Бидете позитивен модел на идентификација. Тоа значи ако сте агресивни, веројатноста таквото однесување да биде научено е голема. Ако во проблем-ситуација сте смирени и ги решавате проблемите, тогаш го учите детето како соодветно да реагира. Дајте му избор на детето за да донесе одлука. Со ова развивате одговорност, но и слобода на избор, се дел од препораките на психотерапевтот Розалија Секулоска за превенција на тантруми

Темпер тантрум е афективно нарушување со генска предиспозиција кое се појавува од 12. до 18. месец кај детето и е честа појава. Детето е бесно, агресивно, вика, плаче, се фрла на под, удира… Тоа е екстремна промена во расположението и обид за комуникација. Се разликува од бесот и агресијата бидејќи кога ќе биде задоволена потребата, детето уште е агресивно и тоа може да трае со часови и да се повторува во чести и куси временски интервали. Имајте на ум дека не можете да ги спречите, можете да ги надминете или надитрите, ни објаснува психотерапевтот Розалија Секулоска.

Причините може да се глад, љубомора, умор

На прашањето што ги иницира тантрумите, таа вели дека детето сака да се изрази, но тоа му е тешко. Тоа е луто, фрустрирано и овој набој го покажува како напад, агресија, викање, клоцање, гризење, плачење… Најчесто се случуваат во раниот период додека говорот не е добро развиен и детето не може да се изрази. Затоа околу 4-годишна возраст се мошне поретки.

– Родители, во вакви моменти откријте што се случува со вашето дете. Можеби е уморно, гладно. Ако е така, решението е лесно бидејќи овие потреби се задоволуваат. Можеби е луто, љубоморно… ако забележувате дека тантрумот ќе настапи, веднаш најдете дразби кои ќе му го одвлечат вниманието. Анализирајте кога се случуваат и што им претходи. Така ќе бидете подготвени да ги ублажите. Друг начин е да чекате да престанат. Тешко е ако има луѓе што гледаат, но бидете трпеливи и смирени. Не премислувајте се само за да го прекинете тантрумот. Така го учите детето да реагира несоодветно за да добие што сака.

Розалија Секулоска

Ако сте дома, одете накратко во друга соба, но детето да е на безбедно место за да не се повреди. Тантрумите најчесто се случуваат на јавни места пред публика, особено во продавниците. Родителите се чувствуваат засрамени, а тоа ги вознемирува. Смалете го времето на купување, вклучете го детето за она што треба да се купи. Ако детето има силен тантрум, а вие имате можност, држете го силно за време на нападот додека се смири. Постоењето на тантрумите не значи дека вашето дете во иднина ќе биде насилник. Учете го кое однесување е прифатливо, а кое не е. Кажувајте му дека не е убаво да удира, гризе, вика и дека тоа нема да го дозволите. Секогаш зборувајте. Откријте што се случува. Помогнете му да ги реши проблемите. Покажете му дека го сакате, но не го оправдувате таквото однесување. Овозможете му да го празни емоционалниот набој низ физичка активност, спорт, во природа, танцување, играње… Учете го да ги препознава, именува и покажува емоциите без да се повреди себеси или другите. Не обвинувајте се дека тантрумите се случуваат поради вас. Не! Тоа е нормална појава која со време исчезнува – советува психотерапевтот Розалија Секулоска од Центарот за личен и професионален развој „Трет родител“.

На децата им треба ред и рутина бидејќи тоа им дава сигурност

Според неа, има можности и како да се превенира, да се ублажи или да не дојде до тантруми.

А дел од нејзините препораки се:

– На децата им треба ред и рутина, бидејќи тоа им дава сигурност. Бидете позитивен модел на идентификација. Тоа значи дека ако сте агресивни, веројатноста таквото однесување да биде научено е голема. Ако во ситуација на проблем сте смирени и ги решавате проблемите, тогаш го учите детето како соодветно да реагира. Дајте му избор на детето за да донесе одлука. Со ова развивате одговорност, но и слобода на избор. Овозможете му здрав живот, а тоа е квалитетен и долг сон, здрава и разновидна исхрана и физичка активност. Избегнувајте расправии за неважни работи. Не поткупувајте го детето за да го смени однесувањето. Наместо да ги игнорирате нападите, дајте му до знаење дека разбирате што се случува, но дека тоа нема да го добие бидејќи одлуката е конечна. Ограничете го кажувањето на НЕ и не преговарајте. Внимавајте на вашиот тон на гласот. Наместо да карате, зборувајте, објаснувајте. Со текот на времето ќе ја откриете најдобрата стратегија за вашето дете – вели Секулоска.

Темпер тантруми и кај возрасни

Интересно е дека постои темпер тантрум и кај возрасните. Почесто се случува кај деца како развојна фаза која минува, но понекогаш може да остане цел живот или да се јави во подоцнежните години кај некои невролошки нарушувања. Ако ја имаат возрасните, станува збор за емоционална незрелост, нестабилност или ментална неспособност. Некогаш се јавува поради стрес и ако се јавува при иста ситуација, полесно може да се третира.

– Во вакви случаи се открива причината за тантрумот за да се адаптира индивидуално лекување. Ако е развојна фаза, сама ќе исчезне до 4-тата година. Ако се јавува поради невролошки оштетувања, се прави диференцијална дијагноза која е примарна, а која е секундарна состојба за да се направи соодветен третман. Лекарите препишуваат психостабилизатори за да се регулира однесувањето. Ако се случуваат во одредени ситуации, по 4-тата година, опасни, детето постојано е агресивно, има чести главоболки, стомачни болки, станува анксиозно или вие се плашите дека во тие ситуации можете нешто лошо да направите, тогаш се користи психотерапија – потенцира психотерапевтот Розалија Секулоска.



912

X