Воспитување

Пофалбата е поефективна од казната – златни правила на воспитувањето

Во јуни се одбележува Меѓународниот ден на детето. Секојпат одново тоа е можност за потсетување дека остварувањето на правата загарантирани со Конвенцијата за правата на детето изгласани во 1989 година, е неопходно за секое дете, за да се осигури напредокот на целото општество. Во текот на годините Конвенцијата за правата на детето придонела за унапредување на животот на децата од целиот свет. Но, темата на овој текст е унапредување на односот помеѓу родителите и децата, иако е тешко да се држиме до некои универзални совети, постојат некои „златни правила“ кои може да помогнат на патот кон квалитетен однос.

Удирањето на детето никогаш да не ви биде опција

Секој родител знае дека детето може да го излуди и да го доведе во ситуација кога посакува да го удри по задникот, но немојте да си дозволите да го направите тоа. Тргнете се од детето, измијте се со студена вода, избројте до 10… Зошто да не удирате? Има многу причини. Со удирањето му испраќате пораки кои никогаш не сте сакале да му ги всадите – дека е во ред да се удира послабиот од себе, дека е во ред да се удри кога не се знае мирољубив излез од ситуацијата… Вашиот авторитет над детето, кој е неопходен, нека почива на љубов, а не на страв. Последно, но не и неважно е дека удирањето деца е казниво со закон.

Палец долу за навредување, палец горе за уважување

Вашето дете, колку и да е малечко, има своја личност, интереси и желби. Исто така, тоа е малечко човечко суштество кое бара однос полн со љубов и уважување. Тоа не значи дека треба да му се исполнува секој каприц, но треба да го пуштите слободно да ги изразува своите желби, иако некои од нив ќе бидат одбиени. Не исмејувајте го, не намалувајте ги неговите стравови, никогаш не навредувајте го и не омаловажувајте го. Детето има свој интегритет кој ниту вие ниту некој друг не треба да го нарушува.

Времето за заедничка игра е неопходно

На вашето дете му е потребно време што ќе го поминувате во игра. Не мора да играте со часови, бидејќи експертите тврдат дека е доволно и половина час дневно, но тоа мора да биде време во кое нема да ве прекинуваат мобилни телефони или паралелно готвење ручек. Најдобро е да седнете со детето на под, да играте со фигури, да цртате, да си играте со перници, да вежбате, пеете, танцувате и слично…

Разговарајте со вашето дете и слушајте го

Покажете искрен интерес за она што го прави детето, разговарајте за неговите размислувања, чувства и секојдневие. Зборувајте и за тоа што вие сте го правеле, што сакате и не сакате… Малото дете учете го на вербализација на чувствата за кога ќе порасне, да може точно да ги идентификува своите чувства и да научи да се справува со нив на правилен начин. Кога детето ќе почне да зборува, не заборавајте да го слушате.

Бидете искрени со детето

Повеќето деца речиси инстинктивно чувствуваат кога родителите ги лажат. Избегнувајте таков однос и од почетокот бидете искрени со него. Секогаш кажувајте му ја вистината за важни случувања, промени и слично бидејќи детето инстинктивно чувствува кога нешто му криете, но не знае да протолкува што се случило. Родителска задача е да му се каже на детето вистината на соодветен и прифатлив начин за него.

Пофалбата е поефикасна од казната

Докажано е дека децата се склони кон повторување на однесувањето за кое се наградени, иако тоа било само во облик на пофалба. Не плашете се дека можете да создадете мал егоист бидејќи тоа нема да се случи. Избегнувајте казнување и давање важност на несакани облици на однесување, па целосно фокусирајте се на позитивните работи што ги направило детето. На крајот од секој ден сетете се на нешто такво и пофалете го. Можете да воведете и креативни начини на кои ќе го наградувате детето за позитивното однесување.

Верувајте им на своите инстинкти

Ви изгледа дека детето е болно, но роднините ви велат да не паничите. Имате чувство дека со нешто сте го повредиле своето дете, но сестрата ви тврди дека си замислувате. Не потклекнувајте на влијанијата. Родителите најдобро си го познаваат своето дете и може да имаат претчувство дека нешто не е во ред. Не потиснувајте ги своите инстинкти и дозволете им да бидат водич на вашите постапки и одлуки.

Бидете доследни

Не е секогаш лесно, но долгорочно е исплатливо. Повеќето родители запаѓаат во замката на попуштањето за да решат некој проблем. Намалете ги таквите ситуации веднаш – штом ќе видите дека доаѓа до некоја конфликтна ситуација, веднаш запрашајте се дали на крај ќе попуштите под притисокот. Ако сакате, тогаш попуштете веднаш. Во спротивно, на детето му праќате порака дека секогаш ја менувате својата одлука ако детето доволно се потруди и го губите кредибилитетот. Издвојте го важното од неважното и не инсистирајте на работите што не ви се навистина важни.

Сигурноста на детето нека биде приоритет

Ако имате малечко дете кое ползи или почнува да оди, заштитете го домот за да не дојде до несакани последици. Острите рабови прекријте ги со силиконски навлаки, а отстранете ги и сите опасни предмети од местата до кои детето може да стигне. Секогаш возете го во соодветното седиште во автомобилот и од малечки учете ги децата како да поминуваат на улица, на пешачки премин. Кога одите заедно по улица, држете го детето за рака.

Здравите прехранбени навики се создаваат од мали нозе

Не е нужно храната за децата да ја купувате исклучиво во продавници за здрава храна, но пожелно е да се стремите кон балансирана исхрана, да избегнувате лоша храна, а слатките умерено да ги дозирате. Менито на децата да се заснова на овошје, зеленчук, житарици, млечни производи и риба или месо, а храната како паштета, виршли, грицки, пржени јадења во многу масло и слично, децата би требало да ја избегнуваат. Ако, пак, детето јаде такви намирници, потрудете се да ги сведете на минимум. Не заборавајте дека тие навики се создаваат во детството, а многубројни се причините што доведуваат до лошо здравје и последици кај децата.

Дајте му на вашето дете уште можност да доживее длабока старост.

Автор: Јосипа Скоти Павлина

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top