Воспитување

Неуспехот треба да се прифати!

Малколм Форбс, издавач на магазинот „Форбс“, еднаш рекол: „Неуспехот е успех ако научиме нешто од него!“

Колку пати сме размислувале кој е најдобриот начин да му помогнеме на детето да се справи со неуспехот? Еден начин е детето од секој неуспех и пораз да научи нешто. Сфатен на тој начин, неуспехот е само шанса да се почне одново, но многу поинтелигентно.

Бес и депресија

Незадоволството и разочарувањето, иако се негативни, истовремено се и здрави емоционални реакции на неуспехот и пропаднатата цел. Овие емоции не траат предолго, ниту се со голем интензитет, па детето е во состојба повторно да се посвети на подрачјето во кое доживеало неуспех, на функционален начин. Меѓутоа, ако наместо незадоволство и разочарување се појават нездрави, негативни емоции – бес, депресија, анксиозност – тогаш зборуваме за дисфункционални емоции кои се придружени со нефункционално однесување – одбивање да се соочи со новата задача, антиципирање на неуспехот, беспомошност, одрекување.

Откривањето на дисфункционалните уверувања што се поврзани со нездрави емоции и дисфункционално однесување ни овозможува на конструктивен начин да се справиме со неуспехот.

„Јас сум губитник“, „Не смеам да бидам неуспешен“

Кога ќе доживееме пораз, често се активираат самосаботирачки, ирационални уверувања како што се: „Никогаш не можам да направам нешто како што треба“, „Јас сум губитник“, „Не смеам да бидам неуспешен“. Овие ирационални уверувања имаат екстремен негативен облик, а користењето црно-бели мисли, одредниците „се“ или „ништо“ укажуваат на нефлексибилност на тие уверувања, кои прават да мислиме дека не постои друга можност.

Ирационалните уверувања се разликуваат од рационалните на два начина. Прво, тие се апсолутистички, односно догматски и се изразуваат во обликот „мора“. Второ, доведуваат до негативни чувства кои го спречуваат постигнувањето на целта (депресија, анксиозност, бес).
Здравите уверувања силно ги поттикнуваат функционалните однесувања, а нездравите ги поттикнуваат нефункционалните однесувања, како што се повлеченост, одложување, пасивност. Ирационалните уверувања нѐ спречуваат да ги постигнеме нашите цели, а рационалните ни помагаат.
Откривањето, а потоа енергичното оспорување на дисфункционалните уверувања, е патот на промена и е конструктивен начин за борба против неуспехот.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top