Денеска голем број парови го одложуваат моментот за основање семејство. Додека во минатото се одлучувале на овој чекор во раните дваесетти, жените сега зачнуваат во триесеттите или четириесеттите години. Денеска се евидентираат дури 50 отсто повеќе мајки над 40 години што раѓаат дете првпат, но лекарите не препорачуваат толкаво одложување.

Веќе по 35-тата година шансите за зачнување значително се намалуваат, додека по 40-тата година се минимални. Жените што се постари од 35 години се изложени на поголем ризик од компликации во бременоста во споредба со помладите жени. Сепак, повеќето од нив без проблеми минуваат низ бременоста и раѓаат здраво бебе. Најчестиот проблем со кој се соочуваат жените во овој период од животот е неможноста да забременат бидејќи плодноста се намалува со возраста.

Кога се најплодни жените?

Жените се на врвот на плодноста помеѓу 18 и 24 години. По 35-годишна возраст плодноста на жената почнува брзо да опаѓа. Околу 94 отсто од жените постари од 35 години ќе успеат да забременат само по три години обидување, додека во тоа ќе успеат 77 отсто од жените над 38 години.

Кои фактори влијаат врз плодноста кај жените над 35 години?

Квалитетот и квантитетот на јајце-клетките се главните фактори што влијаат врз женската плодност. Жените се раѓаат со голем број јајце-клетки (до 2 милиона). За време на пубертетот тој број паѓа на 300 до 400 илјади. За време на секој менструален циклус само една (или во ретки ситуации две) е подготвена да се оплоди и да се развие во здрава бременост. Со текот на годините бројот на овие јајце-клетки се намалува.

Како што старее жената, нејзиниот циклус станува пократок и понеправилен, што може да ги отежни напорите за зачнување. Друг отежнувачки фактор е слузницата на матката, која со возраста станува потенка. Доволно задебелување на слузокожата е важно за „вгнездување“ на оплодената јајце-клетка во матката, каде што потоа започнува нејзиниот интензивен развој.

Ризиците за бебето и мајката

Добрата вест е дека жените постари од 35 години не мора да имаат повеќе компликации во бременоста од помладите жени. Ризикот од развој на гестациски дијабетес се зголемува со возраста, но со помош на навремени совети од гинеколог и воведување одредена диета може да се спречат посериозни проблеми.

Жените над 35 години имаат поголем ризик и од спонтан абортус. Постарите трудници се изложени на поголем ризик од висок крвен притисок, што може да доведе до прееклампсија. Гинекологот кој ја следи бременоста може да го спречи секој понатамошен ризик со редовни прегледи, мониторинг и соодветен третман и совет.

Бебињата на постарите мајки имаат поголема веројатност да се родат предвреме или да се родат со мала тежина. Потребата за индуцирано породување, царски рез и асистирано породување е, исто така, зголемена кај постарите трудници.

Извор



912

X