За два и пол пати е поголем бројот на барања за посвојување од бројот на деца. Во моментот во Регистарот на можни посвоители се запишани 282
Поминува време, а месечниот циклус никако да задоцни. Одбивате да прифатите и продолжувате да се обидувате. Поминуваат месеци и месеци. Седнувате двајцата и заклучувате дека има проблем. Решавате дека е време да побарате помош. Почнуваат долги лекарски прегледи, чекање резултати, дијагноза. Неколку неуспешни инсеминации. Поминуваат месеци. Собирате документи, повторно прегледи и проверки, аплицирате за ваучер за ин витро. Чекате одговор. Рацете ви се потат додека го отворате ковертот. Конечно, две насмевки. Поминуваат месеци, силна хормонска терапија, ин витро оплодување. Солзи. Поминуваат месеци. Одново собирате документи, повторно аплицирате за ваучер. Ви одобруваат, но попусто. Телото едноставно не го прифаќа плодот.
Домот за доенчиња и мали деца во Битола; Извор: „Јутјуб“
Нема зборови што можат да ја опишат голготата на паровите кои се обидуваат да добијат дете. Ова е само пример за административните премрежиња низ кои мора да поминат. Духовната состојба на секој партнер, на секој пар е приказна за себе и тука малкумина би се обиделе да чепнат. Но, пред да се обратат до службите за посвојување, овие парови често доживеале толку измачувања и разочарувања колку што многумина не почувствувале во текот на еден цел живот.
Во моментот 111 деца чекаат родители
Во овој момент вкупно 111 деца без родители и родителска грижа во Република Македонија чекаат да им се насмевне среќата и да им го осветлат животот на овие измачени луѓе. Тие се во згрижувачки семејства, во Домот за доенчиња и мали деца во Битола или во Детскиот дом „11 Октомври“ во Скопје.
– Во моментот во Регистарот на можни посвоители се запишани вкупно 111 деца, на возраст од 4 месеци до 17 години. Од нив 21 дете се со поволни развојни потенцијали, 29 деца со лесно отстапување во психомоторниот развој, 25 со средно отстапување, а 36 деца се со тешка психомоторна попреченост – велат од службата за односи со јавноста при Министерството за труд и социјална политика.
Деца чекаат 282 посвоители
За два и пол пати е поголем бројот на барања за посвојување од бројот на деца. Во моментот во Регистарот на можни посвоители запишани се 282, дел од нив се брачни парови а дел поединци. Сепак, процедурата оди многу бавно.
– Често помислувам дека системот за посвојување дете е направен за да се откажеш од идејата, а не да му подариш љубов и убав живот на некој што не по своја вина немал среќа во животот – вели жена од Скопје која сакаше да остане анонимна.
Во моментот во Регистарот на можни посвоители се запишани 191 со македонско државјанство, 16 со двојно државјанство (македонско и странско) и 75 посвоители се со странско државјанство.
Ова е административната постапка
Од МТСП велат дека според Законот за семејство, посвоител може да биде лице кое е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права.
– Посвоителот мора да биде најмалку 18 години постар од посвоеникот. Посвоител може да биде и лице постаро од 45 години, но старосната разлика меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години. Брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница – велат од Министерството.
Тоа значи дека ако посвоителот има 48 години, посвоеното дете мора да има најмалку 3 години. Постапката за посвојување дете почнува со поднесување барање за посвојување со одредени документи до Комисијата за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика. Комисијата, откако ќе го добие барањето заедно со потребните документи, ги разгледува и доколку утврди дека се доставени сите потребни документи, доставува копија од предметот до Центарот за социјална работа, според местото на живеење.
– Центарот за социјална работа, откако ќе направи прием на предметот, ја почнува постапката на континуирано следење на странките и врши процена на нивната подобност и мотивот за посвојување, која трае 4 месеци. По истекот на овој рок Центарот за социјална работа до Комисијата доставува предлог дали странките треба да се запишат во Регистарот на можни посвоители. Комисијата има рок од 1 месец да го разгледа предлогот. Ако е позитивен, донесува одлука за упис во регистарот на можни посвоители. Одлуката се доставува до Центарот за социјална работа, а на странките им се доставува известување дека се запишани во регистарот. Посвоителите што немаат ограничувања во однос на полот, возраста, националноста и здравствената состојба на децата, многу побргу посвојуваат, за разлика од оние посвоители што имаат одредени ограничувања – објаснуваат од Министерството.
912