Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум една загрижена мајка на 5-годишно машко дете. Беше умно, паметно, соработливо дете, но повеќе не е такво. Пред еден месец добив и второ дете и не дозволуваме поголемиот да се почувствува изолиран или да не му се обрнува внимание, напротив, мислам дека тоа го искористи и сѐ му беше дозволено. Оди во градинка и таму една недела правел проблеми, не соработувал си терал по свое, а на улица знае да удри некое дете.
Понекогаш останува на спиење кај моите родители, но и нив не ги слуша, сака сам да оди на продавница или сам да шета со другарите низ маало. Треба по повеќе пати да го викнам за да дојде да го прашам нешто или сл.
Кажете совет како да постапиме, знае да кажува и недолични работи. Разговараме сите со него зошто се однесува така, а неговиот одговор е „Јас сум голем веќе“. Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Доаѓањето на новото бебе носи неизмерна радост, но и многу важни промени во структурата и динамиката на семејството. За децата, доаѓањето на новото братче или сестра значи дека денот е целосно изменет, нови распореди, нови рутини, нови потреби итн.

Оваа промена често е најдраматичната во животот на едно мало дете. Тоа може да претставува и стрес, особено за децата ако не знаат што да очекуваат од новонастанатата ситуација. Дополнително, за нив може да биде тешко да се справат со емоциите што се појавуваат со доаѓањето на новиот член во семејството бидејќи тоа може да претставува закана за привилегиите, вниманието и на тој начин може да се појави љубомора.

Колку да сакало братче или сестра, реалноста е дека оваа промена, во однос на родителското внимание и наклонетост, детето ја чувствува како загуба. Кога зборуваме за емоциите, децата чувствуваат болка, тага, а понекогаш и гнев или вина, но најмногу се плашат да не ја изгубат љубовта на родителите. Преплавени од оваа бурна мешавина на емоции, кои е речиси невозможно децата да ги разберат (а камоли да ги изразат), тие ја рефлектираат својата болка преку иритирачки, понекогаш агресивни однесувања. Промените на расположението понекогаш можат да бидат екстремни.

Детето се обидува да го привлече вниманието на родителите на упорен, па дури и негативен начин.

Затоа, охрабрете го вашето дете да ги изрази своите чувства.

Кога комуницира со бебето, го бакнува или гали премногу или скока на креветот до него, можете да прашате: „Дали ти пречи што бебето е тука? Големите браќа и сестри често се чувствуваат така. Можам да ти помогнам да станеш од креветот. Би сакал ли да седиш во скут или да скокнеш на земја до мене.“
Случајно, искажувајте ги негативни чувства кога ќе ги забележите, како: „Да се биде голем брат понекогаш е навистина тешко. Нормално е да се налутиш на бебето или на мама или тато, да бидеш тажен, загрижен или едноставно лут без да знаеш зошто. Но мама и тато те сакаат и се тука да ти помогнат“.

Одвојте најмалку 20 минути дневно за да бидете целосно присутни и фокусирани на вашето постаро дете. Правете ситуации и моменти каде што ќе се почувствува гордо, како: „Бебето се смее само кога ти си тука…“ во ситуации кога барате да ви донесе нешто за бебето, марамчиња, пелени итн. Прашајте понекогаш дали сака заедно да го бањате бебето, да ви ја подаде бањарката. И одговорот да е не, секогаш почитувајте го, на тој начин тој ја гради својата автономија.
Пофалете ги добрите и позитивни работи што ги прави. Покажете му слики кога тој бил бебе, раскажувајте колку многу сте се радувале и што сте правеле.
Покажете му топлина и наклонетост и дајте му до знаење дека, без разлика на сѐ, тој е посебното прво момче во вашето семејството.

Иако исцрпеноста или вината може да предизвикаат да ги поместите границите во овој период на транзиција и емоционални промени, на вашето дете му треба и љубов и доследност на границите и правилата кои треба дома да се почитуваат. „Ти си голем сега, но не е дозволено дома да се…“ Тие на детето му даваат структура на однесување за она што е дозволено, а што не.
Затоа, бидете насочени кон поставување на целите и вложувајте во односот со вашето дете.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X