Многу родители сонуваат нивното дете да порасне во самостојна и успешна личност со силен карактер. Но многу често не знаеме зошто се претвораат во личности неприспособени за живот. Родителите се прашуваат како се случи тоа? Дури и само една, навидум простодушна и ненамерна фраза може да влијае врз психата на детето.
Еве неколку фрази што родителите треба да ги исфрлат од употреба:
„Јас на твои години бев одличен ученик!“
За секое дете, родителите се луѓето што знаат сè. Тие го формираат односот на детето кон себеси и кон светот околу него. Во фразата „Јас на твои години бев одличен ученик!“ детето гледа конкуренција. Децата што често ја слушаат оваа фраза цел живот се докажуваат во семејството.
Од една страна, тоа е добро, но притоа детето не го остварува тоа заради себе, туку заради таткото и мајката. Ова го прави за родителите да увидат дека е личност што е вредна за нив. Таквата личност, практично, никогаш не ужива во своите успеси. Постои само еден исклучок, кога „родителот-одличен ученик“ ги признава достигнувањата на своето чедо, но тоа ретко се случува.
„Не те сакам кога не си добар“
По оваа фраза детето може да почне да се труди да биде подобро. Но, притоа ги отфрла сите свои потреби и желби обидувајќи се да ги погоди туѓите очекувања. На родителите тоа им одговара, но на крајот, идентитетот на детето останува затскриен.
Кога ќе порасне, ќе се обидува да им угоди на сите и ќе живее со девизата: „Сакам да ме сакаат, но затоа морам да правам како што сакаат другите. Немам свои желби, но затоа постојат желбите на другите“.
„Тања на полугодие има 5-ка, а ти 4-ка“
Родителите го посакуваат најдоброто за своите деца. Но, вакви споредби се многу болни искуства за децата. Децата ги носат и во возрасната доба. На детето му е многу непријатно кога го споредуваат со некој друг. Понатаму во животот таквите личности продолжуваат да се споредуваат со некој друг, но не во своја корист. Оваа фраза нема да предизвика желба за подобрување кај детето.
„Не срами ме!“
Поради ваквата фраза кај детето може да се развие комплекс. Тоа мисли дека е причина за срамење, не само за мајката, туку и за другите. Децата сакаат внимание, но не знаат што да прават со него.
„Не сакам ни да те гледам ни да те слушам!“
Дете што ќе ја чуе оваа фраза живее со чувство на вина пред родителите, смета дека е виновно што тие не живеат добро. Бидете внимателни со изјавите од овој тип.
Овие пет фрази треба да ги исклучите ако не сакате кај вашето дете да се формираат комплекси. На вашите деца повеќе кажувајте им колку ги сакате и колку се гордеете со нив.