Од МОН и од Бирото за развој на образованието апелираат до наставниците да го прилагодат оценувањето на учениците согласно учењето на далечина
Проблеми со вклучување на тестовите, поминало зададеното време, ученик по грешка ја исклучил наставничката од час, солзи, казнето цело одделение. Рокот што го посочи Министерството за образование и наука – до 20 ноември да се формирани оценките за првото тримесечје од наставата – предизвика стрес и кај учениците и кај наставниците. Особено кај совесните, исполнителните, кои се трудат чесно да ја добијат оценката. Наставници предлагаат првото оценување да биде на полугодие бидејќи учебната година почна еден месец подоцна. Од МОН и од Бирото за развој на образованието апелираат до наставниците да го приспсобат оценувањето на учениците согласно учењето на далечина.
Реално, во секое одделение, училиште, кај секој ученик или наставник, ситуацијата е различна.
И. Костовска е мајка на ученичка во 8. одделение во Скопје. На првиот онлајн-тест ќерка ѝ воопшто не успеала да се вклучи. Кога требало да оди на линк каде што беше поставен тестот, компјутерот целосно ѝ се блокирал.
– Истото се случи на вториот тест. Додека се поврза, од часот останаа само 15 минути, а имаше 9 задачи. Наставниците треба да почнат да го мерат времето за тест откако сите ќе се поврзат, а не откако ќе им кажат на кој линк да одат. Повеќето ученици се бунеа и бараа да го преполагаат тестот, па наставничката реши да има даде уште еден, нов. По друг предмет тестот беше квиз, и ако случајно не оставиш празно место во одговорот каде што се бара да ги наброиш на пр. а, б, в… одговорот се зема за неточен, исто и во случај да напишеш група наместо групи. И обемот на задачите и прашањата е голем, на еден тест добија 30 прашања што требаше да ги одговорат за нецели 30 минути – објаснува Костовска.
Таа смета дека системот не е добро приспособен и дека учениците поминале низ големи трауми.
– Бидејќи материјалот е скратен, не одат според учебникот, па учениците не можат добро да се снајдат, некои наставници ги ставаат лекциите што ги учеле во фолдер, а повеќето ништо немаат ставено. По секој тест ќерка ми плаче (инаку одлична ученичка) и се чувствува обесправена иако го учеше материјалот. Има наставници што покажуваат разбирање, па одлучуваат да ги испитуваат усно. Во секој случај, сè е некако избрзано и воопшто не се размислува за стресот што им се наметнува на учениците – децидна е Костовска.
Марија Варсамис-Симоновска е наставничка по француски јазик, а во моментот и в.д. директорка на Основното училиште „Димитар Миладинов“ во Скопје. Таа објаснува дека наставниците од 1. до 3. одделение ја спроведуваат наставата претежно во училница со физичко присуство на децата. Децата се описменуваат, часовите се одвиваат од 8 до 11:30 часот, а имаат продолжен престој до 15 часот.
– Децата ги усвојуваат знаењата, секое според своите можности и способности. Наставата се одвива според планот, иако часовите се скратени за 10 минути. На тромесечје учениците до 6. одделение се оценуваат описно. Неделава влегував на онлајн-часови и следев како се спроведуваат. Преку „Тимс“ наставата се одвива на националната платформа. Има интеракција меѓу наставниците и учениците, им пуштаат презентации, потоа разговараат, решаваат квизови. Лично, многу сум задоволна од сите можности што ги нуди платформата – вели Варсамис-Симоновска.
Според неа, во октомври имаше тешкотии за сите, додека се навикнаа на новиот систем на предавање и следење на наставата. Освен што го засилиле интернетот, од МОН дополнително добиле уште еден рутер и немаат проблеми со технологија.
– До 20 ноември ќе успееме сите ученици да добијат оценка. Разговаравме со наставниците да се олеснат сите тешкотии. Ако некој ученик има проблем за време на тестот, наставникот во посебен час му организира тест само за тој ученик или лично го испрашува. Генерално и наставниците имаат разбирање. Има и ученици што се посрамежливи и повлечени, има и такви кои би ги оцениле како „немирни“, а тие се талентирани или надарени деца. Моето искуство и како наставник покажува дека секој може да формира оценка од досегашната вкупна активност на ученикот – вели Варсамис-Симоновска.
Од МОН велат дека заедно со БРО ги известиле училиштата за начинот на следење и оценување на учениците во периодот на реализација на наставата во услови на пандемија.
– При формирање на оценката ќе се следат упатствата утврдени од БРО на почетокот на учебната година. Наставниците тука имаат јасно утврдени насоки со кои ќе се заштити квалитетот на процесот на формирање на оценката. Во случаите каде што од различни причини не може да се формира оценка онлајн, треба да се организираат индивидуални средби со овие ученици преку кои наставниците ќе ги следат нивните постигнувања и ќе ја формираат оценката – велат од МОН.
Со оглед на тоа што оваа учебна година наставата почна на 1 октомври, препораката на БРО и на Државниот просветен инспекторат е првите сумарни оценки за секој ученик да бидат изведени до 20 ноември.
– Апелираме до наставниците да го приспособат оценувањето на учениците во согласност со учењето на далечина. Потребно е да се постават јасни насоки во врска со очекуваните резултати од учењето и начинот на следење, контролирање и вреднување на постигнувањата на учениците во овој период. При формирањето оценка треба да се задаваат автентични задачи кои ја елиминираат можноста за готови одговори од наставните материјали, или од други извори на информација, а во задачите со кои се проверува познавањето и разбирањето на фактите треба да се обезбеди контрола на времето за решавање на задачите – велат од МОН.
Дополнително, наставникот може да направи табела за докази/продукти што ученикот ќе ги испрати како дел од електронското портфолио што ќе се оценува. Притоа критериумите за оценување, начинот на достава и роковите за достава треба да им бидат јасно претставени на учениците и родителите.
– Дали за одреден ученик ќе се организира проверка на знаењето со физичко присуство во училиште, тоа е договор помеѓу наставникот и ученикот и МОН не поседува информации за секое училиште поединечно – велат од МОН.
912