Ново истражување претставено на 25. симпозиум на Когнитивното невронаучно друштво открива дека приспивните песни не само што влијаат врз мајката и бебето туку и може да имаат корист во когнитивниот развој на бебето. Овие песни го зголемуваат вниманието и покажуваат позитивни емоции.
– Мозокот на новороденчињата треба да биде во можност да ги следи аудитивните настани на предвидлив начин за да има смисла за музика. Музиката е алатка што можеме да ја користиме за собирање на луѓето, а ова почнува уште на рана возраст – вели Лора Цирели, автор на истражувањето, од Универзитетот во Торонто.
Истражувачки тим предводен од Цирели ги анализирал начините на кои мајките им пееле на своите бебиња, во зависност од крајната цел: да ги смират или да си играат со нив. Мајките што учествувале во истражувањето им ја пееле песната „Трепкај, трепкај мала ѕвездичке“ (Twinkle, twinkle, little star) повеќе пати на своите деца, менувајќи ги веселите и смирувачки тонови. Истражувачите ги следеле реакциите на возбудување на мајката и бебињата, измерени преку кожата и однесувањето.
– Кога сме возбудени или под стрес, се зголемува нивото на возбуда. Кога сме мирни, се намалува.
Истражувачите откриле дека нивото на возбуда кај мајките било поголемо за време на забавата во споредба со песната што ги смирувало бебињата. Истражувачите пронашле координирани намалувања на возбуда кај мајките и бебињата кога песната била смирувачка. Во услови на забава, нивото на возбуда на бебето останало стабилно и се зголемило неговото внимание кон мајката и прикажувањето позитивна емоција.
– Наодите покажуваат физиолошки и бихевиорални промени во однесувањето кај мајките и бебињата во различни стилови на песни – велат истражувачите.
– Гледаме односи помеѓу ритмичките и јазичните способности, вниманието, развојот, слухот и социјалните интеракции – вели коавторката на истражувањето, Џесика Гран, когнитивен невронаучник и вонредна професорка на Универзитетот во Западен Онтарио.
– Секое чувство што го имаме или акција што ја правиме во светот се одвива со текот на времето и сега почнуваме да разбираме зошто луѓето се чувствителни на одредени видови модели во времето, но не и на други. Разбирањето на овие модели ќе ја информира не само основната наука, туку и потенцијалните музички ориентирани терапии за пациенти со невродегенеративни заболувања – додава таа.
Наодите не изненадуваат. Досегашните истражувања откриваат дека пеењето може да има огромно влијание врз интеракцијата на бебето со родителите и светот.
912