22 Октомври е Меѓународен ден на свесноста за пелтечењето

Пелтечењето може да се јави помеѓу третата и седмата година, во периодот кога се јавува вербалното мислење кај децата, или на 7-8 години кога контактите се воспоставуваат во поширок круг на луѓе, деца и другарчиња, возрасни, непознати луѓе, учителка, комшии и други лица.
Може да се јават и форми на многу кратки пелтечења кај деца од 3-4 години и за овие форми родителите не би требало веднаш да се вознемират.

Има неколку форми на пелтечење:

Клонична форма – кога се повторуваат слоговите на почетокот на реченицата или во текот на реченицата.

Тонична форма – кога се имобилизира говорната мускулатура, и тоа придонесува да се закочи изговорот на зборовите во реченицата.

Клонично-тонична форма – овие две форми често се комбинираат.

Зошто се јавува пелтечењето?

Може да има повеќе причини за пелтечење. Некои од нив се:

Емотивност и срамежливост на детето, кога потешко се приспособува на опкружувањето, кај деца со позабавен моторен развој, со лоша координација на движењата и др.

Напната атмосфера во семејството, кога детето го оставаат само и се чувствува отфрлено.

Често се јавува и кај деца што ја користат левата рака – леваци, па се јавува во обид за пренавикнување да ја користи десната рака.

Поради силни емоционални доживувања.

Грешки направени во воспитување од страна на родителите, кога бараат од детето да зборува убаво и константно го опоменуваат за тоа.

Недоразбирања во семејството.

Семејно пелтечење, кое се јавува како последица од имитација или како наследен фактор.

Елена Трајкова, логопед

Како треба да се однесуваме кога имаме дете што пелтечи?

Во поширока смисла треба да се откријат и смират причинителите што доведуваат до оваа состојба, како срамежливоста, напнатоста или силните емоции воопшто.

Не треба да се поправа детето во секое време.

Доколку се појават симптоми на пелтечење, не треба да се чека, напротив, треба да се донесе детето на преглед со цел да добие правилни логопедски насоки за понатамошен третман.

Рехабилитацискиот третман подразбира:

-Логопедски третман, работа со стручно лице, логопед.
-Кај тешките форми на пелтечење се препорачува консултација со невролог.
-Ортофонска реедукација на говорот.
-Реедукација на севкупните движења преку вежби за релаксација.
-Модификација на планот за латерализација.
-Се менуваат навиките во семејството.
-Психотерапија.
-Медицински третман, медикаментозна терапија.

Во ЈЗУ „Завод за рехабилитација на слух, говор и глас“ – Скопје се работи со лица со пелтечење – деца и возрасни. За да се закаже преглед кај логопед, потребно е да се извади упат преку електронскиот систем на „Мој термин“.

Автор: Елена Трајкова, логопед



912

X