Писателот Даглас Адамс во аманет остави неколку правила што го опишуваат нашиот став кон технологијата:

1. Сѐ што постои на светот во моментот на твоето раѓање е нормално и вообичаено и е природен начин на кој функционира светот.
2. Сѐ што е создадено од твоето раѓање до твојата 35. година е ново, возбудливо и револуционерно и веројатно врз основа на тоа можеш да направиш кариера.
3. Сѐ што е создадено по твојата 35. година противречи на природниот тек на работите.

Според тоа, кога генерацијата „Z“, која израснала со интернетот, ќе созрее за да стане родител на некоја нова генерација „W“, а милениумците да бидат баби и дедовци, можеме да очекуваме дека ќе престанат заканувачките наслови и хорор-приказни за страшните и погубни последици што дигиталните уреди ги имаат врз децата.

Дотогаш, времето што децата го поминуваат пред екранот ќе остане една од најголемите родителски грижи и предизвици. Од една страна имаме родители кои во страв ги оттргнуваат и ги штитат малите деца од каков било контакт со екранот на допир, а од друга страна се оние што им дозволуваат, чувствувајќи вина и притисок од околината, која ги осудува. Заклучокот е дека никој не е сигурен како да постапи и што е најдобро за детето.

Медиумите одамна ги притискаат родителите на објавување војна против технологијата. Во тоа им помагаат разни експерти (самопрогласени или оние што токму медиумите ги создале) кои постојано повторуваат исти фрази, со цел да ги подвлечат негативните последици и да ги заплашат родителите. „Еве како времето поминато пред екранот влијае врз вашето дете… “, е најчестото предупредување и лоша вест на оваа тема. А најлоша вест тука е всушност фактот дека мислењето на овие експерти, кои професионално претежно не се во директна врска ниту со децата ниту со технологијата, воопшто не одговара со моменталните, релевантните, валидни резултати од истражувањата. Секој има право на свое мислење, но проблемот настанува кога тоа се презентира како факт, без оглед на тоа дали е базирано на докази (да не зборуваме за тенденцијата луѓето да бараат исклучиво информации кои ќе го потврдат претходно формираниот став, што, впрочем, во психологијата се вика пристрасно потврдување).

Светската здравствена организација првпат оваа година претстави препораки за децата поврзани со времето што го поминуваат пред екраните: тоа не се препорачува сѐ до втората година; а до петтата година да се ограничува на еден час дневно, и тоа што помалку. Ова се строги препораки, имајќи предвид дека електронските уреди станаа неизбежен и составен дел од секојдневниот живот. Британскиот кралски колеџ реагирал на овие насоки и во официјалната изјава нагласи дека достапните податоци се премногу мали за да дозволат стручните лица да постават какви било ограничувања во однос на бројот на часови.

Дури и Американската академија на педијатрите три години го коригираше својот официјален став, кога сфати дека е невозможно да се придржува на таквите совети во практика (кои и не беа засновани врз докази). Признаа дека не постои еден пристап кој одговара на сите. Родителите треба ги земат предвид различните фактори и да осмислат „дигитален план“ за семејството. Приоритет треба да се даде на креативната игра во офлајн-опкружувањето, меѓутоа, одредени онлајн-содржини може да бидат едукативни за децата, веќе на возраст од 18 месеци, доколку се работи за квалитетна програма која ја следат заедно со родителите. Сепак, советот за максимални 60-ина минути пред екран на возраст до пет години останува.

Еден од авторитетите по ова прашање, Ендру Шабилски, експериментален психолог и директор на институтот „Оксфорд интернет“, презел обврска за себе и за својот тим не само детално да ги анализира претходните студии за односот на децата и технологијата, туку и да направи низа сериозни нови истражувања на поголем број испитаници со исклучително строга методологија. Шибилски е инаку познат во јавноста по студијата спроведена врз 400.000 млади испитаници, која ја работеше со колешката Ејми Орбен, а која покажа дека технологијата му штети на менталното здравје колку и јадењето компири или носењето очила.

Токму неговото следно истражување покажа дека препораките на Светската здравствена организација не доведуваат до очекуваните психолошки придобивки, како и дека тие се неразумно строги. Советите се дека премногу се фокусираат на бројки, додека ги занемаруваат содржината и контекстот: „Не е исто секое време пред екранот“. Исто така, тој навел дека официјалните упатства се засновани на застарени истражувачки трудови пред појавата на паметните уреди.

На примерок од 20.000 родители истражувал какво влијание има времето поминато пред екранот врз децата на возраст од две до пет години. Резултатот е дека долгото време поминато пред екранот немало особено негативно влијание врз децата, како и дека бројот на часови се зголемува со годините, особено кај децата што не се белци, во семејствата со ниски примања и во случаи кога родителите имаат низок степен на образование. Генерално, наодите сугерираат дека постои мала или никаква поддршка за претпоставката дека дигиталното користење на екранот само по себе лошо влијае врз психичкото здравје на детето. Меѓутоа, поширокиот контекст на семејството, правилата кои родителите ги поставуваат врзани за времето пред екранот, како и прашањето дали заедно со децата го истражуваат дигиталниот свет, се поважни од бројот на часови.
Вистина е дека постојат многу истражувања кои покажуваат дека екраните се лоши и за децата и за возрасните, но тие се методолошки толку лошо направени, што не треба да им се верува (и најчесто се работи за заемен однос, а не за причинско-последични врски, а дури и пронајдените корелации се мали).

„Никогаш немало докази дека екраните се штетни. Неколку корелации, комбинирани со страв од промени, се покажаа како доволни за возрасните да ги третираат уредите како осомничени“.

Шибилски тврди дека распространетата идеја за некој аналоген начин на постоење кој е комплетен, искрен, автентичен и го претставува нашето вистинско „ЈАС“, наспроти дигиталниот, кој е штетен и лажен, едноставно не држи вода. Нашиот однос кон технологијата и не може да се набљудува црно-бело. Многу експерти ги пронајдоа позитивните страни на електронските уреди во работата со различни развојни нарушувања, како аутизам, потоа со деца кои боледуваат од малигни болести, децата со емоционални и проблеми во однесувањето. Постојат многу истражувања кои покажуваат дека екраните можат и да ја зголемат детската физичка и когнитивна активност, подготвеност за училиште, како и дека позитивно влијаат врз здравјето и нивниот развој.

Треба да се спомене дека и професор Шибилски, како и повеќето експерти, смета дека времето поминато пред екранот најдобро е да се балансира со другите активности и да се користи умерено, но дилемите настануваат околу дигиталните екрани како главен причинител на проблемите во однесувањето:

„Можам да ви кажам дека на детето му требаат минимум 5-6 часа пред екранот секој ден, пред да се настанат какви било промени во неговото однесување“.

И покрај толку присутни приказни за дигиталните екрани, точно во целта всушност погодува написот кој го објави „Атлантик“ пред повеќе од една година, а во кој се вели дека не треба да се грижиме за децата кои се опседнати со паметните уреди, туку за опседнатите и исклучени родители, кои веќе страдаат од „делумно внимание“.

Економистите помеѓу децата забележале тренд на пораст на повреди, откако паметните телефони постигнаа популарност. Возрасните се нервираат кога детето ги прекинува додека скролаат, така што не само што лесно реагираат со бес, туку погрешно и ги толкуваат или пропуштаат емоционалните сигнали што детето ги испраќа (меѓутоа, зар не е сето тоа исто како случајот со гледање телевизија – кога родителите го прекоруваат детето зашто им пречи додека гледаат вести?).

Не само што е бесмислено, туку на детето му се испраќа двосмислена и недоследна порака кога му се одзема таблетот, додека и самиот родител не го испушта од рака. И за родителите и за децата всушност важи истото – најважно е дали ја користите технологијата или таа ве користи вас. Ако е првото, тогаш опуштете се, сѐ е во ред.

Автор: Сања Дутина-Драговиќ



912

X