За родителството многумина од нас се подготвуваат уште пред да станат родители: учат од околината за начините за одгледување деца, учат од своите родители, земаат вредности кои ги сметаат за важни за одгледување дете, читаат книги, разговараат со веќе искусни родители… Но, всушност, додека немаме искуство, не знаеме како е да се биде родител. Можеби целото знаење паѓа во вода со првите непроспиени ноќи или соочувањето со реалноста која не одговара баш на нашите замисли.
Понекогаш од партнерот очекуваме да стане подобра личност кога ќе стане родител или да биде повеќе присутен и да даде поддршка. Понекогаш го очекуваме стариот начин на живот и не сме подготвени за промените што доаѓаат со детето. Бидејќи, се подразбира дека ќе успееме сè да балансираме и дека односот со партнерот и понатаму ќе остане таков каков што бил. Но, дали е всушност можно тоа? Ако земеме предвид дека во нашиот свет пристигнала нова личност, неискусна, зависна од нас и која бара внимание, како тогаш животот може да ни биде ист како и пред родителството? Во приспособувањето на новата ситуација и соочувањето со новите искушенија, партнерскиот однос понекогаш трпи, односно паѓа во втор план.
Она што често не го ставаме на ум е дека луѓето се менуваат. Кога зборуваме за промените, како повеќе вредност да си даваме себеси отколку на другите. Од партнерот очекуваме да биде оној истиот во кој сме се заљубиле. Очекуваме совршено да ги балансира своите обврски и да биде присутен во секој момент. А она што всушност не го гледаме е дека и ние сме се промениле. Некои приоритети во животот се промениле. Добивме нова животна улога – родител – во која е потребно снаоѓање и запознавање на самиот себе во некои други околности.
Па така ни се менуваат очекувањата и перцепцијата на она што го гледаме. Комуникацијата со партнерот се намалува или се влошува, нашите очекувања растат, а со тоа се менува и нашиот поглед на ситуацијата. Започнување со приговори, жалење, критикување и оддалечување. Се обидуваме со сите сили да докажеме дека она што ние го сакаме е важно и наидуваме на недоразбирање. Не е чудо што покрај детето и многу партнерски односи се менуваат.

Наместо настојување на менување на партнерот, да се погледнеме малку себеси. Да погледнеме какви сме во новата улога, да си дадеме време да се снајдеме во неа. Да ги разгледаме нашите очекувања кои ги лепиме за другото лице. Дали се реални? Ако сме одлучиле да го избереме овој партнер, во наша моќ е и да се грижиме за него. Но, за да се грижиме за него и да му биде убаво покрај нас, треба да се погрижиме и за себе. Да работиме на сопствено задоволство, исполнетост во она што го работиме, во комуникацијата и нудењето информации за тоа како се чувствуваме и што ни е потребно.
Ако не влегуваме во однос, односот нема сам од себе да се одржува. Запомнете: ако нема веќе пеперутки или животот е различен во моментот, тоа не значи дека вашиот партнер повеќе не ве сака и не се грижи за вас.
Автор: Сара Новак