Колку повеќе трудниците се изложени на вообичаените хемикалии што го попречуваат ендокринолошкиот систем, толку е поголема веројатноста дека ќе развијат постпородилна депресија, открило истражување во магазинот „Endocrine Society’s Journal of Clinical Endocrinology & Metabolism“.

Хемикалиите наречени фталати ја прават пластиката пофлексибилна и го продолжуваат векот на траењето на мирисот. Се наоѓаат во производите за разубавување, како лак за нокти, средства за бричење, шампони и парфеми, како и играчки, ПВЦ-цевки и винил-подови. Иако студијата била мала и не можела да ги докаже причината и последицата, логично е таквите хемикалии, за кои се знае дека влијаат врз хормоните, да играат улога во постпородилната депресија, врз која исто така влијаат хормоналните промени по раѓањето.

– Ова истражување е важно бидејќи фталатите се толку распространети во околината што е можно да се откријат кај речиси сите трудници во САД. Ако овие хемикалии може да влијаат врз нивото на пренатални хормони и потоа врз постпородилната депресија, намалувањето на изложеноста на тие видови хемикалии би можело да биде пат кон превенција на постпородилната депресија – вели авторката на студијата, Мелани Јакобсон од медицинскиот центар „Лангон“ во Њујорк.

Ова е прва студија што посебно го проучувала влијанието на фталатите врз хормоните, а потоа и врз ризикот од постпородилна депресија. За да ја спроведат студијата, истражувачите следеле 139 жени во текот на бременоста и 4 месеци по породувањето. Повеќето од нив се идентификувани како Латиноамериканки. Во текот на бременоста учесниците пополнувале прашалници со детални податоци, како историја на болести, здравствено однесување и симптоми на депресија. Истражувачите, исто така, зеле примероци од урина и крв од жените за да го измерат нивото на бисфенол (друг вид хемикалии кои го нарушуваат ендокринолошкиот систем, кои се наоѓаат во пластиката) и фталатите, како и нивните полови хормони. Потоа, 4 месеци по породувањето, истражувачите ги процениле учесниците за постпородилна депресија, земајќи ги предвид и прашањата за нивните социјални услови, исходи од породувањето и употребата на антидепресиви.

Авторите на студијата откриле дека жените со повисоко ниво на фталати во урината поверојатно е дека ги задоволуваат критериумите за постпородилна депресија. Сепак, само 12 од 139 жени или помалку од 9 отсто ги задоволиле критериумите за дијагностицирање постпородилна депресија, додека процентите за нејзина преваленца на национално ниво се движат од 10 до 25 отсто.

Оние со постпородилна депресија биле постари, слободни и имале симптоми на депресија по бременоста. Важно е дека истражувачите откриле дека поголемата изложеност на хемикалии исто така е поврзана со нивото на прогестерон, кој влијае врз менструацијата и го модулира расположението. Ова откритие се согласува со хипотезата дека хемикалиите што го попречуваат ендокринолошкиот систем покренуваат хормонални промени, што може да влијае врз постпородилната депресија – напишале авторите на студијата.

Меѓутоа, би можеле да имаат улога и други фактори и потребни се повеќе истражувања. Ова е прва студија што посебно проучила како влијанието на хемикалиите врз хормоните може да влијае врз ризикот од постпородилна депресија, иако минатите истражувања покажале дека хормоните што го попречуваат ендокринолошкиот систем се поврзани со неповолните исходи од породувањето, на пример, предвременото породување.

Истражувачите велат дека избегнувањето спакувана храна и одредени козметички производи и пластика во текот на бременоста можеби е полесниот начин за да се намали ризикот од постпородилна депресија отколку да се менуваат генските предиспозиции или социо-економски статус, кои исто така се фактори во однос на тоа колку сте склони кон таа состојба.

Автор: Ана Медарис Милер

Извор



912

X