Планот нуди неколку предлог-модели на организирање на наставата – настава по скратени наставни програми, скратена учебна година, редуцирање на бројот на ученици во училниците, работа во смени, настава преку далечинско учење

Работна група составена од претставници на повеќе институции изготвила акциски план според кој има неколку предлог-модели на организирање на наставата, информираат од Министерството за образование и наука (МОН). За тоа кој модел и кои новини ги очекуваат учениците и наставниците од 1 септември, надлежните ќе одлучат наскоро, а тоа ќе зависи од трендот на ширење на Ковид-19.

– По однос на начинот на кој ќе се организира следната учебна година, информираме дека е формирана работна група која изготви сеопфатен акциски план што дава одговор на две суштински прашања, односно нуди неколку предлог-модели на организирање на наставата – настава по скратени наставни програми, скратена учебна година, редуцирање на бројот на ученици во училниците, работа во смени, настава преку далечинско учење. Исто така, планот содржи и протоколи како и на кој начин да се заштитат учесниците во воспитно-образовниот процес доколку се одлучи наставата да се реализира со физичко присуство на учениците во училиштата – велат во МОН.

Оттаму појаснуваат дека во планот е предвидено како да се организира и одржува хигиената на просторот во училиштето, а има и препораки за однесување и лична хигиена на учениците, како и препораки за наставниците.

– Исто така, ќе мора да се држи и дистанца. Акцискиот план се разгледува и по завршување на сите потребни консултации, финално усвоената верзија ќе биде достапна за целокупната јавност – додаваат од Министерството.

„Деца.мк“ пред неколку дена објави дека надлежните размислуваат зимскиот распуст за основците и за средношколците да биде од ноември до февруари.

Зимски распуст 3 месеци, на настава 100 дена наместо 180… Какви сценарија се разгледуваат за новата учебна година?

Ако се скратени наставните програми, учениците ќе имаат поголеми распусти во текот на годината. Според нашите извори, идејата е кога ќе има ризик од криза, децата да одат на распуст, а потоа пак да се вратат на училиште и да учат по скратена програма.

Наставните програми се веќе скратени и како такви се подготвени за реализација, а кратењето е предвидено и со новиот Закон за основно образование, велат нашите извори. Имено, во членот 50 став 6 стои: „Воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што одлучува министерот и го утврдува организирањето на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни дена, врз основа на скратени наставни програми, изготвени од Бирото, а донесени од министерот“.



912

X