Лидија Зорба, магистер по психолошки науки

Лидија Зорба, магистер по психолошки науки

Центар за применета психологија „Зорба Консалтинг“ – Скопје
Тел. 078 222 588

Повеќе од авторот

Сите деца можат да бидат добри ученици, дури и оние со најслаби оценки и најлошо поведение

Нема поголема радост за родителите од тоа нивното дете да е здраво и да има одличен успех во училиштето. Но, некои деца се заинтересирани за учењето, а други не.
За да се создадат добри предуслови детето да учи, потребно е уште од најрана возраст родителите да покажат личен пример: да му читаат приказни и книги за деца соодветни за возраста, да му помагаат во учењето ако тоа е потребно, но и самите да покажат интерес за содржините што ги учи детето. Во почетокот на образовниот процес кај децата од голема полза е родителите и наставниците да му објаснат на детето дека учењето само по себе не е гаранција за успех во животот, но дека е потребно за да може детето подобро да се снајде, да најде подобра работа и подобро да живее.

Петките не се гаранција за среќа во животот. Ако се заслужени, тие се само показател дека детето работело и покажало знаење на испитот. Исто така, слабите оценки не се сигурен знак дека детето е неспособно и дека ќе биде неуспешно

Другата работа што е важна за родителите во однос на учењето на детето е да знаат дека тоа има свои способности кои може, но не мора да бидат покажани преку оценките. Некои деца учат брзо и лесно и добиваат петки, некои деца за едни предмети покажуваат интерес, но за други не. И тоа е нормално. Детето треба да биде најмногу поддржувано во она за што покажува интерес и мотивирано за предметите за кои не се интересира или тешко му оди. Притоа, најважен предуслов за добар успех во учењето се пофалбите и симболичните награди соодветни за возраста. Казните треба да бидат умерени и праведни и никако не треба да создадат отпор кон учењето и училиштето. Ако детето има слаби оценки, вообичаено е оптоварено со други проблеми за кои треба да се разговара во семејството, со наставниците или ако е потребно, со стручни лица (педагози, психолози), нема дисциплина во учењето или родителите немаат интерес за неговото учење и не му помагаат.

Сите деца можат да бидат добри ученици. Дури и оние со најслаби оценки и најлошо поведение. Но, за тоа е потребно родителите и наставниците да соработуваат, без заемни обвинувања и префрлања на одговорноста.

Една од најлошите навики на некои родителите е да му ги „купуваат“ оценките на детето преку „фаќање врски“, поткупување на наставниците со пари и подароци. Таквото однесување е контрапродуктивно и долгорочно го оневозможува детето да научи дека за да постигне успех во животот, потребно е да се потруди и да создаде дисциплина.

Некои деца учат брзо и лесно и добиваат петки, некои деца за едни предмети покажуваат интерес, а за други не. И тоа е нормално

На крајот, петките не се гаранција за среќа во животот. Ако се заслужени, тие се само показател дека детето работело и покажало знаење на испитот. Исто така, слабите оценки не се сигурен знак дека детето е неспособно и дека ќе биде неуспешно. Тие се показател дека детето нема дисциплина, дека е оптоварено со други проблеми или дека тешко се адаптира во наставниот процес.

Најважно од сè е детето да биде здраво и весело, да му се радува на училиштето. Ако разбере зошто е потребно да учи – тогаш ќе има и волја да го прави тоа.



912

X