Во периодот на најраното детство децата се многу љубопитни, го спознаваат светот и околината. Секој ден за нив е нова лекција и преку сите нешта што ги учат со текот на времето тие емотивно созреваат. Уште од најмалата возраст чувствуваат што е тоа љубов, знаат за среќа, љубомора, страв…
Зошто го зборувам ова? Бидејќи одењето на стоматолог честопати, барем кај нас, се поврзува со чувството на страв. И тоа во повеќето случаи е перцепција која е создадена или наметната уште од рана возраст. Да, можеби звукот на турбината не е најпријатен за уво, но дефинитивно не е причина за уплав. И од искуство можам да кажам дека проблемот кај оние што одењето на стоматолог го поистоветуваат со страв е во тоа што веруваат дека тоа е страшно, а притоа не доживеале реален стрес.
Затоа, улогата на родителите е од исклучително значење, како во целокупниот развој на детето така и во градењето на денталната култура.
Најдоброто време за прва стоматолошка проверка е периодот меѓу првата и втората година на детето, кога тоа не треба да има проблем првпат да отиде на забар. Затоа и ова е препорачана возраст. Ретко кога децата на две години имаат реална потреба од интервенција, но причината за посета на стоматолог е да се создаде навика и детето да сфати дека не е нешто болно или страшно.
Фреквенцијата на посети на почетокот треба да биде во просек еднаш годишно. И тоа се најчесто контролни прегледи, поретко правиме интервенции. На овој начин детето се запознава со стоматологот.
Она што јас го практикувам кај моите пациенти, без разлика дали се деца или возрасни, е тоа што во текот на интервенцијата постојано им зборувам, им кажувам што конкретно работиме. На тој начин тие се опуштаат бидејќи сфаќаат дека нема причина за страв.
Доколку детето е на возраст меѓу три и четири години и никогаш не било на забар, најдобро е родителите прво да стапат во контакт со стоматологот. Тој ќе им даде упатства и корисни совети како да го подготват за првата посета.
Одржувањето на денталната хигиена е исто така многу важно. Јас препорачувам четкичка за заби штом ќе никне првото запче. За среќа, сега постојат пасти за заби со вкусови кои децата ги сакаат и многу е полесно да се навикнат на четкање заби.
Четкањето е задолжително два пати во денот, наутро и навечер.
И запомнете, ова е многу важно – првите заби се знак дека треба да престанете со блендирање на храната на вашето дете. Важно е да џвака, на тој начин се стимулира правилен развој на забите и на целиот орофацијален систем.
Внимавајте на исхраната, потребно е доволно да се внесуваат млеко и млечни производи на дневна база. Избегнувајте цуцла-лажалка, таа придонесува за неправилен раст и развој на вилиците. Дополнително, ако се премачкува со некој засладувач, на пример, мед, голема е веројатноста да дојде до појава на кариес на млечните заби. Избегнувајте вашите деца да ги наградувате со лижавчиња, засладени сокови или чаеви. Доколку сакаат, направете им природни.
Ова се само неколку правила што родителот мора да ги почитува, но најважно е дека родителите не смеат да покажат пред детето оти одењето на стоматолог е нешто страшно. Напротив, треба да се мотивираат да го победат стравот доколку го имаат и да бидат добар пример за своите деца.
912