Заедно со своите колеги одговоривме на над 360 прашања во рубриката „Прашај психолог“, вели Радмила Живановиќ, психолог-психотерапевт на „Психотерапика“

– Рубриката „Прашај психолог“ од ентузијастички психоедукативен проект на Деца.мк и „Психотерапика“ прерасна во издржана и референтна онлајн платформа за психолошка поддршка на сите родители што имаат прашања за психолошкото здравје за своите деца – вели Радмила Живановиќ, психолог-психотерапевт во „Психотерапика“ и коосновач на рубриката „Прашај психолог“.

– Слоганот „Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!“ нѐ убеди дека родителите се навистина активни чинители во животот на децата и навистина се подготвени да побараат психолошка поддршка во време на нејаснотија, криза, неразбраност, развојни специфичности, посебни теми и дилеми поврзани со прашањата што им се отвораат и кои децата и нивниот комплексен свет им ги носат. Тимот овие години растеше и вклучи значајни колеги-психолози и психотерапевти кои работат со деца и семејства и кои навистина со љубов, посветеност и грижа му пристапија на секое прашање. А прашања има многу, веќе одговоривме на над триста и шеесет прашања од родителите – вели Живановиќ.

Радмила Живановиќ

Таа е горда на она во што прерасна рубриката и што претставува во овој момент.

– Рубриката е ризница за непроценлива поддршка и, пред сѐ, доверба во зачувување и грижа за здравјето на децата и младите. Поддршка за родителите и нивните храбри обиди да ги постават прашањата, да се изложат на јавноста, но и да се спремни да добијат и да применат посоодветни развојни одговори во однос на менталното здравје на нивните деца. Голема благодарност до колегите и до целиот тим на Деца.мк за магијата што ја создадовме овие години – вели Живановиќ.

Најмалку храбрите да побараат помош за себе и за своите најмили

Психологот Ивана Велевска вели дека родителството е прекрасно, но истовремено претставува предизвик и си носи свои тешкотии.

– На многу родители им е проблем да усогласат повеќе животни улоги и да ги подобруваат односите со своите деца на вистинскиот начин. Одлучив да се вклучам во рубриката „Прашај психолог“ за да им го олеснам родителствувањето на родителите кои се подготвени да побараат психолошка помош и поддршка, онолку колку што можам. Оваа рубрика овозможува и најмалку храбрите да се обратат за помош и им помага на многу родители да си ги разрешат дилемите што им се јавуваат при одгледувањето на своите најмили – вели Велевска.

Ивана Велевска

Родителството не мора да биде тешко

Психологот Билјана Манасова-Јовановиќ вели дека рубриката е од големо значење за сите родители што имаат дилеми и кои се соочуваат со родителски проблеми. Таа им обезбедува помош бидејќи со децата, родителите честопати доживуваат состојби на беспомошност и очај, збунети се и понекогаш не гледаат излез.Со добивањето одговор на одреден проблем работите се гледаат од поинаков агол, се разрешуваат повеќе прашања, на пример, зошто го правам тоа што го правам и зошто тоа не функционира. А потоа добиваат поголема мотивација за промена на односот со детето и заедно да растат, и детето и родителот.
Многу родители, тетки, баби, чичковци добиваа совет и помош од експерти, кои не само што имаат теоретско знаење туку и практично, и кои и самите се родители – раскажува Манасова-Јовановиќ.

Билјана Манасова-Јовановиќ

За неа, да се биде дел од тимот на „Прашај психолог“ е голема привилегија и ѝ претставува голема радост одговарањето на секое прашање со надеж дека родителот нашол решение за проблемот кој го мачи.

– Родителството е најважната и најтешката улога во животот и нешто што не може да се научи на почетокот, родителството се учи од зачнувањето до крајот на животот. На секој родител му е потребна значителна поддршка, водство, помош во решавање на дилемите што ги има, а особено на младите родители. Родителството како најубава работа не мора да биде и толку тешка ако секој родител има квалитетна и сеопфатна поддршка и разбирање. Затоа сме тука да го направиме вашето родителство уште поубаво.

И сличните прашања имаа различни приказни

– Родителите често се обраќаат и со прашања поврзани со силните емотивни состојби на детето кои за нив понекогаш се збунувачки, па се прашуваат како треба да се постават. Тука се сите прашања како да се справиме со детската лутина, отпори, напади на бес и тантруми, како да ја олеснат детската тага во случаи на загуба или разделба на родителите, како да му дадат поголема поддршка и да дознаат подобро што го мачи на своето емотивно позатворено дете и сл. – вели Ивана Маринчек.

Ивана Маринчек

Таа објаснува дека сите прашања што ги добила биле интересни и впечатливи, секое на свој начин и процесот на одговарање на секое од нив ја повлекло во поинакво патешествие специфично за тој наратив.

– Дури и прашањата кои навидум се повторуваа или беа слични во суштина во себе носеа различни лични приказни. Токму разноликоста на прашањата и обидот да понудам специфичен и уникатен одговор за секоја лична приказна беше за мене посебна мотивација – вели Маринчек.

За секој проблем постои решение

Рубриката „Прашај психолог“ направи психолошка револуција во областа на детската психологија и родителствувањето, вели психолог за деца и адолесценти Христина Стефановска.

– Едно прашање од читателите претставува илјадници на досега непоставени прашања на родителите. Секое прашање стана пример на кој можат да се угледаат и другите. Донесуваме значаен подвиг во перцепцијата и рамката на досегашното родителствување и нудиме начини и алтернативи за решавање на проблемите на децата, со што покажуваме дека за секој проблем постои решение.

Христина Стефановска

Најчесто прашуваат мајки, но активни се и татковци

Радмила Живановиќ вели дека соработката со порталот започнала многу пред рубриката, преку објавување текстови за определени теми поврзани со пристапи во психичкиот раст и развој на децата.

– Таа добра соработка со тогашната уредничка Наташа Бошковска-Златкова создаде клима на размена и доверба и набрзо ја основавме рубриката „Прашај психолог“. Идејата беше да се создаде безбедно место каде што на прашањата на родителите поврзани со психичкиот развој и здравјето на децата, ќе одговараат психолози и психотерапевти. Првиот мој одговор е и првиот одговор на рубриката, и беше публикуван во мај 2019, што значи уште некој месец ќе направиме 4 години – вели Живановиќ.
Таа објаснува дека за овие четири години од родителите добиле најразлични прашања за многу аспекти од социо-емоционалниот и когнитивниот развој на нивните деца.

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!



912

X