Земјотресите се непредвидливи и неконтролирани случки кои се застрашувачки за сите, а особено за децата. Овие пет совети може да му помогнат на вашето дете да се справи со тоа искуство и со емоциите по преживеаниот земјотрес.

1. Фокусирајте се на информациите и на смирувањето

Дајте му на детето информации, соодветни за неговата возраст, за тоа што е земјотресот и како настанува за да му помогнете да ја разбере ситуацијата. Држете се до фактите и охрабрете го да поставува прашања. Разговарајте за она што се случило – вие најдобро го знаете вашето дете и знаете кој начин на разговор му одговара. Кај некои деца разговорот може да се поттикне и да се олесни со заедничко боење, на пример, или цртање. За други деца најдобро би функционирал директен разговор лице в лице. Тонот нека биде смирувачки додека ја повторувате пораката: „Тоа беше застрашувачко, но сега сме на безбедно“. Не потценувајте ја моќта на прегратката.

2. Разговарајте за подготовките

Покажете му на детето каде ја држите опремата за итни случаи (торба со основни работи за брзо бегство од куќата во нужда), составете листа со луѓе на кои детето може да им се јави во итен случај и вежбајте ја постапката на јавување. Децата што се загрижени поради веројатноста дека ќе има уште земјотреси ќе се чувствуваат посигурни кога ќе видат дека мајката и таткото се спремни за брза реакција.

3. Задржете ја рутината

Иако звучи примамливо да се задржат сите членови на семејството на едно место, ако детето има дневни обврски, држете се до вообичаената позната рутина. За децата е смирувачко и корисно да ѝ се вратат на рутината. Обидете се да го одржувате времето за оброк и времето за одење на спиење колку што е можно повеќе во вообичаените рамки. Децата наоѓаат сигурност во рутината, а чувството дека животот оди напред ќе им помогне да се чувствуваат безбедно.

4. Препознајте кога ви е потребна стручна помош

Анксиозноста е нормална по случки како земјотреси, а кај децата може да се манифестира со различно однесување. Децата може да ја искажат анксиозноста на различни начини: регресија на сонот, контролирање на нуждата и однесувањето, плачење, „залепеност“ до родителите, раздразливост, страв од темнина, страв од одвојување, главоболки, кошмари.

Иако овие однесувања се вообичаени по трауматично случување, ако детето подолго време ги искажува, размислете за тоа да поразговарате со стручно лице и информирајте се како и со кои алатки ќе му помогнете на детето да се справи со анксиозноста.

5. Обрнете внимание на сопствената анксиозност

За децата, земјотресите се страшни на повеќе начини – поради изненадувачкото поместување на земјата проследено со татнеж и евентуални штети што настануваат, но и затоа што ги гледаат родителите во високо анксиозна состојба. Усвојте здрави методи за решавање на својот стрес и анксиозност, бидејќи тоа е најважниот начин на кој ќе му помогнете на детето по трауматичен настан каков што е земјотресот.

Децата најдобро учат од она што го гледаат. Затоа, ако со свој пример им покажете како успешно да управуваат со стресни ситуации, и тие ќе научат дека нивниот стрес е нешто со кое може да се справат.

Автор: Лиен Грифитс

Извор



912

X