Кралското семејство не е познато по тоа што покажува емоции или физичка наклонетост, а тој менталитет е опишан во мемоарите на војводата од Сасекс.

Во својата автобиографија, принцот Хари зборува за тоа како неговата баба, покојната кралица, се тргнала за да ја избегне прегратката на неговата мајка Дијана и како, по неколку месеци од кралската турнеја, таа дошла да го поздрави својот син Чарлс со цврсто ракување.

Се чини дека недостигот на љубов е проблем на целото кралско семејство. Иако експертите не можат прецизно да одредат како детството на Хари можело да влијае врз неговата зрелост, психологот д-р Одри Танг шпекулира дека крутото воспитување може да има потенцијално штетни последици.

Може да спречи емоционално изразување

Хари неколку пати во книгата споменува дека многу сакал да ја прегрне својата баба, но не можел. Иако копнеел да го стори тоа, не го направил. Танг истакнува дека многу студии ја докажале важноста на физичкиот допир и емоционалното изразување.

– Еден од најголемите проблеми за многу луѓе е тоа што нивните родители не биле во можност да го обликуваат емоционалното изразување на здрав начин. Кога станува збор за гушкањето, допирот создава доверба и всушност го смирува човек побрзо отколку што можеме да замислиме – вели д-р Танг.

– Треба да се земе предвид како била воспитана кралицата. Не само поради формалноста на кралското семејство. Во тоа време воспитувањето било поинакво. Општеството се менува, и ние треба да се менуваме со него, но не секој може и не секој сака да се менува – објаснува Танг и истакнува дека не треба да обвинувате некој што не сака да се гушка.

Некои луѓе едноставно не уживаат во прегратки и тоа е во ред, вели Танг.

Може да им покаже на децата дека не е во ред да чувствуваат или да покажуваат емоции

Во книгата Хари открива дека не плачел за смртта на неговата мајка цели 17 години и се присетува дека првиот пат тоа му се случило со поранешната девојка Кресида Дик.

Танг сугерира дека многу луѓе се чувствуваат непријатно кога плачат во јавност затоа што мислат дека тоа ги прави да изгледаат како да не ги контролираат своите животи и емоции.

– Немаме од што да се срамиме кога плачеме. Ако плачете пред деца, објаснете им дека е во ред да бидете тажни и да плачете. Немојте да им велите дека емоциите се лоши бидејќи тоа ќе резултира детето да има проблеми со изразувањето на емоциите во иднина – истакна таа.

Како може крутото воспитување да влијае врз идните односи?

Танг вели дека може да биде тешко за партнерите да го разберат однесувањето на личност која не е навикната да покажува емоции.

– Потребно е долго време да се навикнете на тоа, но тоа не е невозможно. Потребна ви е отворена комуникација и контрола врз сопственото однесување. Не значи дека децата воспитувани од крути родители и самите ќе станат такви родители. Но, за жал, тоа не значи дека овие деца некогаш ќе го решат проблемот на нивниот однос со родителите – заклучува психологот.

Извор



912

X