Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето синче има 14 месеци. Последниве 3 месеци почна да си ја мава главата, кога е седнат, ја удира главата назад. Знае и со играчка да се удира по главата. Најчесто јас го чувам, ама одвреме-навреме го пуштам кај баба му и дедо му на гости со спиење. Што да направам?

ОДГОВОР: На возраст од 12 до 18 месеци некои деца развиваат повторувачки ритмички движења или однесување кое обично исчезнува како расте детето. Светот на малите деца е преку нивните сетила. Ритмичните движења често претставуваат механизам на удобност сличен на нишањето затоа во повеќето случаи децата кога се удираат по главата или ја маваат назад е момент кога се самостимулираат, самосмируваат или начин да се ослободат од некоја напнатост или фрустрацијата.

Сѐ додека вашето дете е здраво и се развива нормално и не се повредува, најдобар начин да се справите со удирањето на главата е да го игнорирате. Посветувањето поголемо внимание само ќе ја влоши навиката, особено ако се појавува кога е лут. Потрудете се да му го одвлечете вниманието со играчка или понудете му да се напие нешто. Секако, внимавајте да не се повреди, а ритмичното однесување можете да го охрабрите преку играње игри со марширање или удирање ритам на перници.
Доколку забележите некои други придружни однесувања, поразговарајте со вашиот педијатар.

Ако имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X