаат на таквите деца од своја гледна точка, која често е негативна. Ваквите деца ги опишуваат само со негативни карактеристики и велат дека се тврдоглави, непослушни и едноставно невозможни, а сето тоа не може да биде одлика на добро дете, меѓутоа, тоа можат да бидат карактеристики на личност која е родена да биде лидер, да ги следи своите соништа и желби и тоа се реализира во животот на сосема уникатен начин.

Како е да се биде родител на вакво дете?

Родителите на „автономните деца“ мора да ја разберат и да ја прифатат задачата да ја насочат својата енергија во вистинската насока, а тоа е речиси сè што можат добро да направат за нив и нивната иднина.

Честопати „автономните деца“ ги преминуваат и ги укинуваат сите родителски граници, додека при нивното воспитување едноставно не е можно да се применат некои воспоставени процедури кои важат за другите деца. Со ваквите деца секогаш треба да се биде трпелив, а со оглед на тоа дека секој ден ќе ги преиспитуваат и тестираат вашите ставови и мислења, но и она што го знаете – треба да бидете поупорни и поконстантни. За да уживате во почитта на таквите деца, треба да не им дозволите да мислат дека можат да „прават што сакаат“ со вас. Ова не значи дека треба да примените некаква сила и систем на строго казнување – затоа што ќе го добиете само контраефектот од она што сте го замислиле.

Целиот процес на воспитување „автономни деца“ на крајот се сведува на прифаќање на нивниот карактер, почитување на нивниот темперамент.

Извор



912

X