Иако денес сè поголем број родители ја осудуваат физичката дисциплина на детето, има и такви кои сè уште веруваат дека е дозволено малку да го удрите детето по задникот. Педијатрите предупредуваат дека децата не го менуваат однесувањето со овој вид казни, туку го доживуваат сосема поинаку.

Физичкото казнување на детето може привремено да го запре неговото „лошо“ однесување, но според истражувањето на Американското здружение за педијатри, тоа е најмалку ефикасниот метод за дисциплина. За да ја потврдат оваа теза, научниците ги испрашувале родителите кои користат поблаги форми на физичко казнување, како што е удирање по задник. Нивното објаснување за казната било следното: Детето ќе биде удрено, ќе сфати дека згрешило и на крајот ќе престане да го повторува однесувањето што резултирало со физичко казнување.

Сепак, резултатите покажале дека родителите на четиригодишните деца кои почнале физички да ги казнуваат своите деца на возраст од една година ги казнуваат исто толку често како и родителите кои почнале физички да ги казнуваат своите деца на подоцнежна возраст. Така, лесно е да се заклучи дека децата очигледно не можат да ги научат лекциите што родителите се обидуваат да им ги пренесат преку физичка дисциплина.

Како физичкото казнување влијае врз децата?

Наместо да ги научиме на подобро однесување, казнувањето има сосема поинаков ефект. Истражувањата покажаа дека децата чии родители применуваат физичка дисциплина се лути, тажни и понижени по казната. Исто така, педијатрите предупредуваат дека физичкото казнување може да резултира со агресивно однесување кај постарите деца. Имено, децата на крајот ќе почнат да користат обрасци на ваквото однесување и ќе заклучат дека удирањето е сосема нормална работа.

Дополнително, истражувањето спроведено на оваа тема покажало дека истите овие деца подоцна имаат многу проблеми со менталното здравје, а најчесто страдаат од депресија.

– Апсолутно нема никаква корист од физичкото казнување. Знаеме дека децата растат и се развиваат подобро со позитивен модел и поставување здрави граници. Родителите мора да научат да поставуваат граници на начин кој нема да биде штетен за нивните деца – нагласува д-р Роберт Сејџ, педијатар.

Извор



912

X