Родителите и учителите имаат само една задача: да му помогнат на детето да биде тоа што е, оптимално да се развие и да процвета како севкупна личност. Притоа родителите и учителите се како градинари кои грижливо го негуваат растението.

А најповолните услови за растење и развој се довербата, доследноста и јакнењето на детето, наместо сомнеж, страв и контрола кои се наметнуваат во современото општество, сликовито опишува норвешкиот педагог Годи Келер.

Како на духовит и топол начин да се облагороди знаењето на родителите за толку сериозна тема како воспитувањето деца? Како да се влијае врз срцата и умовите на воспитувачите, бабите, дедовците и сите оние што се грижат за децата, да ги развиваат своите вештини и храбро да ги преиспитуваат усвоените ставови, предрасуди и конвенции на општеството? Годи Келер, предавач и автор на неколку книги за воспитувањето, на своите предавања и работилници ги поттикнува слушателите и читателите на размислување и длабоко преиспитување околу овие прашања, па многумина велат дека тој не предава, туку инспирира.

Воспитувањето некогаш и сега

Пред дваесетина години еден загрижен родител му поставил едноставно прашање на Келер – како родителите да знаат што е правилно, а што не во воспитувањето и образованието на децата. Келер смета дека и денес ова прашање е камен на сопнување за многу родители. Тој, шегувајќи се, за себе вели дека е роден во средниот век, па неговите родители, кои биле обични работници, не се вознемирувале со прашањата околу воспитувањето или со читање образовна литература.
„Воспитувањето на децата тогаш било општествена работа, систем на вредности и непишани закони кои требале да се почитуваат. Како да се стрижат и облекуваат децата, уредно време за спиење, примерно однесување на улица и на школо – конвенциите биле толку силни што важеле за сите“, вели тој. Иако денес можеби се смееме на тоа, Годи Келер смета дека токму таквото време на родителите им давало сигурност.
„Меѓутоа, денес, ситуацијата е значително поинаква бидејќи родителството е целосно приватизирано, што со себе носи двоумење за правилноста на сопствените одлуки. Ако ме прашате мене, сметам дека ни се потребни училишта за родители во оние ситуации кога се чувствуваат несигурно…“

Како педагог со богато искуство во работата со родители и деца, се имате сретнато со многу човечки особини. На кои темели, според ваше мислење, се гради квалитетното воспитување?

Педагогијата е култивирање на неопипливото, а секој родител, како и секој учител, е градинар кој се служи со неповторлива алатка при воспитувањето на детето – сопствената единственост.
Никогаш не сум сретнал два исти родители или две исти деца. Но сметам дека развојот на детето исклучително се потпира на родителските особини, како интегритетот и автентичноста на нивниот авторитет како возрасна личност. Тоа значи дека родителот како комплетна личност му помага на детето да стане севкупна индивидуа, со својата автентичност го поддржува детето ‘какво што е’ и самиот ги применува пораките што му ги испраќа.
Исто така, важно е да се биде вешт набљудувач, да се набљудува детето со почитување и топлина така што навистина ќе го гледате, а притоа ќе ги оставите настрана критизирањето, интерпретирањето или претераната емоционалност. За многумина од нас денес тоа е голем проблем бидејќи не ја прифаќаме лесно улогата на неутрални набљудувачи.
Спознанието дека воспитувањето на детето е прашање на доверба, а не прашање на контрола, е порака за родителите да не се плашат и да веруваат во себе, а не во стручњаците.

Во времето во кое живееме се носиме со притисоци од различен интензитет. Кој совет би си го дале себеси ако денес првпат станевте родител?

Можеби денес уште повеќе би инсистирал на активност и извршување. Во секој случај, на детето би му оставил простор да ја користи својата енергија, избегнувајќи ја летаргијата, апатичноста и сивилото, кои ги сметам за најголема закана на денешнината. Би шетал со детето, со часови би престојувале во природа, би оделе на риболов, како што многу родители прават, и тоа е одлично!
Би се трудел да креирам поинаква програма од онаа што сака детето да го пасивизира. И секако би направил отстапување од кој било вид медиуми. Пасивните деца утре стануваат пасивни возрасни луѓе со кои може полесно да се управува. Дали некогаш сте запознале некој рибар, дрвосечач или земјоделец со дијагноза нарушување на вниманието? Не, затоа што правилно ја користат енергијата што им е дадена.

Дали може уште еднаш да ја допреме темата за доследност и граници во воспитувањето? Што се здрави граници?

Пак ќе се вратам на автентичноста: кога сте сигурни во себе, тогаш самите ги воспоставувате своите правила. Тоа сте вие, детето го чувствува тоа. Едноставно, пред сѐ вие сте добриот пример. Не треба да се претерува со правила, но најважните правила мора да бидат дел од вашиот систем на вредности.
Децата ги тестираат родителите токму на слабите точки за кои чувствуваат дека родителите не се сигурни или доследни. Кога, на пример, го праќате вашето дете во кревет неколку пати без резултат, дали навистина го мислите тоа? Забележувам дека денес родителството е многу несигурно подрачје на дејствување и сѐ помалку сме сигурни што е правилно, а што не е.
Наместо преговарање кое придонесува за создавање несигурност кај детето, би предложил што повеќе да практикувате храброст и јасност во авторитетот. Бесмислено е да му бидете пријател на детето. Солидарноста со која длабоко го прифаќате детето такво какво што е не значи дека се согласувате со сѐ што произлегува од детето бидејќи вие сте тој што знае на кој начин треба да се води животот. И детето ќе го прифати тој став.

Од друга страна, важна е и флексибилноста – дали се согласувате со тоа? Кога е во ред да се каже „не“?

Родителите често ми го поставуваат тоа прашање. Им одговарам дека јас побрзо би избрал „не“ ако се и малку несигурни или ако постои сомнеж во процесот на донесување одлука. Од друга страна, јасно чувствувате кога сте престроги или крути, кога сте отишле предалеку или кога не било потребно да се води битка.
Сепак, станува збор за индивидуален пристап кон секое дете и наслушувањето на самиот себе. Исто така, на родителите им велам да ги избираат битките што ги водат и им се важни, како и да бидат усогласени во нив и како партнери. Понекогаш поставувањето граници знае да биде навика, па постојано сте во борбена положба во однос на детето. Откажете се од она што навистина не е многу важно.

Јасно е дека школскиот систем не успева да задоволи многу потреби на детето. Која е најголемата слабост на денешниот школски систем?

Од многуте слабости на училиштето за кои зборувам на предавањата – а тоа се претераните обиди за стандардизација и мерење на немерливото – би рекол дека поттикнувањето на компетитивноста денес отишло предалеку. Поделбата на децата на победници и губитници е бесмислена. На компетитивноста, која ги почитува само победниците, местото ѝ е во спортот и некои други активности, а не во училиштето.
Така создадовме тренд кој денес го имаме во Европа, а тоа е напуштање на училиштето во многу висок процент, речиси 25 отсто – што е речиси четвртина од младите луѓе. И тоа навистина е ужасно. Кога детето е свесно дека не е доволно добро или прифатено, а згора на тоа вие постојано го тестирате и го мерите, тоа не го поткрепува развојот на неговата самодоверба, туку уште повеќе ја уништува, и затоа сметам дека тоа е злосторство со кое уништуваме многу млади животи.
Навистина верувам дека секое дете, буквално секое дете е талентирано! Постои цела низа таленти што ги имаат новите „дечки“ и не се само од логичко-математичка или јазична природа. Имате деца со ‘зелени’ раце, деца кои ги разбираат животните, уметници, фантазери… Сите тие се таленти кои не дошле само да седат и пасивно да усвојуваат разноразни програми и потребни им се на нашиот свет токму сега. Секоја мајка, секој родител и учител има една задача, а тоа е да му помогне на детето да биде тоа што е со сите вродени квалитети – да го оптимизира развојот на детето.
Погрешно размислуваме, создавајќи систем во училиштата кои се однесуваат како да се занимаваат со производство на колбаси – без разбирање на темелите на мотивацијата, животните процеси и динамиките на учењето.
На детето најмногу ќе му помогнете и ќе го зајакнете ако изберете да имате доверба во него и во животот. Вербата и довербата се многу моќна енергија. Да ја негуваме културата на доверба наместо културата на сомнеж и страв.

Автор: Ина Војводиќ



912

X