Сите се согласуваме дека ова ќе биде нашата реалност со која ќе живееме и понатаму, треба да се работи на соодветно истражување во правец на подобра превенција, но и на потикнување на имунолошкиот систем на сите деца. Новите соеви на ковид-19 се веќе силно присутни кај детската популација и симптоматологијата е различна, истакнува педијатарот Андоновски

Иако е лето и се очекува вирусите кај децата малку да стивнат, многу деца не останаа имуни на вирусите, ни на горештините.  Повеќето од децата лесно го поминуваат коронавирусот, со полесни симптоми, а кога станува збор за постковид-компликации, исто така, не се значително забележани, ниту пак докажани.

Со доктор Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар, разговараме на тема постковид-компликации и на што нѐ научи пандемијата кога станува збор за најмладите.

–  Компликациите се помногубројни доколку станува збор за организми кои се со доста присутни коморбидитети. Искуството кај децата покажа дека посебни покомплицирани последици, со емпириска и научна основа и анализа, не се докажаа. Секако дека децата што имаа одредени заболувања поминаа со потешка клиничка слика, но и процентот на летални случаи кај децата никогаш не се покачи во споредба и со светската инциденца, а кај нас дури можам со сигурност да кажам дека имаше само неколку случаи со летален исход, што означува дека децата беа навреме заштитени и дека поминаа со лесна проблематика – споделува доктор Ангелчо Андоновски.

Најмногу страда менталното здравје на децата

На почетокот од пандемијата сите научни кругови велеа дека се работи за мултисистемско инфламаторно заболување, заболување кое отворено може да се каже и да се види дека остави трајни последици кај многу пациенти, но кај децата, поради тоа што нивниот организам е млад и неистрошен, немаше нешто поспецифично да се забележи иако не отстапуваа во делот на промените во крвната слика и сето она што вообичаено се следеше како и кај возрасните, а тоа се хепаталните ензими, специфичните инфламаторни параметри, и хемостазната и дидимерната слика, објаснува Андоновски.

– Цитокинскиот лабораториски момент се правеше само во специфични случаи ако веќе можевме да го следиме тој процес и навремено да го препознаеме, а се внимаваше премногу и на фактот да не случајно дојде до сепса и да се избегне тој момент, говориме за децата што беа хоспитализирани. Таму се следеше и прокалцитонинот и другите параметри, како АСО и сатурацијата. Оваа го напоменувам како еден вид показател за да им се разјасни и на родителите и на сите граѓани што означуваше таа борба и како се постапуваше особено кога станува збор за кај децата инфицирани со ковид-19 – вели педијатарот.

Секако дека овој вирус може сериозно да го оштети детскиот организам, се говореше за постковид-појава на хепатит кој, според Андоновски, навистина имаше причинска врска, но ни оддалеку да стане број еден компликација.

– Јас ќе говорам и од една друга сфера, сфера која како и другите специфики се докажа дека претрпува страшни последици, а тоа е сферата на менталното здравје кај сите деца што ја поминаа и ја поминуваат оваа пандемија. Не само поради изолацијата, не само поради последицата од прележувањето или можните проблеми со крвните садови во мозокот, последиците врз белодробието и уште доста други за кои во нашата држава треба да се изработи една студија бидејќи досега немаше ни желба ни можност такво нешто да се покрене, поради немање соодветни можности од типот на емпирија и човечки фактор. Менталното здравје е многу нарушено и имаме појава на деца со аутизам, пречки во развојот, доцнење на говорот, АДХД, АДД, ментална ретардација и ред други развојни недостатоци кои во иднина ќе ни бидат огромен проблем. Ќе треба да се активираат многу институции и државата за да дојде до превенција и да може да се сработи оваа опасна проблематика – посочува Андоновски.

Олабавени мерки – повеќе заразени деца

Вирусот кај децата претежно ги напаѓа горните и долните дишни патишта, а сѐ зависи од тоа за кој сој на ковид-19 се работи.

– Како мултиорганско инфламаторно заболување, даваше и одредена слика зависно од самиот организам. Ќе напоменам дека доста деца беа заразени од своите родители кога дојде до олабавување на мерките. Инаку и кога започна училишната година, инциденцата беше иста. Во поновиот период, со олабавувањето на мерките и со слободното мешање, дојде до покачување на бројот на заразени деца. Повторно ќе забележам дека сега е изменета и клиничката слика кај новозаразените. Ги наведовме сите проблеми, како сегашни така и можните проблеми кои ќе бидат често гледани во нашата реалност и во нашата иднина. Сите се согласуваме дека ова ќе биде нашата реалност со која ќе живееме и понатаму, треба да се работи на соодветно истражување во правец на подобра превенција, но и на потикнување на имунолошкиот систем на сите деца. Новите соеви на ковид-19 се веќе силно присутни кај детската популација и симптоматологијата е различна, освен присутната досегашна слика на појава на сува кашлица, температура која сега оди и до 39,5 и тешко реагира на антипиретска терапија, до мускулна болка, главоболка и ред други поместувања – истакнува Андоновски.

Постојан надзор врз децата и јакнење на имунолошкиот систем

Кога станува збор за превенција, тој ја посочува пред сѐ хигиената.

– Да се работи на подобрување на сите хигиенски услови, хигиена не само на рацете, туку и на простории, прибори, воздухот во работните простории. Училиштата да се на највисоко ниво заштитени за да не се дозволи ширење, а и соодветно да одговорат на сезоната што претстои. Почитување на одредени мерки за кои сметам дека треба да продолжат да постојат, а тоа е носење заштитни маски на места каде што има огромна концентрација на луѓе, тоа не важи за училиштата бидејќи таму носењето на маските е нефункционално иако знаеме и апелираме во градинките и во училиштата да се пуштаат само здрави деца. Тука се наметнува и потребата од промена на системот на функционирање, па и со тоа подобрување на сите услови, како вентилациски така и на вработување соодветен кадар кој ќе биде задолжен за здравствената хигиена и култура во самите училишта – посочува Андоновски.

Тој им препорачува на родителите постојано да бдеат врз своите деца, да работаат на нивниот имунолошки систем, да го потикнуваат со помош на здрава исхрана, соодветна суплементација со витамини и пробиотици, да се грижат за нивното ментално здравје и за нивното физичко здравје.

– Апелирам од мали нозе да ги учат на здрави навики и на нова здравствена култура, која и ние возрасните треба да ја имаме, редовни контроли, редовна активност и проверка и редовно посетување на својот матичен педијатар ако се забележи каков било проблем. Се надевам дека оваа борба само со упорност ќе заврши со заедничка победа, иако имаме уште многу да сработиме, особено за здравјето на децата, сѐ за децата – апелира педијатарот Андоновски.



912

X