Родителите што се подложуваат на третмани за неплодност наскоро ќе можат да го изберат полот на детето. Новата техника на избор на полот е ефикасна во 80 отсто од случаите. Иако идејата е контроверзна, техниките за сортирање на сперматозидите биле испробани и претходно, но според истражувањето објавено во „ПЛОС УАН“, новата процедура која ги одвојува сперматозоидите врз основа на тежината се чини дека е многу попрецизна и побезбедна.

Истражувањето опфатило повеќе од 1.300 парови, кои биле подложени на техника на сортирање на спермата, при што се користи специфичен повеќеслоен градиент на густина за да овозможи раздвојување на честички со различна големина врз основа на тежината.

– Спермата која содржи X-хромозом (женски) е малку потешка од спермата која содржи Y-хромозом (машки). Ја пуштаме спермата да плива во густата средина, па полесните сперматозоиди се искачуваат на површина, додека потешките остануваат на дното – објаснува д-р Џианперо Палерм, автор на истражувањето и професор по ембриологија и акушерство и гинекологија на „Веил корнел медисин“ во Њујорк.

Потоа, истражувачите ја избираат спермата и ја инјектираат во центарот на јајце-клетката. Оваа постапка е позната како интрацитоплазматска инјекција на сперма. Ембрионот е подложен на генетско тестирање пред имплантација за да се откријат хромозомски абнормалности или пол.

– Во студиската група, спермата добро се движеше, а техниката на сортирање на спермата на никаков начин не ја оштети. Здравјето на децата засега е добро, што е охрабрувачки факт. На 3-годишна возраст не е забележано доцнење во развојот – истакна д-р Палермо.

Наскоро оваа процедура би можела да им помогне и на паровите на кои не им се потребни третмани за плодност, забележува д-р Палермо, бидејќи паровите што се подложени на третман за плодност често однапред го знаат полот на ембрионот, пред да се имплантира.

Експертите велат дека постојат многу легитимни и неконтроверзни причини зошто едно семејство може да размислува за избор на пол на детето, како што е семејна рамнотежа или избегнување наследна болест поврзана со одреден пол. На пример, хемофилијата е наследно нарушување кое се јавува првенствено кај мажите.

Повеќето од паровите во истражувањето немале родова преференција. Но, меѓу 105 парови, 59 сакале девојче, а 46 момче. Од паровите што сакале женско потомство, 79 отсто од тестираните ембриони биле женски, а од паровите што сакале момче, речиси 80 отсто од нивните ембриони биле машки.

– Сè на сè, користењето на новата техника за сортирање на спермата е изводливо. Градиентите на густина се стандардна техника која се користи за сортирање на подвижни потешки сперматозоиди од неподвижни сперматозоиди – нагласи д-р Алекс Роблс, репродуктивен ендокринолог од Центарот за плодност на Универзитетот на Колумбија, потсетувајќи дека претходните техники за избор на пол биле неконзистентни и предизвикале загриженост во врска со безбедноста.

Постојат дискусии поврзани со етиката кога станува збор за изборот на полот на детето. Експертите велат дека анкетите и студиите покажуваат дека јавноста генерално го одобрува поимот на семејна рамнотежа. На пример, парот се одлучува за момче ако семејството веќе има три девојчиња. Исто така, постојат и други легитимни причини за селекција на полот, како избегнување болести поврзани со полот.

И како што технологијата станува сè подобра, се очекува и изборот на пол да стане понапреден. Покрај полот, експертите веруваат дека паровите ќе можат да ги изберат карактеристиките на своето дете, вклучувајќи ги висината, бојата на очите, силата.. Изборот на полот, исто така, може да создаде нерамнотежа во општеството, а промената во бројот на населението може да стане вистински проблем.

Извор



912

X