Дали сме подготвени да спроведеме голема образовна реформа, кој ќе го стори тоа, колку сериозен проблем е политизацијата во образованието, како квалитетниот кадар не може да исплива во партизиран систем, се дел од темите на кои се дискутира на денешната расправа на собраниската Комисија за образование, наука и спорт. За предложените образовните реформи дискутираат наставници, професори, претставници на МАНУ, претставници на меѓународни организации, како и членови на работната група која ја прави концепцијата за основното образование.

Дoнев: Политизацијата е сериозен проблем

Научниот советник и професор Јован Донев во своето излагање истакна дека 30 години во нашата држава се прават реформи, за што се трошат енергија и пари.
Не се сомневам во стручноста на членовите на работната група, но образованието е огромна сфера и има тука многу интереси – и бизнис-интереси и политички и идеолошки интереси, рече тој.

-За мене, клучни се неколку прашања. Кој ќе ја спроведе оваа голема реформа? Ние сите овде што сме продукти на процес што не чинел? Ние не сме на тоа ниво за да можеме да спроведеме вакви исклучително сериозни реформи. Од друга страна, образованието е политизирано, директорите се политички поставени. Наставниците, кој ги прима на работа? Политизацијата е сериозен проблем. Има квалитетни луѓе меѓу нив, се разбира, но ако имате партизација во системот, тогаш како ќе ја направите реформата? И третиот сегмент кој е исто толку важен е корупцијата во образованието – рече проф. Донев.
Тој предложи Бирото за развој да се укине како институција, а наместо тоа да има Институт за образовни политики.

Камбовски: Неопходни се промени

Професорот Владо Камбовски кажа дека неопходно е да има промени и во предучилишното образование.

-Не може овие промени да се сведат само на промена на наставниот план, без притоа да биде опфатено и оценувањето на учениците. Главни протагонисти на овој најважен процес се наставниците. Наставникот е централна фигура во процесот, главниот носител на промените е тој. Оттука, доаѓа време кога учителот со големо „У“ ќе стане централната фигура во системот – рече Камбовски.

Ѓорѓиев: Кога ќе правите учебници, не политизирајте го минатото

Има четири принципи кои мора да се присутни и во историографијата и дополнително кога ќе се прават нови учебници по историја, поради промените и новата концепција, истакна Драги Ѓорѓиев, директор на Институтот за национална историја.

-Еден од најважните принципи е деполитизацијата на минатото, односно избегнување да се приспособува минатото кон современите политички потреби. А тоа е присутно. Треба да има нови толкувања на веќе познати извори, примена на нови методи, постојано преиспитување на минатото. Историчарите мора да дадат придонес кон современото општество, младите да не размислуваат националистички и површно. Историјата не е омеѓена и не е изолирана. Таа е повлијаена и од географијата и културата, од наследството на одредени простори на кои ние опстојуваме. Историјата не е догма, ниту идеологија. Кон неа не смее да се има емоционален, туку рационален пристап. Историчарите мора да се држат до највисоките научни стандарди, спротивставувајќи се на политичките притисоци без компромис – рече директорот на Институтот.

Според него, историјата треба да се учи како дисциплина која ќе развива критичко размислување.

-Се надевам дека овие принципи ќе бидат вградени во учебниците во предметот историја. МОН да внимава – историјата не смее да се претвори во алатка која ќе шири омраза и нетрпение во општеството – потенцира директорот.



912

X