Детскиот терапевт Морган Помелс, која се специјализирала за детски трауми, на својот инстаграм-профил сподели листа со работи што родителите треба да ги избегнуваат за да не предизвикаат емоционални рани кај своите деца.
– Родителството е стресно и никој не очекува совршенство. На децата не им се потребни идеални родители, туку родители покрај кои се чувствуваат безбедно – започнува таа.
Што треба да избегнувате?
– Не викајте им на децата штом ќе се вратите од работа;
– Не игнорирајте ги членовите на семејството кога сте лути или вознемирени;
– Не будете ги децата со гласни или агресивни звуци;
Според Помелс, викањето нема друг ефект освен што го нарушува нервниот систем на детето.
Ваквите постапки го активираат телесниот одговор на стрес, што ги става децата во режим на „бори се или бегај“. Ако ова се повторува, тие учат да живеат во страв – објаснува таа.
– Не покажувајте очигледни разлики во односот кон децата, не смеете да имате омилено дете;
– Не кажувајте: „Да, јас сум најлошата мајка/татко“ кога детето ќе ви каже дека сте го повредиле на некој начин;
Морган нагласува дека емоционалните трауми што родителите несвесно им ги нанесуваат на своите деца подоцна може да доведат до потреба од терапија за да ги надминат токсичните начини на комуникација што ги научиле дома.

– Не одбивајте да се извините само затоа што сте родител;
Истражувањата покажуваат дека детските трауми се многу почести отколку што се мисли: повеќе од две третини од децата до 16 години доживуваат барем еден трауматичен настан.
– Не очекувајте сите дома да одат „на прсти“ кога сте лошо расположени;
– Не игнорирајте неприфатливо или штетно однесување од другиот родител;
– Не очекувајте детето да ви дава емотивна поддршка која би требало да ја добивате од партнерот;
– Не бидете неправедни кон детето само затоа што „животот е неправеден“. Вака не го подготвувате за ништо;
– Не гледајте го детето како продолжение од себеси. Тоа е независна личност;
– Не наметнувајте му чувство на благодарност само затоа што му обезбедувате храна и покрив над главата;
Тоа е основна родителска одговорност. Ако го користите како тактика во воспитувањето, ќе предизвикате само огорченост и ќе му наштетите на самопочитта на детето – нагласува Помелс.
Јас верувам дека 99,9 отсто од родителите се трудат да го направат најдоброто за своите деца. Повеќето од овие грешки се прават несвесно, но тоа не значи дека немаат последици. Токму затоа, секогаш треба да се трудиме да бидеме подобри – порачува Помелс.