Ви ги пренесуваме искуствата на 3 мајки, една породена во државна установа, друга во приватна, а третата во болница во Германија
Да се стане мајка во време на Ковид-19 воопшто не е лесно. Секој поминат ден во вонредна состојба и самоизолација е идеален за прекумерно продуцирање „непотребни“ мисли – како ќе се одвиваат работите, колку е безбедно во болниците, кои опасности демнат, на какви ризици сме изложени, дали има простор за немир… За тоа што сè им се врти во главата на бремените пред породување, родилките и тазе мајките во ова време и како поминуваат, разговаравме со неколку од нив.
Каде ќе се породам?
Марија Матовска се породи на 19 април. Вели дека почитувајќи ги мерките на Владата, бременоста, од 35-тата недела, ја поминала затворена дома.
Марија на прошетка со Ангел
– Јас имав одлична, типична и многу активна бременост. Периодот на самоизолација и седење дома дополнително ми помогна да бидам посмирена, порелаксирана и наспана (нешто што и тоа како е потребно по породувањето). Во периодот пред породувањето имав многу и најразлични мисли. Општо земено, некако немав големи стравови, ги сочував за по породувањето. Иако, морам да признаам, дека имаше неизвесности што создаваа немири. Прво беше местото каде ќе се породам. Мојата иницијална идеја беше тоа да биде на Клиниката за гинекологија и акушерство-ГАК. Постојано бев во контакт со еден од гинеколозите од таа установа и на крај сепак изборот за породување падна на специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, бидејќи ГАК ја наменија за бремените жени со Ковид-19 и ризичните трудници – раскажува Марија.
Дел од незивесностите и стравовите ѝ беа врзани за тоа дека треба да оди надвор од дома и да се меша со други луѓе: професионалците, другите жени…
– Претходно дома навистина многу внимававме, сè што внесувавме однадвор го дезинфициравме: од производи купени во маркет, до облека, чевли и сл. Исто така, максимално внимававме на хигиената и дезинфекцијата на домот. Немавме контакт буквално со никој и ептен се држевме до мерките. За среќа, неколку дена пред моето породување во Чаир се породи моја пријателка и ми објасни дека во болницата влегуваат само трудниците, дека многу се внимава на хигиената, дека дезинфицираат и тоа ме смири – ни раскажа Марија.
Хигиена на ниво, документ за во полициски час…
Првата контрола во Чаир ја имала на 16 април утрото и се уверила дека е безбедно да се посети болницата.
– Навистина се уверив во сè што ми кажа пријателката во претходните наши разговори. Ептен среќна и спокојна си заминав оттаму со напомена да се вратам на преглед за два дена (ми дадоа документ за полицискиот час) или пред тоа ако имам некоја промена. Промената се случи уште истата вечер – ми пукна воденикот, ја зедов торбичката што ја имав подготвено за болница и со сопругот тргнавме за Чаир – вели Марија.
Полиција на пат до болница
На пат до болница ги застанала полициска екипа.
– Јас превозбудено почнав да објаснувам дека почнав да се породувам… Службеникот мислам дека се израдува повеќе од мене, нè испрати со добри желби за успешно породување. Бев целосно збунета. Во болницата ме примија веднаш на одделот за патолошка бременост – дежурниот лекар и сестра ми објаснија дека не треба да се плашам, дека на тој оддел се хоспитализираат жените што се пред породување, ама уште не им е дојдено времето за раѓање – раскажува Марија.
Ангел, мама Марија и тато Војислав
Породувањето траело два дена, речиси 52 часа. Мајката сакала спонтано да се породи.
– За односот на сите доктори, сестри и останат персонал – болничарки, хигиеничарки – сите што ги запознав беа жени (и мислам дека ги поминав сите смени) имам само позитивни коментари и мислења. Третманот беше одличен, секогаш беа на располагање, ми објаснуваа што се случува, што ми даваат (бидејќи покрај провокациите примав и антибиотици и дополнителни инфузии), што ќе биде понатаму – раскажува Матовска.
Растењето дете во пандемија е предизвик
Пријатно искуство и сеќавање има и за чинот на самото породување и за постпородилниот третман.
– Навистина сите беа многу професионални, љубезни и целосно посветени – на мене и на бебето Ангел. Поради жолтица и покачено ЦРП по породувањето, со Ангел останавме уште два дена во болницата. Во тој период навистина многу научив од сестрите за доењето и за целиот третман на бебето (преповивање, тоалета на папоче и сл.). Исто така, морам да истакнам дека во целата приказна огромна поддршка ми беше и присуството на другите трудници и родилки во соба (и пред и по породувањето) со кои си ги споделувавме стравовите, среќните мигови, контракциите буквално сè… Генерално, иако е во вакво специфично време, јас имам само убави зборови за моето породување во Чаир. Мислам дека растењето бебе во време на корона и пандемија е огромен предизвик, многу поголем отколку бременоста и породувањето. Но, вдишувам длабоко, ја прифаќам реалноста и продолжувам секој ден – вели Матовска.
Партнерот не може да е со тебе, измешани чувства
Ива Китановска е уште една мајка породена во време на пандемија. Се породила во приватна болница. Таа вели дека не сме единствени што ја прашале како е да се донесе на свет дете во услови на опасен вирус. Само што ја родила својата ќерка Бела, почнале да ја прашуваат какви се протоколите. А забраните? Беше ли сè во ред, беше ли страшно?
Ива и Бела
– Дента кога отидовме во болница поради контракциите, нов протокол беше во тек: влегуваш сама, ти проверуваат температура и се дезинфицираш (чевли и раце), носиш маска цело време. Те сместуваат изолирано, ти прават тест за Ковид-19. Претходно беше дозволено партнерот да биде дел од целиот процес, но овој пат само те испраќа до влезот на болницата… Сето ова се случуваше во викенд, за време на целосен полициски час. Процедури, документација… а ниту еден изгледан прес во изминатите неколку дена, чисто поради мир на мислите. Зошто не проверив статистика на вирусот денеска? Чувствата, сосема измешани: страв, паника, болка. Неизвесност дали сè ќе биде како што треба. Целиот медицинскиот тим беше достоен на положената заклетва, особено во наметнатите услови. Професионалност, експедитивност, емпатија. Продолжуваш да ја носиш маската и да го чуваш здравиот разум… Носиш маска и додека раѓаш! – споделува Ива.
Задолжително маска и на боксот
Истиот ден се родила Бела. Вистинско олеснување на Ива.
– Не ми беа важни ни негативните резултати од тестот, не ми беше важно во какво издание сум – само сакав да лежи на мене, засекогаш. Такво голо, топло, кревко. Важни бевме само ние, ние две и татко ѝ, на кој му беше дозволено да ја види на неколку минути, преку стакло. Набој на емоции, невидено ослободување и експлозија на хормони кои дотогаш си ги чувала под клуч. Но и понатаму продолжуваш да носиш маска и не можеш да си го помирисаш сопственото дете иако двете сте со најдобри наоди. Превентива, ќе ти повторат неколку пати. Барем додека не си одите дома – раскажува Ива.
Целото болничко искуство било од највисоки безбедносни размери.
– Се обидуваш да запаметиш сè: секој совет и насока, секоја информација што треба да правиш, а што треба да купиш, колку треба да внимаваш поради тоа што имаш бебе родено во време на корона. Свесна сум дека јас и Бела сме херои и дека еден ден ќе ѝ раскажуваме за времето во кое е родена. Спремни да одиме дома: најбезбедното место на светот – вели Ива.
Одлучив да не се плашам и да уживам
Снешка Трајковска, која во петтиот месец од бременоста се пресели во Германија и таму го донесе на свет Филип, вели дека во однос на породувањето немала голем страв, но имала немир.
Семејството Трајковски
– Ми се вртеа мисли што и како ќе се случи бидејки вирусот се ширеше многу, го претставуваат како многу опасен, нормално е да немаш убави мисли, не ти е сеедно, особено не за децата. Тоа се оние мали невидливи клетки што си ги создавал и од сeбе си ги делел, во срж ти е да ги заштитиш прво нив. Во гратчево каде што живееме има две државни болници. Јас ја одбрав таа што е поблиску до нашиот дом. Ние сме тука сами, нема баби и дедовци за помош, јас знам само англиски, а со германскиот сум ептен на почеток… Имав многу причини за страв. Но решив да не се плашам и да уживам во мешето и со мешето докрај. Сè што чувствувам јас, чувствува и бебето. Сакав да има убави чувства.
Размислував дека нашите баби немале болници и услови какви што има денес, па сè поминувало во најдобар ред. Имав уредна бременост, бебето беше наместено како што треба, немаше индикации дека нешто би можело да се комплицира. Си дозволив да уживам и да не се секирам – ни сподели Снешка.
Зголемени безбедносни мерки
Вели дека за немирот да исчезне многу ѝ помогначе сите што според своето работно место се грижеле за неа.
–Во Македонија двапати се породував во приватни болници, овде во државна, но морам да кажам државнава болница во моето гратче ги победува приватните во Македонија. Не дека лошо поминав во Македонија, туку дека овде наидов на таква љубезност, таква грижа, што воопшто не се чувствував сама и осамена три дена додека бев во болница. Персоналот се трудеше да ми зборува на англиски, супер се разбиравме. Постојано имаше некој да праша дали нешто ми треба, како сум, секогаш, ама баш секогаш насмеан лик и љубезност. Воодушевена сум од нивниот однос. Како едвај да чекаа да дојдат на работа за да се грижат за пациентите – раскажува Снешка.
Вели дека имала слушано приказни дека не се однесуваат убаво кога некој не знае германски, но на таков однос во ниту еден момент не наишла.
– Реално, јас не можев да забележам кој е кој од персоналот. Кој е доктор, кој сестра. Имаа различни униформи, но односот од секој кон секого е сосема ист. Не видов докторско его никаде, во ниту еден момент. Тоа многу ми се допадна. Сите еднакво културни и љубезни и кон пациентите и едни кон други. Мерките за претпазливост во однос на вирусот беа зголемени. Забранета беше посета на пациентите. Средства за дезинфекција имаше во ходникот и пред појавата на вирусот, но сега обезбедување стоеше на влез и те потсетуваше да го користиш. Сè помина во најдобар ред – додава Снешка.
Дека бременоста и раѓањето во услови на пандемија се предизвик, потврдија и психолозите и лекарите.
На сите идни родители им посакуваме лесно и успешно да го поминат патот за да ги гушнат бебињата.
912