Сиромаштијата значи опасност за вашето здравје, а изградбата на подобро соседство може да го намали лошиот ефект врз сиромаштијата, покажува најново истражување.
Според истражувачите од Универзитетот „Калифорнија“ во Сан Франциско, децата од семејства со ниски примања имале пониско ниво на стрес и подобро физичко здравје ако живееле во населби со подобри и повисоки можности.
Важна е населбата каде што живее детето
Истражувачите го испитале влијанието на квалитетот на соседството и социо-економскиот статус на семејството врз здравјето на децата што посетувале градинка. За да го направат тоа, тие ги анализирале постојните податоци што покажувале ниво на хормонот за стрес, кортизол, кај 338 деца со различно економско потекло, како и процени за здравјето на децата од страна на родителите и наставниците.
Во предвидувањето на здравствените резултати на децата на почетокот и на крајот од учебната година истражувачите го оцениле квалитетот на населбите каде што децата живееле преку индекс со кој го зеле предвид пристапот до паркови и до здрава храна.
– Кога децата од семејства со пониски приходи живеат во подобри населени места, односно квалитетни населби, имаат пониско ниво на кортизол и помалку здравствени проблеми отколку децата од семејства со пониски приходи што живееле во лоши населби – вели Даниел Рубинов, асистент-професор по психијатрија.
Искуствата од детството, добри или лоши, можат да имаат голема улога во однесувањето подоцна во животот, посочуваат центрите за контрола на болести и превенција.
Сиромаштијата е поврзана со лошото здравје
И додека сиромаштијата е поврзана со лошото здравје, Рубинов вели дека повисокиот квалитет на соседството каде што расте детето е фактор што може да го заштити од негативните здравствени последици поврзани со растењето во посиромашно домаќинство.
– Постојат заштитни фактори што можат да се идентификуваат во животната средина за да се намали негативното влијание врз детските искуства. Најголемата работа е важноста на раната интервенција – фактот што ги гледаме ефектите толку рано покажува дека треба сега да интервенираме за да му помогнеме на детето да се движи по здрава траекторија – вели таа.
Иако подобрувањето на семејните приходи е важно, Рубинов вели дека резултатите од нејзиното истражување ја одразуваат важноста за подобрување на детските средини надвор од нивните домови.