Земјите со здрави приоритети инвестираат во пливањето како дел од физичкото образование и во пливањето како спорт, наместо потоа истите пари да ги потрошат за лекување болести поврзани со дебелина и искривен ’рбет. Еден куп деца што одат или одеа на пливање се со упати од доктор, вели родител чие дете неколку години тренира пливање

Пливањето кај нас е речиси недостапен спорт за децата. Со покачувањето на електричната енергија за индустријата, се покачија и месечните карти и ретко кои родители можат да го издржат финансиското оптоварување и да им овозможат на своите деца да тренираат. Секако, не треба да се исклучува моментот дека на некои деца и здравствено им е потребно пливањето, a родителите не можат да се справат со покачувањето.

Цената за осум пати месечно изнесува 3.100 денари.

За поуспешните пливачи, кои тренираат по три пати неделно, е 3.500 денари, а оние што одат секојдневно професионално треба да одвојат по 4.000 денари.

Со високите цени ретко кој се осмелува да го запише детето на пливање, а со тоа се уништува и спортот.

Родителите велат дека не знаат што ги фрустрира повеќе, тоа што цените се качуваа и по двапати годишно во последниве години и веќе се сериозно недостапни за повеќето семејства, негрижата на државата за здравјето на децата или негрижата за пливањето како спорт.

Цените се астрономски

Според нашиот врвен маратонски пливач Евгениј Поп Ацев, цените отсекогаш биле високи, но сега се речиси недостапни за многу семејства.

– Цените беа многу високи и порано, и тогаш беше тешко за пливачите, но сега мислам дека е речиси невозможно просечна фамилија да ги прати децата да учат пливање или да тренираат. На базенот „Борис Трајковски“ сѐ уште има бенефити за клубови и пливачи репрезентативци, но на Олимпискиот базен месечна членарина е приближно 4.000 денари за еден влез дневно, што значи годишно околу 800 евра по дете. Мислам дека не постои земја во Европа и во светот каде што пливачи кои тренираат редовно плаќаат толкави цени.

Во западните земји цените за пливачи во клубови се движат од 200 евра до 500 евра максимум годишна членарина со сите услови (секојдневни тренинзи и вклучена фитнес-сала). Јасно е дека моментално е криза и цените треба да пораснат, но сметам дека и порано цените беа превисоки, особено за стандард како во Македонија. Пливањето е базичен спорт кој треба да е достапен за сите деца, не само за тие што доаѓаат од фамилии со високи примања. Клубовите на Олимписки веќе изгубија многу пливачи поради високите цени за влез и сигурно уште многу ќе се откажат и понатаму поради новите покачувања. Се надевам дека државата и базените ќе најдат начин да го решат овој проблем бидејќи има многу деца и пливачи кои сакаат да учат и да тренираат пливање, но не се во можност поради финансиски причини – истакнува Поп Ацев.

Никој не сака сам да плива –  другарите се откажаа

И родителите се изреволтирани од високите цени и велат дека разочарувачкa и поразителна е тоталната негрижа кон овој спорт.

– Не знам што ме фрустрира повеќе, тоа што цените на Олимписки се качуваа и по двапати годишно во последниве години и веќе се сериозно недостапни за повеќето семејства, негрижата на државата за здравјето на децата или негрижата за пливањето како спорт. Скопје, метропола со половина милион жители, е оставена само со еден базен под државно управување, а за другите градови и да не зборуваме. Пред повеќе години, кога моето дете почна да плива, имаше многукратно повеќе пливачи отколку сега, не можевме да се разминеме кај соблекувалните, редици се чекаа за туширање, за сушење, во гардероба. Сега е буквално празно. Дури и оние што можат да плаќаат се соочуваат со проблем зашто ниедно дете не сака само да плива и да брои плочки – другарите им се откажаа. Јасно е дека сега сѐ е поскапено, дека има инфлација, но на Олимписки цените растат во континуитет и без основа со години наназад. Искрено се прашувам што мислат дека ќе постигнат со тоа? Профит сигурно не зашто бројот на пливачи постојано се намалува – истакнува еден родител чие дете веќе неколку години тренира пливање во Олимписки базен. 

Куп деца одат на пливање со упати од доктор

Јасно е дека одржувањето на базенот е скапа работа, но токму затоа низ светот базените се под капата на државата, а не се приватни бизниси, дополнува нашиот соговорник.

– Два аспекта има тука – здравствен и спортски. Докажано е дека пливањето е спорт што придонесува за целокупна благосостојба – правилен раст и развој на децата и силен имунитет. Децата што пливаат од рана возраст немаат проблеми со искривен ’рбет и прекумерна тежина и се разболуваат значително помалку. Земјите со здрави приоритети инвестираат во пливањето како дел од физичкото образование и во пливањето како спорт, наместо потоа истите пари да ги потрошат за лекување болести поврзани со дебелина и искривен ’рбет. Еден куп деца што одат или одеа на пливање се со упати од доктор. И нивните родители се соочени со фактот дека не можат да им го овозможат тоа. Од спортски аспект, сите се препуштени на индивидуалното ангажирање на родителите. Никаков систем, никаква грижа за таленти, селектирање, инвестирање. Приказната за пливачката Лана Пудар од Босна, која стана гордост на својата земја откако брилира на Европското првенство во водни спортови во Рим летово, а тренирала на бања и во пластеник затоа што немала каде на друго место, ја пренесоа повеќето наши медиуми, се споделуваше по социјалните мрежи… Е па и ние не сме далеку од пластениците. Впрочем, така е за сите спортови тука, кога сам ќе си стигнеш до пиедесталот, ќе те викнат да се сликаат со тебе и да ти честитаат. Поразително – дополнува нашиот соговорник. 



912

X