Пред само 25-30 години поставувањето граници беше многу поедноставно отколку денес. Кон тоа придонесе првенствено усогласеноста на општеството околу поставувањето граници во семејството, институциите, училиштето, градинката итн.

Може да се каже – тогаш беше поедноставно да се биде возрасна личност. Ако родителите за нешто се двоумеа, можеа да се распрашаат во семејството, кај пријателите, соседите и во најголем број случаи не само што ќе добиеле слични одговори, туку и поддршка. Повеќето возрасни цврсто веруваа дека децата по секоја цена треба да се потчинат и приспособат на возрасните, ако е неопходно, тогаш и со употреба на присила или казна. Постоела разлика во границите помеѓу припадниците на различните социјални слоеви, но внатре, во својата група, целта и средствата биле речиси идентични.

Оттогаш настапиле многубројни промени во општествените и семејните норми и вредности, па сме стекнале повеќе знаења за децата и нивниот развој.

На пример: Во матичната книга напишана во 1925 година родителите најодлучно биле одвраќани од заедничките семејни оброци. Потоа следувале децении кога тоа се сметало за исправно и многу важно за целото семејство. Сега, пак, е врежано мислењето дека родителите треба сами да одлучат дали ќе одберат да имаат заеднички оброци во кругот на семејството неколку пати неделно или ќе се определат за слобода на одлучување на секој поединечен член од семејството кога, каде и што ќе јаде.

Врз основа на што ќе донесат одлука родителите? Врз психолошка основа? Врз здравствено-прехранбена, врз практична основа водејќи се од работното и слободното време? Врз основа на исходот од емоционалното доживување на уживањето? Дали заедничките оброци во нивните семејства биле моменти на уживање или мачно молчење? Дали родителите сакаат да подготвуваат богати ручеци или брзата храна стана прифатливо решение?

Во скандинавската култура безграничната и тоталитарна власт на родителите над децата е во својот завршен стадиум и тоа е во секој случај позитивно. Еден од резултатите на ова е дека сега ние возрасните сме присилени да учиме нови начини на однесување со децата. Непроменет е фактот дека за децата е најздраво да растат во семејства во кои постојат одредени граници, но е недопустливо и понатаму да се поставуваат во форма на забрана и наредба.

Денес постојат два вида родители што неизбежно запаѓаат во неволја

Тука спаѓаат родители кои грчевито се обидуваат да ги задржат врежаните начини за поставување граници, како и родители кои се оттргнуваат од острата и авторитарна форма, но тешко пронаоѓаат нови и подобри начини.

Првата група своите деца ги смета за бунтовни и дрски, а во другата група децата многу брзо ја преземаат контролата во семејството. И едното и другото се деструктивни и нездрави и за децата и за родителите.

Најважна разлика е дека границите повеќе не треба да се поставуваат како електрична ограда околу децата, туку како лични граници на возрасните.

Не можеме повеќе да бараме „листа со готови решенија“ за да видиме што е „вообичаено“, „добро“, „правилно“. Наместо тоа, треба самите да се запрашаме – кој сум јас и кое е моето дете, а тоа е за многумина од нас сосема поразличен начин на размислување и поинаква задача. А и трае подолго.

Врежано е мислењето дека повеќето денешни деца ги тестираат границите, така што нималку не изненадува заклучокот на родителите и педагозите дека мора да се постават јасни граници, па возрасните мора да бидат построги и доследни.

Децата почнуваат да ги тестираат границите кога нивните родители имаат тешкотии да се пронајдат себеси и своите лични граници. Во својата немоќ влегуваат во улогата на родител и се обидуваат да ги комбинираат сопствените идеи и ставови на општеството, за тоа какви би требало да бидат „вистинските“ родители. Затоа, често сме сведоци како родителите имаат проблеми во поставувањето граници и за децата и за другите лица.

Во тоа нема ништо срамно или невообичаено. Многу од нас стануваат родители во животен период во кој не сме се запознале целосно себеси и не сме завршиле со градбата на нашите граници во однос на другите луѓе, а уште полошо во однос на човекот или жената со која сме добиле дете. Во семејствата во кои сме пораснале сме научиле нешто за нашите лични граници, но не сѐ. Некои од нашите здрави граници што тогаш сме ги имале не им се допаѓале на нашите родители, па сме морале да се откажеме од нив. Некои од нездравите емоционални граници што ги имале нашите родители сме морале да ги прифатиме, додека некои од нашите граници биле нарушени, а некои игнорирани.

Границите не треба да се поставуваат како електрична ограда околу децата

Поради тоа, нашето второ (трето, четврто) семејство е местото каде што треба да го продолжиме својот личен развој. Поголемиот дел од овој развој се одвива преку децата, со децата и во голема мера е инспириран од нив.

Инспирацијата често ја доживуваме преку раздразливост и фрустрација, па многу родители се потпираат на традицијата на исфрлање на тие чувства на децата во облик на критикување, обвинување и укор. Сето тоа деструктивно влијае врз самосвесноста на децата и врз семејното согласување. И што е најважно, го руши интегритетот на детето бидејќи, на крајот на краиштата, им се дава порака на децата дека е во ред да не се почитуваат границите на другите луѓе.

Развивајте се заедно

Живееме во доба во која конечно сме научиле дека нема разлики помеѓу децата и возрасните луѓе. Мерилото како треба да се однесуваме кон децата е истото што го користиме и во односот со нашите пријатели. Ниту можеме ниту треба децата да ги научиме на сѐ, туку треба да се развиваме заедно во рамноправна заедница, но под водство на возрасните. Кога децата ќе ги надминат нашите граници, ќе се запознаеме себеси. Кога ние ќе ги нарушиме нивните граници, болката и разочарувањето во нивните очи ќе ни кажат дека уште не сме ги запознале. Можеби уште не сме доволно добри родители кога ќе добиеме деца, но сигурно ќе станеме кога ќе научиме од нив – за 40-50 години!

Автор: Јеспер Јул



912

X