Во многу нешта сликата за семејството се променила од пред 20 години или половина век. Некогаш имало повеќе деца во семејството, а ист покрив делеле повеќе генерации. Поделбата на улогите и моќта била појасна, „се знаело што е чија работа“ во односот родител-дете. Семејствата биле поповрзани и функционирале по системот „Сите за еден, еден за сите“, каде што имало малку места за независност. Биле поблиски и се инсистирало на лојалност. Денешните семејства се емотивно одвоени, се поттикнува независност за сметка на блискоста и заедништвото.

Ваквото просечно современо балканско семејство, за српски „Новости“ го опишува Славица Медар-Петриќ, семеен психотерапевт од Центарот за психотерапија и групна анализа „Бјанко“ во Нови Сад.

Немајќи алтернатива, повеќе генерации се принудени да живеат на иста адреса. Таквата состојба резултира со незадоволство, лоша комуникација, неразбирање, што доведува до хаотични семејства. Членовите често работат само за себе, не се во состојба да се обратат на друг член од семејството за совет – вели Медар-Петриќ.

Психолозите нагласуваат дека денешното семејство станало збир на поединци кои живеат паралелни животи во ист станбен простор. Секој, како што велат, во својот простор се забавува со технолошките уреди, навидум игра или разговара и се дружи. Така поединецот останува сам во својата соба со илузија дека е во контакт со илјадници пријатели. Губи свест за протокот на времето и ги нарушува основните животни ритми. А еден од најголемите проблеми на современите семејства е неусогласениот однос на родителите, кој инаку децата никогаш не може да не го забележат.

Воспитување

Освен инстант оброк, на децата им се сервира и инстант воспитување. Нема ниту промисленост ниту доследност во пренесувањето важни пораки на децата. Како што вели Славица Медар-Петриќ, доследноста е важен сегмент од родителството, тежок за родителите, но долгорочно гледано, извонредно корисен за детето. „Покрај големиот број обврски како на родителите така и на детето, има многу малку време за разговор. Родителите би сакале да знаат што му се мота во главата на детето, но тоа често им се трга од раце. Помалите деца не умеат прецизно да ги опишат случувањата, ниту јасно да ги изразат мислите, а малку постарите бегаат од родителските прегратки. Од друга страна, ниту родителите не се секогаш вешти во комуникацијата, па уште од врата ги опсипуваат децата со директни прашања, најчесто во врска со оценките, а кога детето ќе изрази желба за разговор, често немаат време“, вели таа.

Затоа, според неа, семејството со дете од училишна возраст обично е во кризен период. „Децата се тогаш во процес на социјализација бидејќи во нивниот свет влегуваат пријатели од училиште, нивните родители, учители и наставници. Родителите, пак, во оваа фаза имаат повеќе време да се посветат на професионалните активности, но во тој период и најчесто се јавуваат проблеми со децата поради одвојување, учење, однесување… Зад проблемите со детето речиси секогаш има нерешен родителски или брачен судир. Конфликтите најчесто се околу поставување нови граници, поделба на моќта, нови улоги, нерешени проблеми. Сè повеќе кај младите исчезнува и познатиот култ за неделен ручек. Сè почесто се прибегнува кон ручек надвор од дома или јадење „од на нога“. Притоа, како што вели Медар-Петриќ, младите домаќинки не го сфаќаат значењето на собирањето околу семејната маса. Наместо околу масата, денешните семејства полесно ќе се соберат околу мал екран, да проследат реално шоу, како и филмови со несоодветни содржини, полни со насилство.

„Едно истражување покажало дека децата што гледаат реални шоуа многу почесто ги поврзуваат богатството, популарноста и убавината со среќата. Ваквиот резултат воопшто не изненадува бидејќи токму овие вредности високо котираат меѓу учесниците во реалните шоуа“, вели Медар-Петриќ.

Скапоцените баба и дедо

„На Балканот, во семејниот живот во голема мера се мешаат бабите и дедовците, па и другите членови, особено кога брачниот пар е несамостоен и финансиски зависи од родителите. Она што треба да се прифати е културното наследство на семејството и помошта околу децата, бидејќи ниту една дадилка нема подобро да им даде чувство на припадност и сигурност“, вели Медар-Петриќ. Истражувачот од Универзитетот „Охајо“, Кирк Блор, утврдил дека внуците што имаат блиски односи со бабите и дедовците постигнуваат подобри резултати на училиште, поемотивни се, приспособливи, имаат поголема самопочит и подобра способност да развијат и одржат пријателства.

Автор: Јелена Матијевиќ/Бојана Царановиќ

Извор



912

X