Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 4 години која почна да зборува уште на 15-16 месеци, а кога имаше две години зборуваше течно, си сврзуваше реченици, но од 3-тата година наваму почна најпрвин да пелтечи (се преплашив), но за среќа се смири… Потоа извесен период пак почна да пелтечи и пак се смири… Потоа почна да ги развлекува зборовите и кога сака да каже нешто како да нема воздух… но и тоа се смируваше, траеше една-две недели па повторно нормално си зборуваше…

Потоа, пред да ја почне реченицата 2-3 пати го повторува зборот, на пример, мамо, мамо… или утре, утре утре…. и по некое време пак ќе почне нормално да зборува. Се консултирав со нејзиниот педијатар, а потоа и со логопед и ми кажаа да ја оставам, дека било нормално од 3 до 5 години да се појави ваква состојба, но јас сум многу загрижена и вознемирена и се нервирам. Ве молам за совет!

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Некои предучилишни деца поминуваат низ период на пелтечење. Фазата на пелтечење може да се појави и изгуби како што се развива детскиот говор. Кај повеќето деца овие периоди на пелтечење се решаваат сами од себе и не бараат некаков формален третман. Секако, кај некои деца пелтечењето станува сериозен проблем и родителите треба да се обратат кај логопед.

Има повеќе знаци што се водилка за загриженост и упатување на логопед – доколку во фамилијата има некој член што пелтечи, доколку пелтечењето трае шест месеци, доколку станува збор за машко, има други говорни грешки во кажувањето одредени гласови, доколку говорните способности се нарушени или доцнат во говорниот развој.

Некогаш пелтечењето може да се појави и доколку еден од родителите има повисоки критериуми, барања од детето. Бара од детето одговорност за играта, педантноста, грижата за лична хигиена и друго што не е во согласност со неговата возраст.

Како полесно да ѝ помогнете на вашата ќерка да го надмине овој период? Да реагирате различно од досегашното ваше однесување. Прво, да не покажувате загриженост и да не зборувате со другите блиски луѓе пред неа за пелтечењето. Кога вашата ќерка ќе каже збор, реченица без пелтечење, можете да ја пофалите. На пример, „Ми се допаѓа како течно зборуваш“.  Доколку вашата ќерка почнува да пелтечи, со смирен глас посочете ѝ или само кажете „упс, стоп, обиди се повторно полека“, или дајте ѝ знак со подигнување на раката. За овој предлог претходно разговарајте со вашата ќерка и направете договор за полесно да го надмине периодот на пелтечење.

Поттикнувајте ја да користи кратки реченици и потоа пофалувајте го нејзиното течно зборување. Вежбајте низ игра на говорење користејќи кратки зборчиња, потоа кратки реченици и секогаш пофалувајте ја.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

 

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X