Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има 22 месеци и до некој степен е темпераментна, но лесно се разбиравме за секојдневните работи лесно. Почна да оди во градинка и се разболи, па почна да добива напади на бес и лутина за сѐ и сешто, до степен што вените ѝ се познаваа на вратот и неколку пати си ја удри главата од паркет. Сонот ѝ се наруши, војуваме за да заспие, а и храната е сведена на минимум. Од докторите кои ја следат од мала имаме мислење дека е здрава, комуникативна и многу паметна. Кажува многу зборови и поврзува прости реченици. Овие денови едноставно ни се пекол. Мораме константно да ѝ угодуваме, а зборот „не“ е нејзин закон. Што да правиме?

ОДГОВОР: Околу 18-тиот месец детето станува и психолошки ентитет во права смисла на зборот. Дотогаш е дете со нагони, потреби, со замаглени граници кон надворешниот свет, а потоа доаѓа до развој на самосвеста и се раѓа „јас сум“. Сега детето е дете на волјата и е подготвено за својата моќ и за почетокот на својот идентитет.
Овој период, поради контрирањето на детето со своето „НЕ“, се нарекува „невозможните две години“. Доста често родителите ќе кажат дека одеднаш детето станало многу пркосно, непослушно, безобразно, но всушност кај детето паралелно се одвиваат доста значајни емоционални и психолошки процеси. Се одвива процесот на сепрација, се развиваат емоциите, кои детето треба да учи како да ги владее (проработуваат фрустрациите) и почнува процесот на индивидуализација, испливува автентичната психолошка димензија и за целиот овој процес е потребна поддршка и грижа од страна на родителите. Поради тоа, самиот овој процес е многу потежок за детето отколку за родителите. Детето не е безобразно, туку е легитимнно незрело и кај него се случуваат процеси. Што значи дека НЕ на детето не е толку Не за вас родителите, колку што е ДА за себе, и тоа треба да го разберете.

Секогаш останете смирени бидејки неутрализацијата на емоциите таа ќе ја црпи од вас. Колку сте посмирени и под контрола, толку подобро ќе ѝ помогнете во тешките моменти.
Секогаш потрудете се да не се повредува, одржувајте конзистентни рутини во текот на денот. Правете ритуали пред заспивање, миење на забите, облекување на пижамите, а тогаш прашајте ја што прво да направи. Секогаш давајте два избори и таа да одбира.
Кога има тантруми, чекајте да поминат, не кажувајте дека е „лоша“, Именувајте и рефлектирајте ги чувствата („Ти баш си лута. Навистина сакаше да…. нели?“).

Таа ги тестира и „треба“ да ги поместува границите. Но, тоа не значи дека ѝ дозволувате сѐ. Станува збор за балансирање и разбирање со поставување цврсти, јасни граници.
Границите се клучни. Кога поставувате здрави граници, му помагате на вашето дете да се чувствува безбедно и сигурно бидејќи тие ја обезбедуваат таа структура.
Треба да останете доследни, да не се колебате во вашите граници затоа што вашето дете (плачењето некогаш ќе мора да го истрпите) е вознемирено.
Детето така учи. Кога ги поместува границите, се прашува: „Што ќе се случи ако го направам ова? или „Каде е линијата и дали мојот родител ќе се држи до неа?“

Вашето дете расте, радувајте се, и да, сосема е здрава и умна, баш како што ви рекле 🙂 верувам и знам дека ќе успеете во оваа фаза од нејзиниот живот.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X