Разликата во годините меѓу децата е тема за која често се расправа, а родителите се прашуваат која е идеалната. Една година? Две? Три? Четири и повеќе? На ова прашање не постои вистински одговор, но постојат одредени работи што треба да се земат предвид пред да се одлучите за второ дете.
Не постои формула според која ќе одлучите кога е време за второ дете и никој не може да ви каже дека една година, осум месеци или три години се идеална разлика. Но постојат повеќе работи што би било добро да ги имате предвид при планирањето на второ дете:
1. Финансии
Кога размислувате за проширување на семејството, треба внимателно да размислите дали таа одлука е мудра од финансиски аспект. Ако имате можност да бидете со децата или имате обезбедено помош за чување, па не треба да плаќате градинка, јасли или дадилка, финансиите можеби и нема да претставуваат проблем. Но запаметете, ако се одлучите на помала разлика меѓу децата, ќе мора да вложите средства во уште едно креветче, количка, седиште за автомобилот и слични работи.
2. Темпераментот на првото дете
Родителите што биле доволно среќни и немале никаков проблем со првото дете, порано добиваат желба за второ дете. Но, треба да бидете свесни дека вашето мирно и добродушно шестмесечно бебе многу лесно може да се претвори во хиперактивно 14-месечно дете. Од друга страна, ако сте имале повеќе предизвици со првото дете, можеби ќе сакате да причекате малку повеќе пред да се одлучите за второ. Но, и бебето што барало премногу да се ангажирате околу него може да се претвори во шармантно и мирно дете во јасли. И додека ги премерувате предностите и недостатоците околу новиот член на семејството, треба да го земете предвид и темпераментот на вашето прво дете.
3. Притисокот од семејството
Родителите често, ако не и пречесто, добиваат прашања за тоа кога ќе имаат второ дете. Дали планирате да имате второ дете или не, е одлука која целосно зависи од вас и од вашиот партнер. Бидете подготвени на тоа дека луѓето околу вас често мислат дека нивните одлуки се најисправни и дека оние што имаат деца на помала разлика ќе ве убедуваат и вие да донесете таква одлука. Но, никогаш не носете одлука под притисок од некој друг, туку само кога вие и вашиот партнер заеднички ќе го посакувате тоа.
4. Возраста на родителите
Плодноста е нешто што не е под ваша контрола. Како што стареете, така се намалува и плодноста. Кај жени над 35 години фертилитетот забрзано се намалува. Плодноста се намалува и кај мажите со текот на годините, иако помалку се забележува. Во зависност од вашата возраст, можеби ќе го немате тој луксуз да чекате повеќе години за да се одлучите на второ дете. Но, и тоа не е правило. Ова особено се однесува на жени што имале проблеми со зачнувањето на првото дете. Постојат многу двојки што долго се бореле за да го зачнат првото дете, а потоа без проблем, дури и непланирано, го зачнале второто. И обратно, има многу парови што без проблем го зачнале првото, а за второто морале да се одлучат на потпомогнато оплодување.
5. Вашето искуство
Една од замките во кои често упаѓаат родителите е носењето одлуки исклучиво врз база на сопственото искуство. Некој што доаѓа од семејство со мала разлика во возраста меѓу децата многу е веројатно дека ќе се одлучи на таков потег и со своите деца, дури и ако не постојат идеални финансиски или животни ситуации за второ дете. Обидете се да донесете одлука која во тој момент ќе се чини како најдобра за вашето семејство, без оглед на искуството што сте го имале во детството. Одлуката за нов член во семејството треба да биде благородна и вие и партнерот треба да се чувствувате пријатно и комотно во врска со неа.