Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам две ќерки, златни деца на мајка. Едната има 8 години, а другата 6 години и, како што велам, помалото е супер, а поголемата е послушна, но многу нервозна, избувлива, мрзлива, ја подзаплескува помалата, вика (се дере) многу. Тоа е наша грешка бидејќи ние многу викаме по дома, мислам гласно разговараме, а и кога ќе направи нешто, на пример, кога ќе ја удри сестра ѝ, викаме по неа. И мислам дека така си е научена, затоа реков грешката е во нас. Пробуваме да ги решаваме работите смирено, без викање, ама некако не ни оди. Помалата е супер, смирена, со разговор сè решаваме.
Со сопругот одлично се разбираме. Мислам дека ви доловив какви се децата приближно. Прашањето ми е за големата ќерка. Таа сака да спие со нас. На почетокот ја пуштавме понекогаш, бидејќи си имаат соба, убава, детска наместена со сè што е потребно, па дури има и премногу. Малата си спие во неа, но големата се вади дека ѝ е страв и се пика кај нас. Кога нема да ѝ дозволиме, плаче и останува будна до доцна, па за да не се убедуваме да си остане в соба, ја пуштаме да дојде кај нас да легне. Како да ја навикнеме да си спие сама?
Прашува: читателка
ОДГОВОР: Интересно е како кај вашата постара ќерка проблематично ги опишувате однесувањата кои гледам дека сте свесни дека и самите вие како родители ги имате и ги пројавувате.
Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт
Сосема очекувано е децата да посегнат да се удрат едно со друго доколку го имале искуството да бидат удрени или да видат како се удира. Немојте да мислите дека удирањето може да остане ваше ексклузивно родителско право, бидејќи децата го прават она што го гледаат и искусуваат, и прашање на време е кога тие ќе пробаат да посегнат по удирањето како начин да ги решат своите проблеми или да го искажат своето незадоволство. Не можете да очекувате промена доколку само останете свесни за поврзаноста на нештата и јасно гледате во тоа како вашиот начин на однесување влијае врз начинот на однесување на децата, но притоа не преземате ништо за да го смените ова.
Од друга страна, доколку како што велите прифаќате дека „грешката е во нас и пробуваме на смирено без викање, ама некако не ни оди“, тогаш ќе морате да го прифатите и однесувањето на детето бидејќи истото е резултат на севкупната семејна динамика, а и нечесно е да барате од некого да го смени своето однесување доколку и вие самите не сте спремни да го сторите истото.
Во однос на стравот кој го пројавува вашата постара ќерка, очигледно е дека нешто ја мачи. Можеби е тоа поврзано со нејзиното место во специфичноста на вашата семејна динамика за која зборувавме досега. Наместо да се заробуваме во претпоставки за тоа што би можело да биде причинителот, ве охрабрувам да направите еден разговор со ќерката за сето ова, особено бидејќи таа е доволно голема за многу нешта и самата да ви ги каже. Исто така, можете да ја охрабрите да ви го нацрта тоа од што се плаши навечер. Дали е тоа нешто апстрактно? Или можеби нешто конкретно? Како, на пример, некакво чудовиште кое го видела некаде. За да можете да адресирате едно однесување кај детето, неопходно е најпрво добро да истражите кои се причинителите за истото. Откако ќе имате јасна слика за причинителите, многу полесно ќе можете да трагате по решенијата и да бидете креативни во имплементацијата на истите.
Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912