За да се укине епидемијата на морбили што е прогласена на територијата на Скопје, треба да поминат 4 недели од последниот пријавен случај
Преполовен е бројот на деца што одат во скопските градинки. Податоците на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) покажуваат дека во моментов половина од децата отсуствуваат зашто не се вакцинирани со МРП-вакцина (за морбили, рубеола, паротитис), зашто се болни или се на зимски одмор. Некои директори на градинки велат дека според информациите што ги добиваат од родителите, 20 отсто од нив воопшто не планираат да ги вакцинираат децата.
– Во моментов во градинка одат половина од запишаните деца. Некои се на зимски одмор, други невакцинирани, а трети се болни – велат од МТСП.
Валентина Божиновска, директорка на градинката „Весели цветови“ во скопската населба Кисела Вода, вели дека не доаѓаат во градинка повеќе од половина од децата, но и покрај тоа работата си тече по групи, т.е. деца од различни групи не се спојуваат во една.
– Речиси сите градинки, колку што знам, исто функционираат. Некои не доаѓаат зашто се болни од сезонските вируси, други поради условот да не се примаат невакцинирани деца. Има и дел што се запишани, ама уште не почнале активно да доаѓаат. Има родители што не ги носат од страв. Ние ги исконтактиравме, некои кажуваат отворено, а други одоколу, но мојот личен впечаток е дека околу 20 отсто од родителите немаат намера да ги вакцинираат децата. Како и да е, ние работиме како и претходно, не спојуваме групи – вели Божиновска.
На Инфективна лежат 22 заразени
За да се укине епидемијата за морбили што е прогласена на територијата на Скопје, треба да поминат два инкубациски периода од последниот пријавен болен од мали сипаници. Тоа значи дека треба да поминат 4 недели од последниот пријавен случај зашто инкубацискиот период е 2 недели.
Според епидемиолозите, не е реално да се очекува дека брзо ќе заврши ширењето на морбилите.
– Сега има повеќе извори од каде што се пренесуваат морбили и затоа постојано има нови случаи. Реално може да се намали ширењето ако се зголеми бројот на вакцинирани деца. Тоа што не одат невакцинирани деца во градинка придонесува да се ублажи пикот со ширење. Мора да се грижиме да има каде да се згрижат болните деца, да има место за сите што треба да се хоспитализираат – вели Микиќ.
Фото: КолектифПрес
Д-р Ирина Бухова, директорка на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, вели дека нивните инспекции покажуваат оти градинките не примаат невакцинирани деца.
Министерството за здравство информира дека завчера се прегледани 14 пациенти со симптоми на морбили. По извршениот преглед на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби хоспитализирана била само една пациентка (39) од Гостивар, додека останатите 13 пациенти се пуштени на домашно лекување поради полесната клиничка слика на морбили. На Инфективна клиника се хоспитализирани 22 пациенти со морбили и сите се во стабилна здравствена состојба.
Додека трае епидемијата се вакцинирани повеќе од 5.600 лица.
Болните да не се носат веднаш на клиника
Од Министерството за здравство велат родителите што ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста да не ги носат децата во Клиниката, туку кај матичните лекари, како и во дежурните пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит- пазар“ и „Букурешт“, кои работат 24 часа и вршат комплетни прегледи со лабораторија.
– Доколку е потребно, ќе се упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби – објаснуваат од Министерството.
Најголем број заболени од морбили се деца.
– Затоа останува во сила забраната за посета на градинките од деца што не се вакцинирани со МРП-вакцината. Задолжително сите деца од училишна возраст да се вакцинираат, ако не се вакцинирани или примиле само една доза од вакцината МРП, сите здравствени работници што од кои било причини не се вакцинирани или не се сигурни во својот вакцинален статус да се вакцинираат, да се намали фреквенцијата на пациенти на Клиниката за детски болести, поради опасност од ширење на оваа многу сериозна болест – дополнуваат од Министерството.
912