Четири талентирани ученици од класата на Божиновска од Музичкото училиште во Битола освоија многу меѓународни награди на пијано-натпревари во конкуренција од 360 натпреварувачи

Четири специјални награди, три први места и еден сребрен медал е вредната збирка од меѓународни постигнувања на учениците од Музичкото училиште во Битола од класата на професорката Маја Божиновска. Наградите ги постигнаа ученици од 7 до 13 години на натпревари во Америка и во Европа, и тоа во голема конкуренција од 360 натпреварувачи од 50 земји. Пандемијата ги затвори концертните сали, но меѓународните натпревари се одржаа онлајн со видеоснимки од натпреварувачите. Тоа се International youth music competitions (Меѓународни младински музички натпревари) од Атланта, САД, и Golden piano talents competition (Златно пијано – натпревар за таленти) во Европа.

Прва награда за наставник со одлично педагошко постигнување на европскиот натпревар „Golden piano talents competiton“ доби и професорката Маја Божиновска. Овие големи постигнувања се доказ дека нашите млади пијанисти успешно се носат со конкуренцијата на светско ниво.

Учениците отскокнуваат во техничката подготвеност и музикалноста

Најмалиот талент од четирите ученици што учествуваа во натпреварите е Јана Попрцова-Трајковска, која има седум години, учи во второ одделение, а веќе освои прва награда во својата категорија и награда за надежен млад пијанист на европскиот натпревар, кој годинава се одржа од 10 јануари до 10 февруари, а чија комисија е составена од музички експерти од балканските простори и од Шпанија.

– Уште од самиот почеток нејзината желба и талент за музика беа јасно уочливи. Таа на натпреварот се претстави со Сонатина од И. Беркович, Полка од Л. Лукомски и Новогодишна полка од А. Александров со времетраење од две минути. Сите четворица натпреварувачи се деца кои отскокнуваат во однос на техничката подготвеност и музикалноста уште на самиот почеток во изучувањето на инструментот и напредокот со нив се одвива побрзо од очекуваното и планираното. Работата со вакви деца е секогаш задоволство, а задоволството е уште поголемо кога ќе ја крунисаме со ваков успех – вели професорката Божиновска.

Ана Пиловска од четврто одделение во мај минатата година освои Гран при – највисоката награда во својата категорија, беше второрангирана како уметник на годината и доби сребрен медал на меѓународниот натпревар во декември минатата година во САД. Стефан Митревски од шесто одделение и осмоодделенката Софија Михајловска освоија прва награда и специјална награда за изведба на дела од Ф. Шопен во својата категорија на европскиот натпревар.

За успех се потребни 6 проценти талент, а 94 проценти работа

– Колку е тешко… би рекла зависи од желбата на учениците – кога некој нешто сака, уживањето во работата е тоа што го води, па така успехот е неминовен. Сето тоа зависи и од квалитетната подготовка, секојдневното време поминато во вежбање на инструментот и упорноста на секој индивидуалец да напредува што повеќе. Во време кога технологијата е во подем и зазема сѐ поголем дел од животот, младите уметници што ги негуваат креативните уметности се тие кои носат едно освежување и продуховување на вистинските вредности во хипердигиталниот свет – вели професорката по пијано.

Секое дете, покрај предиспозициите што треба да ги поседува, односно талентот, музикалноста и желбата, треба и континуирано да работи. Во зависност од возраста, времето за вежбање пијано варира, од два часа кај помалите до четири-пет часа на ден кај учениците во повисоките одделенија. Професорката вели дека талентот сам по себе не носи резултати, непишаното правило е 6 проценти талент, а 94 проценти работа.

Нашиот образовен систем не е најпогоден за младите уметници

Многу деца почнуваат да свират од мали и паралелно одат во две училишта, основното и музичкото. Но, поради училишните обврски во повисоките одделенија, се откажуваат од музичкото образование.

– Нашиот образовен систем не е најпогоден за овие млади уметници, кои покрај наставата во основното училиште, треба да посетуваат и настава во музичко училиште и притоа да вежбаат по неколку часа на ден. Откажувања несомнено треба да има доколку сакаат да постигнат успех. Во повисоките одделенија програмите се пообемни и бараат поголеми подготовки, а секако, и училишните обврски се насобираат. Тука можеби родителите се тие што треба да ги насочат децата кон сферите што повеќе ги влечат. Поттикот доаѓа од што почестите учества на концерти, мастер-класови и секако натпреварите – вели Божиновска.

Интерес за изучување пијано има, но сѐ поретко децата се определуваат за музиката како нивна животна определба. Божиновска смета дека доколку би посветиле повеќе време развивајќи ја креативноста кај децата уште од мали нозе, интересот би се зголемил.

Да дејствуваме за да опстои музиката како професија

– Музиката била и ќе постои, секако, дека иднина има, тоа е неоспорно. Оваа професија е многу помалку платена одошто во земјите на Западна Европа, па така верувам дека и интересот за овој профил би опаѓал доколку не се преземат мерки на општествено ниво за оваа состојба. Интерес има, квалитетен кадар има, но што понатаму, зависи и од факторот дали може да се потпрат на музиката за егзистенција? Доколку сакаме квалитетните музичари да ги задржиме и мотивираме што повеќе, треба што поскоро да дејствуваме за музиката како професија да опстои и понатаму – вели Божиновска.

Веќе седма година таа предава паралелно и во нижото и во основното музичко училиште во Битола. Таа е познат пијанист и досега учествувала на Академијата во Сиена, Италија, настапувала на интернационални фестивали во Франција, Србија, Косово, Италија. Магистерски студии посетувала во Виена, Австрија, кај светски познатата и реномирана пијанистка Лилја Зилберштајн. Била солист во многу камерни состави, а и во иднина се надева на што поголем број концерти и солистички претставувања надвор од земјата.

– Но, нема поубаво чувство од тоа кога гледате како вашите ученици редат вакви успеси и си го трасираат патот напред, ме прават горда професорка, исполнета и задоволна личност – искрена е професорката.

Фото: приватна архива



912

X