Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Родител сум на 17-месечно машко дете. Поради ситуацијата со Ковид-19, поголемиот дел од времето детето го поминува исклучиво со нас, родителите, бабите и дедовците. Редовно го носиме надвор, но главно одбираме места на отворено без многу луѓе. Играме и трчаме на отворено игралиште или во двор од градинка, но кога таму нема многу деца или други луѓе во близина, или ако има неколку, не му дозволуваме близок контакт со нив. Практично го изолиравме. Се обидуваме да иницираме краток разговор со нив, на пример, да им каже чао, да им каже како се вика и тоа го прави без проблем. Сепак, почнавме да забележуваме дека се плаши од повеќето луѓе (не од сите, но од поголем дел) што поминуваат покрај нас или се во близина на местото каде што се наоѓаме или поминуваме.

Денес се случи и да замижува кога ќе го свртам кон нив или за нешто му покажам или да иницирам разговор со нив. По кратко време ги отвора очите и сепак ќе каже како се вика и ќе им мавта со рачето за чао. Пред пандемијата често беше меѓу луѓе и речиси секогаш се смееше, беше многу послободен со луѓе што не ги познава или ретко ги гледа. Имајќи предвид дека е на возраст кога треба да осознава дека има и други луѓе и треба да се гледа и дружи со деца, би сакала да замолам за совет и насока како да ја надминеме оваа ситуација и да му обезбедиме здрав развој на детето, а сепак да ја задржиме безбедноста за сите.

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Навистина е многу добро што толку многу време поминувате надвор заедно со вашето дете, да оди и да трча, да ја вежба и крупната и фината моторика.
Разбирлива е вашата грижа и збунетост. Родителите денес тешко се справуваат со сите промени, додека пак родителите на помалите деца имаат посебна грижа. Како што и самите наведовте во прашањето, како децата ќе развијат социјални вештини, како и на кој начин детето ќе ја учи и вежба интеракцијата со другите деца, луѓе, споделување, решавање на конфликти итн.
Но, би сакала да ве охрабрам и да кажам дека не постои нешто што не можеме да им го дадеме на малите децата. Ним им треба многу љубов, внимание и различни ситуации за да напредуваат, а единствено место кое е основа за сите овие работи е домот, во вас, родителите. Потребна им е безбедна основа да знаат дека се сакани и дека се безбедни.
Но кога зборуваме за децата, ние многупати повеќе зборуваме за родителите. Важно е како вие се чувствувате, прво вие да бидете добри и да умеете да се носите со ова доста тешко за поднесување време во однос на стравот, вознемиреноста, фрустрацијата, депресијата, осаменоста, кои секако влијаат врз интеракцијата со вашето дете, бидејќи тоа од вас зема знаци и начини како да се однесува, движи, зборува. Со еден збор, доколку вие имате поголема развиена неутрализација, на тој начин детето ќе учи од вас како и на кој начин да се носи со ситуации, промени, однесувања.

Но често, на возраст меѓу 12 и 36 месеци, кога постои скок во емоционалниот и когнитивен развој, кај децата се појавува (социјална анксиозност) анксиозност од другите луѓе, децата гледаат во секого, освен во нивните родители, закана, а понекогаш тоа може да се случи и со некои омилени личности, како тетка, стрина, вујко итн. Ова е природен и нормален дел од развојот и е знак дека вашето дете има здрава врска со вас.
Секако дека ако овој „страв“ кај децата е природна фаза, збунувачки е како да реагираме, а особено кога сето ова се случува во време на пандемија. Многу е важно со нашата реакција да не му ја зголемиме веќе појавената анксиозност на детето, како што и споменавме погоре, да умееме да неутрализираме. Затоа, да внимаваме на нашата анксиозност и загриженост. И добро е тоа што го правите, вие сте водич на вашето дете во врска со тоа како ќе реагира со другите луѓе, со тоа што иницирате кратки разговори, да каже и чао, да знае дека сте тука до него и дека е сигурен.
Иако е време на физичко дистанцирање, покажете му на вашето дете дека не сте исплашени од нови луѓе. Поздравете ги топло со позитивен јазик на телото, опуштено држење, со насмевка, контакт со очите и среќен глас. Бидете смирени и покажете му дека сте сигурни во себе, не нагласувајте ја презаштитеноста, бидејќи тоа само ќе ја зајакне идејата да се плаши. Што се однесува до дружењето со другите деца, доволно е да бидат во иста средина, на пример, надвор, како и да му овозможите да ги набљудува другите деца и луѓето околу себе.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X