Кога еднаш ќе ги пробаат, на поголемиот број деца виршлите им стануваат едно од омилените јадења, а обично ги прифаќаат и најголемите пребирливци. Од друга страна, повеќето родители, особено оние на кои им е важна здравата исхрана, нема да му ја дадат оваа намирница на детето. Нутриционистот Мирна Трумбеташ од Хрватска одговара на прашањето дали виршлите навистина се нездрави и до која возраст никако не би смееле да им ги даваме на децата.

– По првата година децата, всушност, може да јадат сè, но виршлите дефинитивно не би требало да бидат првиот избор на храна што ќе им ја понудиме на децата. Одвреме-навреме, во посебни пригоди, или кога едноставно не ви се готви, можете да им дадете виршли, но тоа никако не би требало да биде почесто од неколку пати во месецот – вели Трумбеташ и го коментира составот на виршлите:

-Виршлите се варени колбаси и се добиваат со преработка на свинско, говедско или пилешко месо, обликувано во месно тесто, кое се добива со ситнење на месото и со додавање сол и вода. На тоа се додаваат зачини и остатоци, како кожички и внатрешни делови, како и масно ткиво со различни додатоци, како конзерванси, засилувачи на вкус и регулатори на киселост.

Проблематични Е броеви

Кај виршлите е проблем, како и кај сите други готови производи, што имаат многу додатоци кои имаат несакано влијание врз нашиот организам ако редовно и често се консумираат. Според декларациите, виршлите содржат 88 проценти месо, млеко во прав, сол и додатоци Е 621, Е 301, Е 450 и Е 250.

– Е 621 е ознака за мононатриумов глутамат, засилувач на вкус во готовите производи од растително и животинско потекло, чија зачестена употреба може да доведе до несакани реакции. Проблематичен може да биде и додатокот Е 450, кој означува збир на фосфати кој се додава заради регулација на киселоста, подмачкување, емулгирање и слично. При честата употреба на готови производи богати со фосфати доаѓа до нивно таложење во организмот, па може да ја попречат апсорпцијата на калциумот, магнезиумот и железото, што доведува до намалување на коскената маса и до остеопороза, како и таложење на калциумот во организмот. Конзервансот Е 250 – натриумов нитрит, кај децата може да предизвика хиперактивност – објаснува Мирна Трумбеташ.

Таа заклучува дека виршлите не се баш најдобар избор за нашите деца, па треба да се консумираат ретко, кога баш ништо друго немаме при рака.

– За брз појадок или вечера, подобро на детето понудете му домашна сланина со леб. Во сланината исто така има маснотии, но барем се видливи и ако е домашна, знаете што нудите – порачува нутриционистот.

Автор: Ана Доклер

Извор



912

X