Со мојот сопруг разговаравме за многу работи пред да станеме родители – за нашите вредности, што сакаме, а што не сакаме, за тоа какви беа нашите родители кон нас и како тоа ни влијаеше, па дури и за тоа какви родителите би сакале да бидеме. Тие беа квалитетни и важни разговори кои ни помогнаа да се договориме за некои основни работи во врска со родителството.

Но, знаете за што не разговаравме? Не разговаравме за тоа кој ќе биде надлежен за посета на педијатарот. Кој ќе истражува како најдобро да се воведе цврста храна во исхраната. Дури ни за тоа кој ќе ја преземе комуникацијата со воспитувачите, а подоцна и со наставникот. Не зборувавме ниту за многу други практични работи.

Кога би можела да го вратам времето и да коригирам нешто, би го сменила токму тоа, би водела неколку конкретни разговори со мојот сопруг за родителските одговорности што ќе ги делиме.

Еве за што посакувам да разговаравме:

Посакувам да разговаравме за тоа што ни е потребно за да се чувствуваме добро во родителската улога

Мојот брат се роди кога имав 10 години, така што бев опуштена со бебето. Можам да кажам дека имав некакво искуство. Од друга страна, мојот сопруг и не баш. Кога разгледувавме на кои часови за родителство да одиме пред раѓањето (доење, породување итн.), тој беше заинтересиран за часот „Сè за новороденче“. Мислев дека е губење време, но се согласив поради него.

Сè што се сеќавам дека научив на тој час беше дека новороденчињата изгледаат чудно, особено кога се штотуку родени (сиви и лигави наместо розови и сјајни) и не треба да ги капете често. Му реков на мојот сопруг дека е навистина губење време бидејќи ние не научивме многу.

„Да, се согласувам!“ – извика тој сиот среќен. „Сега ми е полесно.“ За него беше големо олеснување да дознае дека ново бебе е многу помалку комплицирано отколку што мислеше. До тој момент не сфатив дека го мачат сосема различни работи отколку што ме мачат мене.

Колку повеќе таткото ќе се вклучи во текот на бременоста, толку повеќе ќе биде подготвен за неговата улога што доаѓа подоцна.

Би сакала уште на самиот почеток да се согласевме да работиме како тим

Кога две лица очекуваат бебе, мајката е вклучена во родителството уште од самиот почеток бидејќи го носи бебето, но ако таткото има некои одговорности за време на бременоста, тоа може да го подготви за еднаквост во подоцнежните фази.

Затоа, препорачливо е таткото да присуствува на сите посети на гинекологот, да чита книги за развој на детето, да учи и да ги разбира промените на фетусот, да поминува време со бебиња (и да ги држи ако има можност), да се дружи со други татковци и да посетува часови за родителство и подготовка за породување. Колку повеќе таткото е вклучен во текот на бременоста, толку повеќе ќе биде подготвен за неговата улога што ќе дојде подоцна.

Би сакала да зборувавме за заедничко родителство

Би рекла дека луѓето можат да бидат одлични татковци и мајки, но тоа не значи дека заедно се добри родители. Значи, треба да разговарате со вашиот партнер за тоа што значи да бидете родители заедно во споредба со тоа што се само мајка или татко. На самиот почеток треба да се договорите да ги споделите не само практичните обврски за воспитување дете (како на пример кој ќе купи храна, кој ќе фрла ѓубре, вклучително и пелени итн.), туку и големите одлуки што родителството ги носи со себе.

Психолозите посочуваат да отворите пошироки теми од тоа кој ќе менува пелени и каде ќе спие детето и да разговарате за тоа дали ќе објавувате слики на социјалните мрежи, кој ќе се грижи за личните документи, кој ќе ги планира првите патувања, колку време ќе поминува бебето со бабите и дедовците, и кој ќе ви помогне при запишувањето и подготовката за градинка и подоцна училиште и многу други работи. Не мора веднаш да одговарате за сите овие работи, но ако зборувате за тоа сега, ја поставувате основата за тимско родителство во кое ќе ги споделите и малите и големите аспекти на родителството. Едноставно, разговарајте за сите работи заедно, за да не изгледа дека една личност е шеф, а другата е вработена.

Би сакала подетално да ги поделевме одговорностите

Пред да пристигне бебето, би било идеално да се договорите кој што ќе стори во деновите и седмиците по породувањето. Донесувањето на ваквите одлуки кога сте премногу уморни од неспиење и преоптоварени со новата улога е многу потешко. Би било прекрасно да имате план пред породувањето за тоа кој ќе оди на пазарување и ќе се грижи секогаш да има доволно храна и пелени во куќата, а кој ќе го земе бебето кога ќе плаче и слично.

Кога секој има јасни обврски, има помалку проблеми и тоа им помага на родителите да спијат подобро.

Не мора да навлегувате во детали, но запишувањето на работите што ви паднале на ум и кои ќе треба да ги направите и да одлучите кој ќе го стори тоа ќе ви ја олесни поделбата на работата кога ќе дојде време и тоа ќе биде одлична референца за тие денови.

Би сакала од самиот почеток да му дадев на мојот сопруг поголема слобода околу логистиката

Навистина би сакала да разговараме подетално за должностите од самиот почеток и мојот сопруг да добиeше повеќе одговорности и слобода околу одредени аспекти на родителството. Се согласивме дека треба да има еднаквост во бракот, но јас толку ја задржав контролата над логистиката што подоцна кога побарав „помош“, морав да му кажам разни информации за да може да го направи она што требаше да го направи. Почнавме да го менуваме тоа – 10 години подоцна. Никогаш не е доцна, но ако почнете рано, тоа е многу подобро!

Во статија за „Хафинтон пост“ пред неколку години блогерот М. Блазонед го измисли терминот за овој вид родителство што го почнавме мојот сопруг и јас: „главниот родител“.

– Главниот родител ги знае сите имиња на наставниците на нивните деца. Тој пополнува бесконечни формулари, вклучувајќи го и правниот документ од 20 страници потребен за спортување во училиште, кој вклучува заклетва дека нема да го тужите училиштето кога вашето дете ќе добие потрес на мозокот, бидејќи ќе се појави потрес на мозокот. Тој слуша долги, досадни, сложени приказни за игри кои немаат смисла. Тој вежба изговор со децата, знае колку украсна хартија има во куќата. Главниот родител нема календар само за своите обврски, туку и календар на кој се напишани обврските на сите членови на домаќинството и од кој добивате главоболка кога само ќе го погледнете. Го познава нотарот. Ги знае сите големини на децата, вклучително и бројот на чевлите.

Исцрпувачки е само да го прочитате овој цитат, а камоли да го живеете. Затоа, предлагам да одвоите малку време и да ја поделите работата. Се разбира, тоа ќе се промени со текот на времето затоа што развивате различни интереси и компетенции во родителството. Но, почнувајќи од родителството со план со кој ќе ги поделите одговорностите во првите недели и месеци, ќе ги поставите темелите за значајно заедничко родителство во иднина.

Верувајте повеќе во татковците и покажете им дека можат

Посакувам и двајцата да се согласивме да му дозволевме на другиот родител да носи одлуки, но и да прави грешки. Психолозите ги охрабруваат родителите да работат на фактот дека нема „главен родител“, така што и двајцата ќе имаат можност да создадат свој начин и начин на грижа за бебето без другиот родител да им го мери секој чекор. Ако некој се чувствува неспособен или само го критикуваат, тој ќе престане да се обидува. Ако секогаш кога бебето плаче, тато само ѝ го предава на мама, тоа поставува очекувања дека мама е таа што секогаш ќе ги решава проблемите.

Тоа треба да се избегне. Не е добро мајката да ја преземе улогата на маченик или да стане дел од стереотипот. Верувајте повеќе во татковците и покажете им дека можат. Оставете ги да грешат затоа што и вие ќе направите грешки, но последното што треба да го направите е да се критикувате еден со друг кога тоа ќе се случи.

Автор: Кејт Роуп

Извор



912

X