Давањето награди или стимулации за детето може да биде многу примамливо во моменти на очај. Тоа е така затоа што наградите често пати можат да ви помогнат да го добиете она што го сакате… но, на краток рок. Дали наградите помагаат да се мотивираат децата на долг рок? Не. Всушност, наградите ѝ штетат на мотивацијата на долг рок. Зошто?
Наградите ја поткопуваат внатрешната мотивација. Децата се раѓаат со внатрешна мотивација. Никој не му нуди на бебето награда или мито за да го натера да научи да ползи. Никој не му нуди на тригодишно дете поттик да се интересира зошто небото е сино или како растат растенијата. Никој не треба да го прави ова бидејќи луѓето се раѓаат љубопитни и со желба да работат и да вложат напор за да ги развијат своите тела и умови. Луѓето се природно мотивирани, а обезбедувањето награди всушност може да ја „одземе“ таа прекрасна природна мотивација, на тој начин што го тера детето да сака да направи нешто за вас, наместо за себе.
На пример, да речеме дека Марко природно ужива во собирање лисја. Тоа е одлична можност за детето да помине време надвор, да ги користи своите големи мускули и да изврши некоја корисна задача што прави да се чувствува добро. Но, можеби еден ден ќе го замолите Марко да ви помогне да ги соберете листовите и тој ќе ви каже „не“, затоа што е зафатен со играње со лего-коцки. Вам навистина ви треба помошта од вашето дете и му нудите награда – можеби малку бонбони или дополнително време пред екранот ако ви помогне. Задачата е завршена, а Марко е среќен бидејќи добил дополнителни 30 минути да ја одигра својата игра. Сите се среќни, нели?
Но, што ќе биде следниот пат? Вашето дете можеби нема да сака да ги собира лисјата поради тоа што ужива во активноста. Сега ќе очекува и награда бидејќи има надворешна мотивација. Ова не претставува само мала непријатност, туку вие сега треба да имате и еден куп слатки или сами да ги собирате лисјата – и ова е фундаментална промена во тоа како детето ќе гледа на работата.
Внатрешно мотивираните деца се трудат и работат напорно затоа што уживаат во предизвиците, сакаат да учат нови работи и уживаат во чувството на задоволство што доаѓа од придонесот во заедницата. Надворешно мотивираните деца прават работи за да добијат пофалба или награда од другите луѓе. Овој начин на размислување може да го следи детето и во периодот на зрелоста, па затоа е важно да се поддржи природната внатрешна мотивација на детето додека е мало. Експертот и автор на бестселери Гречен Рубин нагласува дека наградите и за децата и за возрасните функционираат на краток рок.
Наградите ја намалуваат вредноста на активностите
Да му кажете на детето дека ќе му дадете нешто ако заврши некоја задача, значи дека задачата е на некој начин непријатна или сама по себе безвредна. На пример, реченица: „Ако цел месец ја пишуваш домашната работа, можеш да избереш која било играчка од продавницата“, имплицира дека домашната задача сама по себе не е вредна, односно дека не вреди да се изврши на друг начин.
Наградите го занемаруваат основниот проблем
Нудењето награда за пожелно однесување ја игнорира основната причина зошто детето нешто одбива. На пример, родителот може да помисли: „Моето дете одбива да чита, па јас ќе му дадам награда за секоја книга што ќе ја прочита“. Овој систем не успева: родителот дури и не прашува зошто детето не сака да чита. Можеби детето нема книги што го интересираат и би сакало да има книга за диносаурусите. Можеби досега прочитаните книги биле преголем или премногу мал предизвик за детето. Можеби детето повеќе би уживало во читањето доколку вие седите до него и ја читате вашата книга, или повеќе би уживало кога вие му читате книга. Ако вашето дете одбие да направи нешто, тогаш има причина зошто, а нудењето награда може да ве спречи да ја откриете таа причина. Наградите не функционираат, но што да се прави наместо тоа?
Поврзете се
Децата секогаш ќе бидат поподготвени да го прават тоа што ќе им кажете да го прават ако се чувствуваат поврзани со вас. Истото важи и за возрасните. Најдете време за поврзување и игра. Ако вашето дете одбива да се подготви да излезе од дома секое утро, обидете се да го разбудите 15 минути порано и да се гушкате или да прочитате сликовница. Секогаш обидувајте се да се поврзете со детето пред да побарате нешто.
Прашајте „зошто“? Во зависност од возраста и темпераментот на детето, можеби ќе можете директно да го прашате зошто одбива да направи нешто или можеби ќе треба да го проучите детето и да се обидете сами да ја дешифрирате причината. Одбивањето на детето може да биде директно поврзано со задачата. На пример, неговите чевли се премногу комплицирани и поради тоа се чувствува фрустрирано. Или може да се работи за нешто друго, на пример, детето се чувствува премногу уморно за да ја исчисти собата навечер и би било многу попријатно за него да го направи тоа во сабота наутро.

Понудете му помош
Без разлика дали на детето му е потребна помош или не, покажувањето солидарност и понудата за помош може да ја поттикне подготвеноста на детето да учествува. Доволно би било ако често нудите помош и сте присутни. Можете да кажете: „Таа домашна задача звучи како да е потешка. Ќе бидам во кујната додека ја правиш, па слободно побарај ме за помош ако ти треба“. Или со мало дете кое одбива да ги расчисти играчките: „Леле, има толку многу играчки на подот, ова изгледа како работа за две лица. Јас ќе ги кренам куклите, а ти од каде ќе почнеш?“
Многумина од нас пораснале со награди и стимулации за добро однесување и тоа може да е сосема природно за нас, па да ги користиме тие начини и со нашите деца. Сепак, вреди да се пробаат и други алатки, особено ако помагаат да се заштити вашето дете од внатрешно чувство на мотивација. Нудењето награди води само до тоа децата да бараат повеќе награди, додека поврзувањето и размислувањето за однесувањето може да доведат до долгорочни резултати.
Автор: Карина Шиждрак