Кога го видов првпат Тони Михајловски, малку ми беше чудно, бев возбуден бидејќи едноставно тоа е легендарниот Тони Михајловски, нели. Многу е опуштен, се шегува и кажува вицови. Многу сум среќен што имав можност да соработувам со целиот тим бидејќи секој е вистински професионалец во својот дел, раскажува Петар
„Стела“ е приказна за истоимената шарпланинка, за Никола, кој го глуми тринаесетгодишниот Петар Маниќ, и за неговиот дедо Христо, кој го игра актерот Тони Михајловски. Ова е првиот македонски долгометражен филм за деца, чиј режисер е Стојан Вујичиќ, продуцент е Огнен Антов, а својата премиера ќе ја има во март.
На Петар ова му е прво професионално филмско искуство. Овој осмоодделенец во училиштето „Кочо Рацин“, чија пасија се пливањето и актерството, вели дека „Стела“ е вистинско остварување на неговиот сон.
Петар ни раскажа како бил избран на кастинг да биде најдобриот другар на Стела, за текот на снимањето, за работата со тимот од врвни професионалци, за попатните згоди и незгоди, за омилените сцени, како и за реакциите на неговите другари на училиште…
Како се случи токму ти да си главен лик во оваа филмска приказна?
– Желбата да бидам актер кај мене се роди пред неколку години. На училиште ни делеа летоци од „Даста академија“, каде што се запишав. Одев таму, вежбавме, учевме да глумиме и сето тоа ми беше многу интересно. Мојата наставничка Зага го видела на „Фејсбук“ кастингот за филмот „Стела“. Веројатно, според неа, описот на ликот одговарал на мојот лик и таа ми сугерираше да се пријавам на тој кастинг. Ми кажа дека се работи за сериозен филм, кој ќе го работи професионална екипа.
Се појавив на кастингот, ме прашуваа многу различни нешта, иако малку бев под стрес поради фактот дека Столе и Оги седеа пред мене, а истовремено еден фотограф цело време ме фотографираше, па не знаев на што да се фокусирам, дали на него или на муабетот со Столе и Оги. Вториот пат кога се појавив на кастинг ме прашаа дали ако треба да заплачам, ќе умеам да заплачам. Им реков дека не можам, дека не знам. Потоа сè се стопира. Во периодот што следуваше немав никакви информации, никој ништо не ми кажуваше. Помина долг период и се помирив со тоа дека не ме одбрале. Но, ми се јавија по неколку месеци и ми рекоа дека сум влезен меѓу првите 10 деца. Потоа влегов во првите пет. Мислев дека нема да успеам затоа што не бев сигурен во себе. Но, влегов во првите тројца, за на крајот да ме одберат мене. Јас полудев од среќа, веднаш ѝ се јавив на наставничката, а таа ми рече: „Знаев“.
Што се случи потоа?
– На следните средби ми го раскажуваа филмот во детали, ме информираа што ќе се работи, како ќе се движат работите, каков е концептот. Ми го дадоа сценариото, требаше да го прочитам целото дома и да кажам што мислам. Во филмот има реплики на германски јазик кои јас ги кажувам, но во сценариото ги немаше, имаше само напишано „германски“. Го прочитав, го разбрав. Потоа продуцентот ми го даде сценариото преведено на германски јазик. Ми беше обезбедена наставничка по германски со која работевме на репликите, обрнувавме внимание на правоговорот и правилното акцентирање, поентата беше да не се забележат грешки. Потоа следуваа пробите, ги запознав актерите.
Дали беше возбуден од можноста да соработуваш со познати и признати актерски имиња?
– Кристина Поповиќ ја глуми мајката во филмот, Дејан Лилиќ е таткото, а Тони Михајловски го глуми дедото. Кога ќе кажам дека Тони е дедо во филмот, сите велат дека тој е многу млад за дедо. Но, всушност, секое утро тој беше шминкан многу професионално за да изгледа како дедо. Симеон Дамевски глуми другар на дедото. И јас и Стела, секако. Кога го видов првпат Тони Михајловски, малку ми беше чудно, бев возбуден бидејќи едноставно тоа е легендарниот Тони Михајловски, нели. Многу е опуштен, се шегува и кажува вицови. Многу сум среќен што имав можност да соработувам со целиот тим бидејќи секој е вистински професионалец во својот дел.
Петар и Тони Михајловски
Дали ти беше тешко да се справиш со сè што следуваше?
– Следуваа многу проби, снимања и напорна работа. Добивавме распоред за секој нареден ден. Но, она што сакам да го потенцирам е дека не ми беше воопшто напорна целата работа бидејќи ова беше нешто што јас премногу го сакав. Не ми беше проблем да станувам во 5:30 наутро. Филмот се снимаше во лето, кога траеше летниот распуст.
Среде снимање ти се случи незгода, па мораше да одиш на операција на ногата, а тоа го одложи снимањето на филмот. Кажи ни што се случуваше во тој период?
– По снимањето во Галичник имавме два дена слободни за да се одмориме. На првиот ден требаше да одам на стоматолог, и на враќање кон дома возев скејтборд, паднав и си ја скршив ногата. Ме однесоа во болница и рекоа дека е огромна скршеница, а по два дена ми рекоа дека ќе треба да се прави операција. Во моментов имам плочка и шест шрафа за да заздрави. Кога им се јавивме на Столе и Оги, и тие беа во шок. Мене повеќе ми беше криво за „Стела“ отколку за ногата. Сè се стопира. Паузата со филмот траеше три недели. Во меѓувреме најдоа мој дублер, кој ме менуваше во сцените кога требаше да одам и да трчам. Носев чизма на сет која ме заштитуваше да не се инфицира ногата. Ме оперира д-р Младеновски, а на сет за мене се грижеше доктор Иво Доневски. Тој период мислам дека на целата екипа ѝ беше најтежок за снимање, но сите херојски издржаа и јас на сите до еден им се заблагодарувам за тоа. Потоа требаше да заздрави ногата и требаше да почнам да одам. Имаше уште еден мал дел за снимање во Германија. Тогаш имаше најголема пауза бидејќи бев и на рехабилитација во Црна Гора. Ми беше тешко, но оздравев. Од тимот ми кажаа да не се грижам. Кога почна учебната година, отидовме во Германија. Го снимивме тоа што требаше и се вративме. Ми рекоа дека сум бил супер, дека сум глумел супер, а тоа ми беше најважно – добро да си ја завршам работата.
Во фокусот на филмската приказна се токму дете и куче, нивниот однос, релација и комуникација… Чија беше оваа идеја?
– Сценариото е на Ева Камчевска, нејзина е целата приказна. Во филмот се работи за дете кое има дисфункционално семејство, таткото и мајката цело време се караат и не му обрнуваат внимание на својот син-единец. Мајката е постојано ангажирана со работа, а детето е жртва на булинг во училиште и многу му е тешко. Со оглед на тоа дека дејството се одвива во Германија, детето одлучува да избега од дома бидејќи не може повеќе да издржи. Бега во Македонија, татко му е Македонец. Оди во Галичник, а дотаму стасува со камион, илегално. Таму го сретнува својот дедо, но тие не знаат дека всушност се дедо и внук. Комуникацијата не им е добра, дедото е студен, само си ја чека својата смрт, а детето не знае да комуницира зашто не знае македонски јазик. Се дружи со Стела, сфаќа дека eдинствено таа го разбира. Родителите го бараат, но не му недостигаат на детето. Но, да не ви откривам повеќе.
Дали беше тешко да се снима со Стела?
– Со Стела не беше комплицирано да се снима затоа што е мирна. Таа е специјално дресирана за филмот. Не беше растрчана, разиграна, не е бесна и затоа беше лесно да се работи со неа. Сепак, имаше ситуации кога не сакаше да соработува. На пример, има сцена каде што со Стела треба да си играме, а таа не сакаше да игра. Седеше или си легнуваше, не се мрднуваше и ете во некои сцени тоа беше проблем. Но генерално, Стела одлично си го одигра своето.
Што ти беше најинтересно од целото снимање?
– Има сцена кога Стела ја напаѓаат волци. Во тој момент јас во филмот не знам што да направам, па треба да направам многу исплашена фаца. Тоа сум го извел многу добро бидејќи сите од екипата потоа тоа ми рекоа „браво“ и ми аплаудираа. А тие изрази на лице сум научил да ги правам гледајќи серии и филмови.
Премиерата на „Стела“ се очекува во март. Како реагираат наставниците, другарите? Какви се коментарите од твоите врсници?
– Децата различно реагираат. Некои се искрено среќни што ете сум успеал во нешто, а има и такви на кои не им баш драго. Има деца што мислеа дека сум фаќал врски за да ме има во филмот, а тоа не е вистина, самиот си ја заслужив улогата, и тоа мислење го делат и продуцентот и режисерот. Не мислам дека сум популарен иако некои дечиња ми приоѓаат и ме прашуваат дали ме има во филм. Наставниците се однесуваат со мене исто како претходно, така и очекувам да биде и во иднина бидејќи јас сум како и сите мои врсници. Јас за нив сум ученик како сите.
912