Психолозите Денкова-Зафировска и Георгиевска ни дадоа примери преку конкретни пораки

Децата го прават она што го гледаат и слушаат од нас. Токму поради тоа, важно е да бидеме свесни за пораките што им ги праќаме во процесот на воспитување. Тие неселективно ги впиваат сите вербални и невербални пораки што родителите во континуитет им ги испраќаат преку зборување, гестикулирање, премолчување, барање, инсистирање или игнорирање, потенцираат доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска, лиценциран психолог и семеен советник, и проф. д-р Софија Георгиевска од Филозофски факултет во Скопје, која е и лиценциран психолог и семеен советник.

Психолозите објаснуваат дека позитивните пораки што редовно од најрана возраст, недвосмислено и концизно му се упатуваат на детето, без оглед на каков начин, ќе придонесат за квалитетен психички развој, воспоставување базична сигурност, самодоверба и позитивна слика за себе.

Доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска и проф. д-р Софија Георгиевска

Прифаќање или отфрлање

Во основа пораките што родителите им ги испраќаат на децата можат да имаат две значења: прифаќање или отфрлање.
– Прифаќањето може да биде безусловно, директно (кога родителот го прифаќа детето без оглед на неговото однесување и постапки) или условено, индиректно (кое зависи од тоа што прави детето, како се однесува, што постигнува или не постигнува и слично). Истовремено и директните и индиректните пораки можат да бидат позитивно или негативно обоени – објаснува Георгиевска.

Нашите соговорнички издвоија неколку примери за различните типови пораки:

– Позитивно безусловно прифаќање се искажува низ пораките од типот на „Те сакам“, „Драг си ми“, „Љубов си ми“ дополнето со невербална мимика и движење на телото кое го потврдува овој однос.
– Позитивното условно прифаќање се искажува низ пораките: „Ова одлично си го направил“, „Ми се допаѓа како се однесуваше за време на играта со твоето другарче“. Ваквите пораки се фокусираат на конкретно позитивно однесување, кое родителите сакаат да го зацврстат кај своето дете. Во воспитувањето, овој тип пораки се многу важни бидејќи на децата им покажуваат како да бидат добри, успешни, прифатени, драги.
– Негативното условно прифаќање има исто така многу важно значење во комуникацијата, а особено во воспитувањето и се искажува низ следните пораки: „Не ми зборуваш доволно јасно“ или „Не ми се допадна тоа што не го поздрави соседот утрово, важно е да ги почитуваме возрасните и секогаш културно да ги поздравуваме“. Овие пораки му помагаат на детето да ги подобри своите постапки и да стане поуспешно и подобро.

– Пораките што во себе содржат отфрлање, пожелно е родителите сосема да ги исклучат од комуникацијата со децата, бидејќи последиците од нивното користење, врз развојот на личноста на детето, можат да бидат навистина големи и неповолни. Пример за пораки што содржат отфрлање се: „Ти никогаш нема да се смениш“ , „Ти ништо не умееш да направиш како што треба“ или „Тебе за ништо не те бидува“ – вели Денкова-Зафировска.

Примери за пораки што ќе му овозможат на детето да носи здрави рани одлуки

Стрес, незадоволство… Кога родителите испраќаат негативни пораки

Родителите, објаснуваат нашите соговорнички, најчесто испраќаат негативни и груби пораки кон децата во ситуации кога се под некој притисок, кога се напнати, окупирани со премногу обврски, незадоволни поради некои свои неисполнети очекувања, незадоволени потреби, неостварени желби.

– Често пати кога родителите се изморени, презафатени во афект или под стрес, децата не ја добиваат поддршката и се соочуваат со нивната нетрпеливост, нервоза или лутина. Пораките од типот: „Боже, колку си мрзлив“, „Толку си себичен“, „Идиоте еден, престани“, „Леле, колку си трапав“, „Немој да ми досадуваш“ и слични, не влијаат врз детето само во моментот, туку и долгорочно. Ваквото понижување, ваквите зборови стануваат атрибути во кои детето почнува да верува, епитети кои смета дека вистински го красат, дека тоа е навистина такво. Детето кое во континуитет и долго време добива порака дека е трапаво, неспособно или досадно многу тешко ќе може да изгради позитивна слика за себе и да почне да верува дека е паметно, способно и забавно. Подоцна, сите негови постапки и однесувања ќе одат во прилог на тоа да ја оправдаат етикетата, да докажат дека навистина е такво – вели Денкова-Зафировска.

Дополнително, според Георгиевска, ваквите комуникациски пораки му штетат и на самиот однос родител-дете на тој начин што детето ќе започне да го перципира родителот како незадоволна, непријателски настроена и злонамерна личност, која едвај чека да го нападне и понижи. Лошата комуникација создава и непријатна семејна атмосфера, место кое на детето му буди негативни асоцијации и од кое ќе се труди што побрзо да замине.

 Прифаќањето – основно начело

Прифаќањето треба да биде основно начело на комуникација помеѓу сите членови на семејството бидејќи во спротивно детето ќе биде конфузно и ќе се соочи со проблеми во комуникација и идентификација со родителите, согласни се психолозите. Преку пораките родителите ги пренесуваат и своите морални вредности, сфаќања за тоа што е добро, а што лошо, што е убаво и пристојно, а што не, нив децата ги усвојуваат и тие се основата врз која го градат својот вредносен систем. Така, согласно пораките што родителите им ги испраќаат на децата, тие ќе формираат една од следните вредносни целини:

1.Биди совршен
2.Биди јак
3.Постојано труди се
4.Задоволи ги потребите на другите
5.Биди брз

– Онаа вредносна целина што за детето ќе биде доминантна и најважна ќе стане двигател на неговиот живот, нешто кон што постојано ќе се труди да го постигне, причина за неговиот животен успех или неуспех. Токму затоа, од исклучителна важност е родителите да внимаваат како им се обраќаат на децата, кои зборови ги употребуваат. Родителската одговорност е навистина голема, грешките е нормално да се појавуваат, но не и да се повторуваат. Тие мора да бидат искуство од кое родителите ќе учат и ќе им помогнат да станат помудри и подобри – заклучуваат психолозите.

Денкова-Зафировска и Георгиевска во ноември и декември направија истражување за тоа какви пораки им испраќаат родителите на децата. Во истражувањето во основни училишта во нашата земја по случаен избор, анонимно и доброволно, биле вклучени 2.317 ученици од 5. до 9. одделение. Од нив 1.345 биле од урбана, а 972 од рурална средина.



912

X