Кога би прашале млад тинејџер, кој веќе во својата 12. година почнал да покажува знаци на агресивно и деликвентно однесување: „Зошто го правиш тоа? Кое е задоволството во тоа?“, тој најверојатно не би ви одговорил. Тој не знае вистински дали е тоа задоволство или нешто друго. Она што во некој момент можеби би ви го рекол е: „Јас чекам некој да ме сопре.“ Повеќето би помислиле дека тоа дете повторно бара некое внимание и дека не ја зборува вистината.

Меѓутоа, факт е дека тоа дете навистина сака некој да му постави одредени граници и правила. Зошто? Затоа што да се постават граници и правила во однесувањето на детето, значи дека тато и мама се грижат за него и затоа го насочуваат на соодветен начин. Тоа значи дека е сакано и почитувано. Со оглед на тоа дека неговите родители не го направиле тоа за него, туку избрале да применат попустлив воспитен стил, тоа не само што не ги знае правилата за соодветно однесување, туку воопшто не верува дека мајката и таткото го сакаат. Кај децата, како што е споменатото момче, поради несоодветно поставување граници и немање разумни правила во семејството, се развива голема емотивна празнина и чувство на отфрленост, кое подоцна ги следи низ целиот живот и влијае врз нивните меѓучовечки односи. Многу често децата прераснуваат во возрасни лица кои ги кршат правилата (некогаш агресивно, некогаш суптилно) или се однесуваат неодговорно, или, пак, постојано бараат потврда од другите дека се добри, убави, згодни… Ваквите личности не само што не се одговорни, туку остануваат емотивно незрели до крајот на својот живот.

Што треба да се прави за да се избегне оваа животна замка во која можете несвесно да го ставите своето дете:

Градете и негувајте квалитетна, искрена и отворена комуникација – Успехот во насочувањето на детето зависи од тоа колку е квалитетен односот што родителите го создаваат со него. Доколку поминувате доволно време со своето дете, играјќи или разговарајќи за важни животни теми, го почитувате неговото мислење – тогаш сте на вистинскиот пат. Кога ќе изградите „бетонски мост“ помеѓу вас, тогаш тој мост може да ги издржи и најтешките проблеми.

Бидете му ментор на детето, но почитувајте го и неговото мислење – Родителите се животни ментори на своите деца и ги учат што е добро, а што не, како и кои се „алатките“ за создавање квалитетни односи со другите, во семејното и училишното/работното опкружување. Доколку, кога разговарате со своето дете, активно го слушате, го почитувате неговото мислење и неговите емоции, тогаш градите опкружување во кое детето ќе може да ги усвои вредностите во кои и вие верувате. Исто така, ќе има доволно самодоверба и верба тие вредности да ги негува и на конструктивен начин да ги одбрани кога ќе биде потребно. Но, ако сте родител кој „дели совети“ и смета дека многу подобро знае некои работи од своето дете, тогаш суптилно на детето му се испраќа порака: „Ти не знаеш ништо, јас знам сè и ти немаш право на мислење, туку ќе правиш како што велам.“ Ваквиот став на родителот е подлога за создавање животни замки за детето, каде што тоа создава длабока емоционална празнина и чувство на отфрленост, како и чувство дека другите не го почитуваат.

Поставувајте му разумни ограничувања и правила во однесувањето – За да воспитаат одговорно и емотивно зрело и интелигентно дете, родителите треба да поставуваат одредени граници и разумни правила во однесувањето. Тоа се однесува на: Создавање такви ситуации за детето да ги почувствува природните последици на своето несоодветно однесување, примена на одредени добро измерени казни. Иако на повеќето родители им е важно добро да го воспитаат своето дете и имаат најдобри намери, не се сите природно надарени да можат да направат вистински баланс помеѓу соодветна и несоодветна казна и награда, или меѓу „нездравото“ давање совети и „здравото“ советување преку активно слушање на детето и потврдување на неговите емоции и ставови.

Всушност, многу е поважно да се прифатите себеси со своите слабости и силни страни и да бидете подготвени да работите на себе и да учите нови родителски вештини кои ќе ви помогнат да бидете подобар родител. Таквата личност станува добар пример за своето дете и на тој начин создава квалитетно животно опкружување во кое ќе се развива психички стабилна и отпорна возрасна личност.

Извор



912

X