Некои луѓе мислат дека човек се раѓа со талент. Често раскажуваната приказна за Моцарт, кој свирел на пијано на возраст од 3 години и компонирал на возраст од 5, уште повеќе ги поттикнува таквите размислувања. Но, еве го остатокот од приказната: таткото на Моцарт бил успешен музичар, композитор и инструктор. Бил посветен на тоа да го научи Моцарт и да му помогне да вежба напорно и да достигне совршеност. И покрај тоа, Моцарт не го создал своето прво ремек-дело до своите рани 20-ти години – по речиси 15 години напорна работа, вежбање и инструкции. Со талент не се раѓаме, го создаваме – а родителите можат да имаат најголем удел во сето тоа.

Услови за успех

Иако некои веруваат дека талентот е редок, психологот Бенџамин Блум размислува поинаку, откако ги истражувал најдобрите изведувачи во 6 области. „Што може која било личност во светот да научи, речиси сите други можат да го научат ако се обезбедат соодветните услови за учење“. Овие услови вклучуваат: ран почеток, инструкција од експерт, намерна пракса, центар за усовршување и цел.

Во книгата „Развивање на детските таленти: Водич за родителите“, пишувам дека на децата им е потребен менаџер за развивање на талентот, а често тоа е родителот.

1. Ран почеток

Семето на талентот обично е засадено рано и во домот. Студија открива дека 22 од 24 талентирани изведувачи – од шахисти до оние што се занимаваат со уметничко лизгање – биле „запознаени“ со талентот од страна на нивните родители, вообичаено на возраст помеѓу 2 и 5 години. Некои од тие родители биле тренери или се занимавале со истата дејност. Некои родители не биле поврзани со евентуалниот талент на детето, но обезбедиле соодветна средина каде што ќе се поттикнува и развива талентот на детето. Таков е примерот со Адора Свитак, остварено дете автор и презентер. Таа објавила две книги додека наполнила 11 години, а остварила стотици интернационални презентации, меѓу кои и „ТЕД токс“. Нејзините родители Џон и Џојс не биле автори, но го трасирале патот за постигнувањата на Адора. Тие ѝ читале „интересни и фасцинантни“ книги на Адора повеќе од 1 час, секоја вечер. Ја охрабриле да започне со пишување, ѝ помогнале да ги објави книгите и ѝ договарале ораторски презентации. Џојс ја оставила и својата работа за ѝ помогне на Адора во кариерата.

2. Инструкции од експерт

Шахстот Кајден Троф научил да игра шах на 3 години, додека ги набљудувал својот татко Ден и постариот брат како играат. Со малкуте ресурси за шах во близина на нивниот дом во Јута, Ден ги презел обврските на тренер. Учел за шахот од 10 до 15 часа неделно, за време на паузите за ручек. Читал книги, гледал видеа, ги проучувал игрите на големите мајстори, па креирал книга со специјализирани лекции за да му дава инструкции на Кајден. Кога Ден веќе не можел да држи ритам со развитокот на Кајден, договорил синот да добива лекции од големи мајстори преку интернет. Ден, кој бил банкар, плаќал 300 долари месечно за лекциите, работел прекувремено, како и неговата сопруга, а заедно поминале 400 часа за организирање годишни шаховски кампови.

3. Намерна пракса

Праксата треба да биде намерна: насочена кон одредена цел и надвор од комфорната зона на индивидуата. Шампионот во пливање Каролин Тил својата пракса ја опишала вака: „Некои денови додека вежбав беа исцрпувачки. Целото тело ми беше отечено и тешко беше да се пронајде мотивација кога имаш болки. Мозокот се исклучува, но телото продолжува и покрај болките во мускулите, тешкото дишење и нагонот за повраќање. Луѓето не сфаќаат колку е тешко, мислат дека ние пливачите само скокаме во базен и пливаме неколку кругови“.

4. Центар за усовршување

Кога ја прашав Џејд Аткинс, национален средношколски родео-шампион, зошто е толку талентирана, таа рече: „Гледај што сè имам, морам да бидам добра“. Таа пораснала на ранч за коњи во централна Небраска и почнала да јава на двегодишна возраст. Нејзините родители се исто така јавачи и професионални тренери, кои ја научиле сè што знае, со тренинзи кои траеле со часови. Семејниот ранч ѝ бил на располагање. Повеќето немаат таков центар каде што можат да се усовршуваат, па во таков случај треба да патуваат за да стигнат до такво место. На пример, тенискиот шампион Џек Сок постојано патувал до тениската академија пред целото негово семејство да се пресели во Канзас. Со поддршка од родителите, тој често одел на места каде што можел да се усовршува, заедно со професионални тренери.

5. Цел

Еден родител ми кажа: „Извонредното време што го вложуваме во една активност му ги одзема можностите за забава и игри“. Друг родител ми рече: „Не се интересира за училиште, моето дете се интересира за шахот. Едноставно живее и диши за шахот“. Кога ги прашав родителите на децата што играат шах зошто нивните деца се фокусираат на шахот на тој начин, тие тврдеа дека таа цел им причинува огромно задоволство и радост. Родителите треба да ја поддржуваат таа цел, за детето да постигне одлични резултати.

Патот на талентот

Иако има приказни за родители кои ги „тераат“ своите деца да се занимаваат со нешто, родителите со кои јас разговарав го препознаваат и развиваат талентот на децата, за активностите кои им причинуваат задоволство и ги вршат со голема страст и напорна работа. Родителите им помагаат бидејќи согледале нешто кое на детето му е потребно и само тие можат толку да му помогнат. На крајот, се разбира дека им помагаат на децата бидејќи  неизмерно ги сакаат и сакаат тие да бидат исполнети.

Автор: Кенет А. Кивра, универзитетски професор по психологија

Извор



912

X